Zaha Hadid Architects и Bureau Cube Partners победници на конкурсот за идејно решение на Музејот на Никола Тесла
09.01.2025 • Информации Од регионот
Првата награда на Меѓународниот конкурс за архитектонско-урбанистичко идејно решение на новиот Музеј на Никола Тесла во зградата на поранешната Фабрика за хартија на „Милан Вапе“ во Белград, во износ од 60.000 евра, му беше доделена на проектот кој заеднички го создадоа британското архитектонско студио Zaha Hadid Architects и српското архитектонско студио Bureau Cube Partners.
Според мислењето на стручното жири, победничкото решение на најоригинален и најпромислен начин ги спојува богатото историско наследство на Никола Тесла и архитектурата на стариот Белград со современиот изглед на престолнината.
Познатото и повеќекратно наградувано британско студио за архитектура и дизајн Zaha Hadid Architects досега развило 950 проекти во 44 земји ширум светот. Победничкиот архитектонски концепт на музејот црпи инспирација од Теслината визија за магнетни полиња во комбинација со идејата за безжично преносување на електрична енергија. Сферичните површини и круговите создаваат впечатливо влезно фоаје кое ги води посетителите во Големиот атриум.
Изложбените галерии нудат едукативен увид во работата на Тесла преку историски артефакти, интерактивни прикажувања и мултимедијални содржини. Постојаните поставки на првиот кат ги комбинираат технологијата и нарацијата, додека флексибилната галерија за привремени изложби овозможува ротационо поставување, обезбедувајќи уникатно искуство за посетителите.
Најимпресивниот сегмент на музејот ќе биде „Галеријата на Теслиниот електричен трансформатор“, со капацитет од 12 милиони волти. На конкурсот пристигнале 46 пријави од Србија и странство. Стручниото жири по извршената евалуација, при што особено беа вреднувани богатството на идеи, високите стандарди на дизајн и посветеноста на одржливоста, додели повеќе награди.
Втора награда во износ од 40.000 евра му беше доделена на проектот чии автори се Зоран Шобиќ, Марко Филиповиќ и Срѓан Стојановиќ. Третата награда во износ од 20.000 евра ѝ припадна на работата што ја потпишуваат Вилијам Пул (William Poole), Џим Ричардс (Jim Richards), Бенџамин Вокер (Benjamin Walker), Иван Јанковиќ, Саша Поповиќ и Милутин Фолиќ.
Стручниот жири едногласно донесе одлука да ја додели специјалната награда во износ од 15.000 евра на проектот чији автори се Шчепан Вронски (Szczepan Wronski), Андреј Буланда (Andrzej Bulanda), Евекина Шелаг (Ewekina Szelag), Павел Воланџин (Pawel Wolanin), Малгоржата Бонович (Malgorzata Bonowicz), Матеуш Соколовски (Mateusz Sokolowski), Кристијан Томчик (Krystian Tomczyk), Јакуб Хлебовиќ (Jakub Hlebowicz), Лукаш Раковски (Lukasz Rakowski).
Првата фабрика во Србија изградена по Првата светска војна во 1924 година, ќе остане споменик на културата под заштита на Заводот за заштита на споменици на културата на Град Белград, но по предвидената адаптација, која ќе се финансира од страна на „Белград на вода“, ќе биде приспособена за потребите на музејот во кој ќе биде изложена целокупното наследство на еден од најголемите умови на сите времиња.
Резултатите од завршениот конкурс може да се најдат на официјалната веб-страница на конкурсот >>>
Автор на статија: Filip Koneski
Белград / Заха Хадид / Меѓународен конкурс / Музеј / Никола Тесла