Зебрњак, Кумановско / Корунович, 1937

Година на изведба: 1934-37

Автор: Момир Коруновиќ

Локација: на брдото Зебрњак, 6 километри од Куманово, покрај патот кон Младо Нагоричане

Извори:  sr.wikipedia.org; riznica.blog.rs; Политика 31.10.1937;  Време 6.10.1937; извор на насловна слика: www.satelit.com.mk;

 

Зебрњак е спомен обележје сместено на истоимениот рид во близина на Младо Нагоричане. Тој го означува местото каде во 1912г. во рамки на Балканските Војни, српските војници ги победуваат Турците, и го означуваат почетокот на ослободувањето на регионот од Отоманското Царство.

Оригиналната структура имала кула висока 48.5м и била највисоката градба на Балканот во тоа време. Нажалост во Втората светска војна Зебрњак е бомбардиран од страна на Бугарската армија и кулата е срушена. Денес го среќаваме само постаментот, како една мала трага на некогашниот импозантен објект.

 

 

 

Фотографија од денешна состојба / Филип Михајлов

 

 

 

Идејата за ова обележје доаѓа од одборот на војни ветерани на српската армија, кои десет години по Кумановската битката сакаат да ја обележат нејзината локација. Од денешна перспектива е тешко да ја разбереме важноста на оваа битка. Зебрњак била клучна стратешка позиција, и со овој пораз, Отоманското Кралство после векови ја губи речиси цела Вардарска Македонија.

 

 

 

Фотографии од денешна состојба / Филип Михајлов

 

 

 

Споменикот бил изграден од белградскиот архитект Момир Корунович, како структура од армиран бетон и базалт. Тој создава спој од масивно подножје и витка триаголна кула, градба која истовремено е силна и елегантна.

Екстремната височина на кулата имала за цел да ја претвори во визуелен маркер низ регионот. Таа се гледала од секаде, па дури и навечер кога се палеле газени лампи на нејзиниот врв, давајќи и го името „вечно кандило“ кое горело за паднатите борци кои почиваат тука.

 

 

 

Фотографија од оригиналната состојба при осветувањето на објектот во 1937г. 

 

 

 

Фотографија од оригиналната состојба 

 

 

 

Во приземјето на објектот се наоѓала костурница за паднатите српски борци од Кумановската битка. Над неа имало музејска изложба поделена во 8 одаи. Во самото дно од кулата била сместена меморијална капела до која се пристигнувало од надвор преку спирална рампа. Покрај рампата, на трите аглите од објектот, се наоѓале платформи на кои биле изложени оригиналните топовите од битката.

 

 

 

Корстурницата на паднатите борци / riznica.blog.rs

 

 

 

Спирална рампа која се искачува по надворешниот периметар на објектот / Филип Михајлов

 

 

 

Позади капелата се наоѓале стрмни скалила кои носеле до првиот од шестте спратови на кулата. Тие биле со различни височини и претежно ги содржеле скалите кои воделе до самиот врв каде имало неколку галерии и  каде виселе газените лампи.

 

 

 

Изглед и пресек / riznica.blog.rs

 

 

 

Надворешноста на кулата имала карактеристични декорации. Во пределот над капелата со големи бројки била испишана годината на Кумановската битка „1912“, а во горниот предел се наоѓал двоглавиот орел од грбот на Српското Кралство. На самиот врв на кулата стоел крст кој денес се уште е на локацијата, поставен на земја покрај самиот објект.

 

 

 

Фотографија од оригиналната состојба 

 

 

 

Макета од објектот која се наоѓа во музејската поставка во внатрешноста / Sashoilievski

 

 

 

Оригиналниот крст кој стоел на врвот од кулата / Sashoilievski

 

 

 

Внатрешноста на објектот била обработена со фрески од сликарот Живорад Настасијевич, кои претставувале теми од секојдневниот живот и ликови во народи носии.

 

 

 

Една од оригиналните фрески / Sashoilievski

 

 

 

Додека дизјанот припаѓа на архитектот Корунович, објектот бил изведен од Михајло Аранџелович, кој започнува со работа во 1934г. Наводно изградбата била исклучително тешка, напрвин морало да се направи пат кон локацијата, а потоа градежниците се среќавале со низа проблеми поради исклучителната височина.

Објектот бил завршен во 1937г. и бил свечено осветен на 25 годишнината од големата битка. Настанот собрал исклучителен број на посетители од регионот, вклучувајќи и дел од самите војници кои се бореле тука.

 

 

 

 

Зебрњак во изградба 

 

 

 

Извадок од весник од 1937 / Време 6.10.1937;

 

 

 

 

Зебрњак на свеченото осветување

 

 

 

По разурнувањето на споменикот во Втората светска војна, тој стои отворен и напуштен со години. Голем дел од коските во костурницата биле земени и расфрлани за на крај објектот да е затворен со бетон и камења.

Во 1985г. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Белград го започнува процесот на заштита на објектот во тогашното издание. Денес тој е заграден со ограда, и понекогаш е отворен за посетители.  Голем дел од коските на паднатите борци се уште се таму, во костурницата на приземјето. Додека на катот е сместена изложба за Кумановската битка  и оригиналната градба. Од оригиналните фрески е зачувана само една.

 

 

 

 

 

Фотографии од внатрешноста на објектот / Филип Михајлов

 

 

 

Фотографија од пристапот кон објектот / Macedonia best photos