Железничка станица, Битола / 1894

Период: Османлиско царство

Година: 1891-1894

Локација: Битола

 

Железничката станица „Битола“ е еден од најстарите и најзначајни транспортни јазли во југозападниот дел на Македонија. Станицата се наоѓа на југоисточниот раб на градот, како клучен пристап меѓу Битола и железничката мрежа кон Солун, Скопје и внатрешноста на Балканот. Во минатото била центар на транспорт, комуникација и развој на економскиот живот. Изградена е во периодот од 1891 година кога за прв пат почнала да се поставува пругата, па се до 1894 година кога објектот бил пуштен во употреба.

Во услови на остра конкуренција англискиот, францускиот, австроунгарскиот и германскиот капитал за изградба на железничката линија Солун – Битола победил последниот. Концесијата му била доверена на Алфред Каула со султански ферман во 1890 година. Изградбата требало да трае три години и 6 месеци, па така таа била завршена и предадена во употреба во 1894 година на 14 јуни. Првата делница Солун – Верткоп била пуштена уште во 1892 година, додека делницата Верткоп – Битола доцнела со изградба поради тоа што тешко се прокопувале тунелите и вијадуктите. Во изведувањето на работата на железничката линија учествувале вкупно 2 773 работници.

 

фото: https://ceipa.pmf.ukim.mk/mk/node/264

 

Железничката станица во Битола е дел од патиштето Солун – Битола, изградена во XIX век како вклопување на Македонија во широкиот систем на железниците на Отоманската и потоа Европската власт. Првата врска помеѓу Битола и Солун се отвора околу 1891–1894 година, а станицата станува дел од железничката компанија Société du Chemin de Fer ottoman Salonique–Monastir. Од тогаш станува важен јазол за патнички и товарни превози, а во периодот на Солунскиот фронт во Првата светска војна, станицата се користи за масовни воени и логистички транспорти. Станицата исто така била и главен пристап до градот за туристи, патници, трговци и се користела како централна точка за товарен превоз на земјоделски и индустриски производи од околината на Битола. Претставувала значајна врска на градот Битола со други градови и региони.

 

Историска фотографија. Извор: https://mk.wikipedia.org/
Фотографија од разгледница со железничката станица. Извор: ФБ група „Битола стари фотографии“

 

Урбанистички, објектот се наоѓа на југоисточниот крај на градот, со железничката линија која го поврзува со Солун, Скопје и внатрешноста. Со самото позиционирање, станицата е лесно пристапна за жителите на градот и претставува граница помеѓу градското ткиво и индустриската зона. Станицата се поврзува со градот преку пешачки и колски патеки, локални улици кои водат кон главните трговски и административни центри, паркинзи и неформални зони околу железничката линија. Сепак, овие врски често се недоволно координирани. Тоа ја прави станицата на некој начин „изолирана“, но истовремено важна точка на пристап до градот.

Архитектурата на железничката станица јасно го одразува периодот на нејзината изградба и функција. Се работи за едноставен, функционален, но масивен објект – типичен за првите железнички станици во Македонија. Главната зграда претставува кубичен корпус со едноставни линии и минимален декор, центриран главен влез, коридор што го поврзува влезот со чекалната и пероните. Централниот објект е на приземје и кат, а до него се прилепени два објекти на приземје. Главната фасада на станицата е ориентирана кон градот, со едноставна второстепена пластика со кои се потенцираат отворите кои се симетрично поставени. Како и секоја железничка зграда од тој период, внатре просторите се организирани по функција: чекална со клупи и мали шалтери, адмнистративни, технички и сервисни простории.

 

Историска фотографија. Извор: https://arpz.mk/wp-content/uploads/2020/01/Bitola.jpg

 

Железничката станица во Битола не е само еден од најстарите и најважните транспортни центри на градот, туку и важен архитектонски и урбанистички објект штого поврзува градското ткиво и локалното население. Таа ја покажува врската помеѓу историјата на железницата, развојот на Битола и формирањето на индустриското наследство.

Денес објектот сè уште функционира како железничка станица, реновиран и зачуван. Објектот претставува пример за ран модернизам кој бил граден во духот на европската архитектура со еклетктични елементи од повеќе архитектонски стилови. Тој е важен дел од наследството на железничката инфраструктура, архитектонски објект со потенцијал за употреба и интеграција во модернистички дискурс.

 

фото: ФБ група „Битола стари фотографии“
фото: ФБ група „Битола стари фотографии“

 

Користени извори:
„Историја на Битола“ – Википедија (македонски)
„Железничка станица Битола“ – Википедија македонски и англиски
„Железничка станица – Битола“ – Bitola Info
„Железничка станица“ – Центар за етнолошки истражувања и применета антропологија

Насловна фотографија:
„Железничка станица“ – Центар за етнолошки истражувања и применета антропологија