Тоа што земјотресот не успеа, ние ќе го довршиме – „Метропол“

February 20, 2016
Деновиве градот повторно ја актуелизира „реконструкцијата“ на фасадата на Метропол, објект на централниот градски плоштад.  Легендарна  зграда  на скопската модерна, кој ќе го изгубиме  под покровителство на градот.
 476166_340293162711263_2096465644_o
Институцијата „Град Скопје“, меша термини и не е свесна за градителското наследство на сопствениот град. Сето  тоа го прави со брзина на светлината, па скоро и да не е возможно да се реагира од страна на фелата. Секојдневно се најавуваат проекти и се демолира оригиналната архитектура на база на скапи и крајно неиновативни фасадни решенија, кои само наликуваат на некои од старите стилови. Ниту имаат пропорција, ниту е возможно да ги адаптираат модерните објекти на некаква еклектична естетика, затоа што ритмичката организација на прозорите, катните висини, влезови, решавање на внатрешната организација не е иста. Па добиваме смешни здепасти столбови, истегнати тимпанон надпрозорници, лажни двовисински прозори, стиропор скулптури и воздушни пиластри…..
За суштински да се разбере оваа „рефасадација“ на центарот на Скопје, треба само да ги заокружиме објектите и да видиме што се случува со нив на задната фасада. Од друга страна, на име реконструкција, се врши доградба, надградба, се умножуваат квадратурите во корист на нечиј бизнис.
Во една реченица: Градот Скопје, последниве години како да се обидува да го уништи сето она што ни замјотресот не успеа да го сруши.
 RBlPPyh
Менувањето на фасадата на Метропол создава воедно еден парадокс и контрадикторност околу проектот. „Намерата“ на Скопје 2014 да го возобнови „духот“ на дел од старо Скопје и „надополни“ строгиот центар на градот е спротивно на тоа што го гледаме во реалност.

Метропол - надградба и промена на фасада 2Менувањето на ликот и формата на еден од најиновативните и најстари објекти на градскиот плоштад е искривување на реалноста за митот на старото (предземјотресно) Скопје. Впрочем целосниот систем на вреднување и валоризација на нашето градежно наследство се става под прашалник.

Може да се запрашаме која е разликата помеѓу Ибни Пајко (1938) и Метропол (1933), и кој е вредносниот систем во примена за едната да не преставува културно добро.
10815320195_8981f9a1af_b
Метропол претставува ремек дело на модерната во Македонија. Подигната во 1933 година, со прочистена форма од секаква декорација со јасно читлива функција на фасадата. Проектирана од Милан Злоковиќ кој заедно со Драго Иблер (Градска болница) се меѓу првите архитекти кои се отргнуваат од неокласицистичкиот стил и творат во прочистена модерна форма.
14949999686_a21056ec1e_b
Формата на Метропол произлегува од самиот контекст на локацијата. Се надоврзува на штотуку завршената Народна Банка. Решавањето на аголот со продолжување на прозорите во приземјето и создавањето на лак во погорните катови е дијалог на архитектот со градот реката и тврдината.
Полукружното фасадно обликување на Народната Банка,  во основа се повторува и во објектот на Метропол. Кај банката учестувува во репрезентативната фасада кон плоштадот, додека кај Метропол е насочено кон Банката од каде е референцата. Истото е  умешно скриено во основата и само половина од него учествува во плоштадската слика. Пиластрата станува столб одвлечен од фасадата,  дефинирајќи ја  замислената рамнина на фасадниот фронт.
12666228_10153444673866167_870467991_n100 години модерна архитектура, придонесот на Македонија и Југославија (1918-1990)-Михаил Токарев
На тој начин не се наметнува, се воигрува со соседниот, прв објект. Висински го следи неговиот венец, оставајќи ја композиција на кулата на Народна Банка да е единствена во играта со спротивниот Офицерски Дом (како би се задржала композицијата на „порталот“).
10815320195_8981f9a1af_b
Злоковиќ, направил и одличен премин од веќе прочистената фасадна декорација на Народната банка до целосно чистата фасада на Метропол. Потоа тука се и целосно застаклените комуникациски јадра и  внатрешен атриум за поголема светлина што говори за рационалноста на архитектурата.
10996362_624260531037266_595972053068775310_n
На ова обликување, навистина  умешно и со почит ја продолжува започнатата мисла легендарниот Брезовски со својот објект „Нама“. До скоро повеќето граѓани не ни знаеја дека се тоа два различни објекти.
10339921565_db2d476706_b
Тоа зборува колку бил моќен и вреднуван јазикот на Злоковиќ, за да се следи неговиот фасаден израз, битен во дефинирањето на плоштадската вертикала и југоисточен хоризонт.
12767402_10153444673836167_473601568_n
Да се деградира Метропол ( Дом на трговска комора), значи  свесно да уништиш нешто, што за 100 години ќе е вистинска архитектонска археологија. Ова што го уништуваме сега, е еднакво на исчезнат археолошки слој, еднакво на бришење на историска епоха.
Во некоја светла иднина, како што на Канео, конзерваторите ги отргнаа залепните конаци и ја ослободија оригиналната фасада, или како во Аја Софија во Истанбул, исламската декорација е небитна и отргната од оригналните мозаици, да се надеваме дека идните генерации  ќе  го отргнат „туморот“ и ќе го вратат сјајот на оригиналната скопска модерна.
Материјалот го составија: Филип Конески и Мартин Ефремовски
Автор на статија: