9 години од Првото архи востание

Извори: Прва архи бригада

Пред 9 години, на иницијатива на група студенти од Архитектонскиот факултет,  кому потоа се придружија неколку професори и асистенти, како и луѓе од невладиниот сектор,  се организира Првото архитектонско востание. Истото имаше за цел да укаже на јавноста за узурпирањето на јавниот простор, нетранспарентноста на постапките при одлучувањето во архитектонско-урбанистичката сфера и агресијата на политиката врз градот. Протестот носеше слоган „Не го силувајте Скопје“ а директен тригер за излегувањето на плоштад беше објектот планиран на просторот меѓу тогаш City Gallery и градската кафеана „Пелистер“.  Студентите планираа мини перформанс, кој требаше да укаже на големината на површината за градба планирана за објектот ( црква Св. Контантин и Елена), преку „оградување“ на истиот држејќи се за раце.

Злоупотребата на политиката и нејзиното влијание во медиумите, создаде атмосфера дека студентите излегуваат на протест против црквата . Фанатизмот во религијата, игнорирајќи ги стручните аспекти на студентскиот протест (кој немаше религиозна позадина) предизвика за прв пат во историјата на Македонија, контра протест ( поткрепен од партиски членови, младинци, неинформирани верници и припадници на една навивачка група). Резултатот од истото беше оневозможување на студентскиот перформанс и физички напад од страна на поединци, вулгарни навреди, прогласувајќи ги студентите за антихристи и неверници. Некои од студентите беа гонети се до Градскиот парк од изолирани хулигански групи, други се соочија со пцости, плукање и помали физички повреди.

Годишнина од тепањето на студентите на плоштадот во Скопје

На 28 март 2009 година, студенти и граѓани излегоа на протест против најавата за изградба на црква на плоштадот Македонија. Беа брутално физички нападнати од контра-демонстранти кои носеа крстови, икони и транспаренти на кои пишуваше „Сакаме црква“. Подоцна се испостави дека планот на тогашната влада бил на плоштадот да го гради проектот „Скопје 2014“

Публикувахте от DW на македонски в Сряда, 28 март 2018 г.

 

Првото архитектонско востание за прв пат во македонското општество го поткрена прашањето за јавниот простор, за летаргијата на професијата и заспаните интелектуалци, криминалните урбанистички политики и злоупотреба на власта.  Директен успех на востанието беше зачувување на јавниот простор на плоштадот, свртувањето на вниманието на јавноста кон клучните спорни прашања за проектот „Скопје 2014“, потоа инспирација за  појавување на други студентски иницијативи кои ги предизвикаа постарите колеги на конечно организирање и поинакво делување во јавноста – кое пак вроди со иницијативата „ГО САКАМ ГТЦ“.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост повикот за протестот:

ПОВИК ЗА ПРОТЕСТ:

Драги сограѓани,

НАШИОТ град прилично брзо и сигурно се дави во кич од невидени размери и со несогледливи последици… Jавниот простор во НАШИОТ град го проектираат и планираат политичари-економисти и неколку нивни пријатели, архитекти- послушници, кои се во состојба да ја испроектираат и Ајфеловата кула, ако тоа го посака нарачателот. Секое независно мислење на историчарите на уметност и експертите од областа на архитектурата и урбанизмот се игнорира… Наместо јавни стручни дебати за развојот на градот, се изработуваат тајни конкурси и планови… Наместо потребите на граѓаните се решаваат потребите на партиите…

Затоа драги сограѓани, време е да престанеме да критикуваме на интернет форумите, време е да станеме од нашите удобни ТВ фотељи и да се приклучиме на АКЦИЈАТА: ПРВО АРХИТЕКТОНСКО ВОСТАНИЕ, која ја иницираме, ние, студентите од Архитектонски факултет, за наше добро… за доброто на Скопје.

Ова се нашите барања:

1. Бараме официјален став од Архтиектонскиот факултет во Скопје за
случувањата на јавниот простор од општествен интерес.

2. Бараме стручни трибини пред секое ново клучно превземање на гpадежни
работи.

3. Бараме најтранспарентни конкурси, огласи и урбанистички анкети, како и формирање на широки комисии со македонски заседавачи и странски консултанти, НЕПАРТИСКИ тела кои ќе одлучуваат за ваквите градби. Во краен случај и изјаснување на референдум како што се прави во европските градови, кога се носат вакви големи одлуки. Дотогаш, мораториум на градба!

4. Бараме политичарите наместо да инвестираат во кич архитектура, наместо да градат вештачки села за развој на селски туризам, наместо да цртаат инстант урбанистички планови, наместо да поставуваат градежни парцели на крајно не соодветни места, да ги насочат парите во зачувување на автентичноста и оригиналноста на старите градби кои веќе постојат и се распаѓаат од негрижа.

6. Бараме граѓаните барем за момент да се разбудат и да размислуваат со своја глава и наместо пасивни посматрачи, да станат активни креатори на својата иднина и иднината на градот.

Ние НЕ изнаоѓаме решенија за економската криза.
Ние НЕ гласаме во парламент.
Ние НЕ создаваме воени тактики.
Ние НЕ браниме во судници.
Ние НЕ оперираме луѓе.
Ние НЕ сме врвни спортисти.
Ние НЕ сме познати пејачи.
Ние НЕ сме ни влада ни опозиција.
Ние СМЕ архитекти и сакаме да создаваме АРХИТЕКТУРА белег на нашето време.

СРАМОТА е да се СРАМИМЕ од сопствениот град! Заедно да бидеме градители на новата слика!

Архитектурата се создава по ЧОВЕКОТ КАКО МЕРКА. Во нашиов град, кој го праша човекот?

Доста е со квази-трансформации на објекти-реплики од странство! Доста е со изградби на НОВО-СТАРИ ОБЈЕКТИ! Да создаваме во 21от век.

Архитектурата не е компјутерска игра! Архитектурата е професија, целосна посветеност и макотрпна работа. Архитектурата е искуство и начин на живот. Архитектурата не може тајно да се договара и да се крие. Резултатот е секогаш реален волумен во реалниот простор!”

>>>