О.У. „Јохан Хајнрих Песталоци“ / Алфред Рот

September 16, 2018

Година на проектирање: 1964

Година на изведба: 1966-69

Локација: ул. „Апостол Гусларот“ бр.3, Општина Центар – Скопје

Донација: Швајцарска влада

Автор: Проф. Алфред Рот BSA/SIA, Цирих

Инженери: C. Hubacher, Dr. E. Staudacher, H. Siegenthaler SIA, Цирих

Фирма и изведба: Г.П. Бетон, Скопје

Фотографии: К. Билбиловски, Скопје; Peter Grünert, Цирих

Извори: Магистерски труд / Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р. Македонија преку примерот на О.У. Јохан Хајнрих Песталоци – Ана Ивановска; Монографија „Песталоци“ – Кочо В. Костов, www.pestaloci.com

 

ВоведКога некој објект е создаден во време или место на некој значаен настан во историјата на еден народ тој станува споменик на тој настан и на тоа време.

И по својата уметничка вредност и како иновација во областа на асеизмичката изградба и како значаен пример на меѓународна солидарност и соработка, изразена по катастрофалниот земјотрес од 26 Јули 1963 година, архитектонското дело на професор Алфред Рот, коешто го носи името на големиот швајцарски педагог Јохан Хајнрих Песталоци е значаен споменик, изграден во центарот на град Скопје.

Од неговото отварање до ден денес тој споменик ја потврдува својата улога да биде не само основно училиште, туку и пример за асеизмичко градење, пример на значајни архитектонски решенија за современи училишни објекти, но и објкет каде можат да се одвиваат значајни образовни, воспитни културни и други општествени настани. – Кочо В. Костов

Историјат на училиштето

Градот Скопје на 26 Јули, 1963 година доживува катастрофален земјотрес со околу 2000 мртви и целосно разурнато центарлно градско подрачје. Швајцарија одлучува да собере средства, кои ќе ги искористи за изградба на училишен објект. Градот Скопје ја одредува локацијата, а фондот за реконструкција ги завзема сите средства приложени од Швајцарската донација.

-Пролетта 1964 година Швајцарската влада му ја доверува изработката на училиштето на архитект Алфред Рот, професор на Техничкиот факултет во Цирих, архитект кој долги години од својата кариера се занимава со прашењето на современата едукација и школските објекти.

-Во почетокот на јули 1964 година започнуваат првите договори со преставниците на Собранието на град Скопје за предложениот програм во однос на новата градежна конструкција за асеизмичкото градење (на инж. К. Хубахер), која во моментот на градење е пионерски зафат во областа на градежништвото во светски рамки.

-На 5 Септември, 1966 година е потпишан договор за изградба на училиштето, а 1967 година започнува градењето во соработка на швајцарските проектанти со градежната оператива на Г.П. Бетон, Скопје.

-По две години изградба на 12 Јануари 1969 година на роденденот на швајцарскиот педагог Јохан Хајнрих Песталоци чие име го носи училиштето, истото е свечено пуштено во употреба и ги отвара вратите за првите ученици. Самиот објект во тој период согласно распоредот на просториите одговара на нормите на Заводот за школство за изградба на секундарни училишни згради кои одговараат на швајцарските средни училишта.

-Од тогаш, во непрекинат период од безмалку 50 години училиштето функционира без поголемо интервенции и со непроменета функција како основно училиште.

ЛокацијаУчилиштето е лоцирано во поширокиот центар на градот, во станбената населба Буњаковец, која како значајна урбанистичка целина е формирана уште во дваесеттите години на 20 век. Пред земјотресот, на местото на сегашното училиште се наоѓало училиштето Петар Петровиќ Његош, кое за време на земјотресот претрпело значителни оштетувања.

Парцелата на објектот има неправилна форма поради нерешени имотно-правни односи со соседните парцели и истата никогаш не ја достигнува полната предвидена површина. Од јужната и западната страна, парцелата е ограничена со улици, а од исток и север со приватни имоти.

Иако проектирано за помал број, во моментот на отварање и денес училиштето има отприлика 900 ученици, а во најфреквентните години на своето работење и до 1500 ученици (во периодот од 1978 до 1988 год. кога училиштето работи во три смени).

Архитектоснко значење

Училиштето „Ј.Х.Песталоци“ има високо педагошко и културно значење за модерната архитектура на територијата на Македонија. Дополнително има силно изразен идентитет, висок квалитет на изведба и опрема, а со своите високи архитектонски и естетски квалитети врши влијание не само во локални туку и во меѓународни рамки – напуштање на коридорите, концепт кој се осветлува и вентилира двострано, квардатни училници, специфично ниво на опременост и сл.

Согласно сфаќањата на Рот за избегнување на формализмот, објектот е функционален одговор на педагошките барања; …„дизајнот на објектот не треба да служи на своите сопствени интереси, туку треба да произлезе од есенцијата на објектот, од функцијата што треба да ја задоволи“. Внатрешното функционирање на објектот е примарна грижа, а екстериерот негова внимателно дизајнирана видлива експресија.

Преку новиот концепт на училишен објект Алфред Рот ги надминува преголемите, монументални школски згради со недиференцирана просторна организација, со еднакви, мултиплицирани просторни единици, во различен степен функционални за различни педагошки потреби. Флексибилноста на планот е меѓу главните квалитети на објектот – „планот, конструкцијата и формата се замислени така да можат со мали трошоци внатрешно и надворешно да се вградат промените настанати во процесот на едукација. Како резултат функционалната организација на просторот е таква да во текот на своето долгогодишно работење, со мали трансформации кои не ја менуваат просторната структура, успева да се прилагоди на различните евулутивни промени во наставните програми и особено на различниот број ученици.

Конструкција, градежен материјал и техонологија на градењеВо однос на материјализацијата и употребата на современи материјали, објектот е сосема во тек со случувањата на тогашната светска архитектонска сцена (периодот на доцната Модерна). Доминантен видлив градежен материјал е немалтерисаниот армиран бетон (искрено покажан на фасадата), заедно со армирано бетонска челична конструкција, малтерисани ѕидови од тула, азбестно-цементни плочи како фасадни облоги, дрвени двоструки прозорци со платнени ролетни за заштита од сонце, линолеум, терацо и сл. Просторно-волуменските единици на објектот со својата димензија и со еркерите, аналогно се поврзуваат со традиционалната македонска народна архитектура.

Интенцијата на Рот (присутна и кај други негови објекти) е максимално да се рационализира градењето на училиштето, бидејќи ,,…на децата им е потребен простор, а не архитектонски луксуз…”. Целта е да се оперира со стандардизирани и префабрикувани елементи и да се создаде чист и нов изглед на економичен и рационален објект.

Конструктивно, објектот е проектиран и изведен по принципот на базна изолација со примена на асеизмичко темелење врз гумени перници (амортизери), што е прв објект од тој тип во Македонија и пошироко. Во смисла на новата противземјотресна конструкција станува збор за ретка (во тој момент – пионерска) асеизмичка конструкција – темелење врз гумени перници што го прави овој објект уникатен во времето на изградба, не само во локални, туку и во меѓународни рамки. Тој чекор претставувал голем практичен и позитивен напредок на планот за безбедни објекти и безбеден град. Се очекувало дека такви примери ќе има уште многу и дека тоа е само позитивен почеток, со оглед на тоа што Скопје требало да се развива како сигурен град, но, за жал, тој светол пример останува единствен. Затоа објектот денес претставува и посебен придонес на Швајцарија во општите противземјотресни истражувања на светско ниво.

 

Функционална организација

Објектот како целина е комплекс од неколку објекти – павиљони со различни функции (поделени според типот на активност што се одвива во нив) и отворен простор помеѓу нив. Главните функционални единици меѓусебе се поврзани со пониски делови во кои се наоѓаат секундарните функции: администрација, тоалети, коридори и сл. Врските се остварени со затворени коридори или полузатворени (отворени, но покриени) тремови.

Важни аспекти на просторната организација се: правилната ориентација на секој сегмент соодветно на активноста што се одвива внатре, поврзување на различните структури со затворени и полуотворени врски (тремови), подвоеност на тивки и бучни зони одвоени меѓусебе со различни објекти, подредување на просторот на димензиите на детето и сл. Главниот влез на објектот се наоѓа на западната страна.

Училиштето е проектирано без коридори со двострано осветлени училници, а меѓу нив наредени „куќи со скали“, популарни тогаш во Швајцарија кои прв пат се појавуваат на овие простори токму во ова училиште. Едноствано, преку елиминирање на ходниците на горните катови и групирање на училниците околу скалишните јадра се добива слободна организација и се овозможува истите двострано да се осветлат и вентилираат. Секоја од училниците има квадратна основа, бидејќи дава поголема слобода во во однос на долгите, тесни, правоаголни простории и овозможува рационална организација на наставата. Дополнително истите добиваат 1m широчина дијагонално на горната површина, при што се осветлува и задната зона од просторијата.

Три катниот училишен тракт содржи 18 училници, од кои, тие што се на приземје имаат дополнителна површина за групна работа. Специјалниот тракт во приземјето содржи: поливалентна сала за цртање, боење, настава по ликовно воспитување, одел за предмети по хемија, простории за теоретска и практична настава по домаќинство. Во подрумските простории има две работилници, а на горниот кат два аудиториуми со растечки седла за природно-научна настава, настава по физика , голема хемиска лабороторија, соба за колекции и фотолабороторија со специјално затемнета соба со вградена вентилација. Централната градба содржи: голема собраниска сала со сцена, библиотека, кабинет за вработени и 3 соби за специјални студии наменети за помали групи.

Просторот за општа намена е поставен централно и во него се влегува директно, од главниот влез на западната страна. Главниот елемент во овој дел е свечената сала – аула со бина која се користи повеќенаменски (за прослави, настава по музика, изложби и сл.).

На северозападниот агол на комплексот се наоѓа фискултурната сала која преку отворен, покриен премин е поврзана со салата за општа намена. Таа содржи две соблекувални, две простории за туширање, голема сала за настава, просторија за реквизити, просторија со надворешен влез и справи за работа на спортските терени и наставничка канцеларија со туш. Фискултурната сала е издвоена во посебен волумен со цел да овозможи независно користење од страна на жителите во населбата.Ваквата позиција на волумените, во средина на локацијата го формира школскиот двор, (до кој може да се пристапи од училниците преку тремот). Тука, имајќи го предвид значењето на отворениот простор за физичкиот, менталниот и морален раст, децата имаат можност да бидат во допир со природата, со широки површини за игра и спорт. Отприлика 1/3 од вкупната површина на школскиот двор ја покриваат отворените спортски игралишта, главно на северната и источната страна. Иако главно се користи како игралиште, Рот предвидува можно користење на дворот и како отворен простор за свечености (повторно соодветно на контексот и климатските услови).

Обликување – композиција и архитектонска естетика

Целосната просторна организација на училиштето, поради поделеноста на засебни волумени е асиметрична и динамична. Кубичните структури на објектот варираат не само според функцијата, туку соодветно и во нивните волумени, изглед, фасади, површини итн. Слично како и објектот на Баухаус, само со движење низ и околу објектот се стекнува впечаток за неговата вистинска просторност. Поради различните степени на затвореност/отвореност, просторот постои и се доживува во различни форми и димензии не само во објектите, туку и вон нив и помеѓу нив. Естетскиот израз на објектот е аскетски рестриктивен; идејата е изразена преку најелементарните средства: чисти површини, прави линии, прави агли, употреба на основни бои. Бојата е употребена како елемент во проектирањето (не како чиста декорација врз одредена површина) со цел да ја нагласи основната идеја, да обезбеди комфор, да биде позадина за случувањата или да акцентира. Целосната слика е оформена преку надворешниот видлив бетон, внатрешната природно лакирана дрвенарија, темносините рамки на прозорците; на одредени точки аплицирани се одредени колористичките акценти (жолто, црвено, светло и темно сино), во и надвор од објектот – на фасадите.

Во внатрешноста, ѕидовите се еднобојни, обоени неутрално со цел да овозможат животот во училиштето да ги „обои“ ѕидовите; „множтвото бои ќе го обезбедат децата и резултатите од детската работа – садници, цвеќиња, објекти за наставата… “

Целата столарија во објектот (сите врати и прозорци) оригинално е дрвена; прозорците се двоструки, тип „крило на крило“, а вратите се честопати комбинирани со стакло.

Како ѕидна облога користено е природно лакирано дабово дрво. За опремување на училниците воглавно е користен мебел од југословенско производство, а дел од опремата е испратен како подарок од Швајцарија.

Заклучок

За голем број на жители на Скопје, периодот на 60-тите сеуште има директна автобиографска вредност и е дел од текстурата на нивните животи, а земјотресот од 1963 година настан кој го изменил целокупниот изглед и живот на градот. Во таа смисла, настаните поврзани со самиот земјотрес и сите активности за обнова кои следат имаат посебна историска и мемориска вредност.

Денес по речиси 55 години., период сосема доволен за објективност во вреднувањето, се чини праведно да се отвори прашањето за вредноста на она што како директна последица на земјотресот е создадено во Скопје.

Имајќи ги предвид сите вредности и квалитети кои објектот ги содржи, како и законот за заштита на културно наследство во Република Македонија, голема неодговорност е тоа што институциите сеуште дозволуваат О.У „Ј.Х.Песталоци“ да го нема статусот на градителско културно-историско наследство од прва категорија во Македонија…

Само времето ќе покаже дали институциите ќе дозволат и ова значајно културно добро да биде нарушено од процесот наречен „енергетска ефикасност“, а МАРХ ќе продолжи со својата мисија да го спречи истиот.

Следната, односно третата објава од серијалот „Песталоци“ ќе ја објавиме во текот на утрешниот ден !

 

Автор на статија:

| / / / / / |