Црква Св. Никола во Куманово /Дамјанов

May 10, 2018

Година: 1851

Автори: Андреја Дамјанов

Архитект: Андреја Дамјанов

Извори: „Архитект Андреја Дамјанов“ - Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, journeymacedonia.com

Локација: Куманово

Насловно фото: Jorney Macedonia

„Во 1851 година, покрај другите поголеми урбани средини како Скопје, Велес, Кратово, Штип, и Куманово ја добива својата голема соборна црква. Таа е посветена на Св. Никола.

По својата просторна концепција оваа црква спаѓа во групата на карактеристични трикорабни базилики кои Дамјанов ги гради секогаш кога не е во можност да реализира куполна градба. Така, освен црквата во Осоговскиот манастир, сите дотогашни градби се со иста или слична просторно – волуменска дефиниција. Дури после овој објект, а почнувајќи со осоговската црква (инаку двете се завршени во иста година), Дамјанов ќе гради главно куполни цркви.

Основата на црквата Св. Никола е оформена од еден нагласено издолжен правоаголен простор поделен на три кораби со помош на два реда од по седум столба. Употребата на волкав број столбови во еден ред (исто како и во велешката и новоселската црква) ја потенцира нејзината базиликалност. Централниот кораб е речиси двојно поширок од страничните и забележливо повисок што се манифестира и на петтата фасада со базиликално надвишен покрив. Во внатрешноста, централниот кораб е нагласен и со начинот на покривање со четири слепи калоти, за разлика од страничните кораби каде што покривањето е само со полуцилиндричен свод. Меѓутоа, и во двата случаја, овие сводни конструкции завршуваат под косите покриви, без надворешна манифестациија.

Трите брода на објектот во хоризонталниот план се надополнети со по уште еден страничен кораб од надворешната страна. Тоа се тремовите кои од три страни (југ, север и запад) го обиколуваат главното тело на црквата. Над отворените тремови од приземјето, на катот се формирани галерии – трибини кои отворено гледаат во наосот на црквата создавајќи ефект на петобродност. И тука овие галерии се користеле како “женска црква“. На источниот крај галериите завршуваат со мали затворени капели кои, сепак, визуелно комуницираат со наосот преку решеткави отвори.

Над првата галерија во кумановската црква, слично како кај велешката, е формирана втора галерија. Таа се протега само на западната страна, на висинска кота од 7,70м. Гледајќи во наосот од оваа висина, доаѓа до полн израз монументалноста на црквата на Дамјанов. Наоѓајќи се речиси во поткуполниот простор, се добива можност за доживување на внатрешноста на храмот од божествена перспектива. Чувството на возвишеност тука е неодминливо.

Влегувањето во наосот на црквата е низ трите главни влеза – по еден на западната, јужната и северната страна. Нивното значење како главни влезови е потенцирано и со раскошно обработените портали. Основната композиција на порталите е иста како кај повеќето негови реализации – отворот, најчесто лачен, е врамен со неколку профилации и колонетки кои на горната страна ја носат лунетата која странично е закрилена со богата пластична декорација во вид на геометриски, вегетативни и зооморфни мотиви. Кај кумановските портали оваа пластична декорација е дополнително збогатена со човечки фигури, но и со чудовишни суштества. Според употребените мотиви и тематиката која ги поврзува, се чувствуваат изразени влијанија од европската романика.

Покрај овие главни влезови, има уште два многу поедноставни – едниот на јужната страна кој води директно во олтарскиот простор, а другиот на западната наменет за директен пристап до галериите.

Фасадните површини на црквата се дефинирани едноставно и чисто, без декоративни елементи. Единствено аглите од објектот се третирани нагласено со убаво делкан камен во две бои, а како завршница на еден од погорните камења се појавува пластично моделирана фигура на животно (овен, мајмун, птица и сл.)

И источната фасада е третирана со повеќе внимание. Трите апсиди на олтарот, протезисот и ѓакониконот се изведени од истиот убаво делкан камен со минимални фуги, но при нивното обликување Дамјанов е најстрог – тие се само полигонално склопени без никаква друга профилација. Внатрешната обработка на црквата е непретенциозна. Тука главно доминираат чистите линии на конструктивните елементи – столбови, лакови, сводови, куполи, кои со своите заоблени форми внесуваат доволна динамика во просторот. Употребата на профилирани венци, лакови, конзоли и сл. е сведена на минимум. Дури и капителите на столбовите се обликувани наједноставно, без пластична декорација, освен еден пред иконостасот, што можеби укажува дека првичната замисла за капителите не била така едноставна, и очигледно, докрај реализирана. Внатрешноста на црквата е особено светла заради, од една страна, добрата осветленост преку прозорските отвори, а од друга, заради чистите бели ѕидови кои не се живописани.

Кулата – камбанарија, која денес се извишува над централниот дел од првата галерија, најверојатно е доградена подоцна. До нејзе се приоѓа од нивото на втората галерија. Таа е осмоаголна во основата, а пет од нејзините осум страни се перфорирани со двојни лачни отвори. Покривањето на камбанаријата е со висока, барокно извиена, покривна конструкција која ја надвишува покривната силуета на главниот базиликален корпус на црквата. Според фасадното обликување, таа се разликува од останатиот дел. Кај нејзе најмногу се чувствуваат влијанија од европската еклектика, што не е општа карактеристика за црквата.“

Текстот во целост е цитиран од изворот.

Автор на статија:

| / / / |