Бесплатни проекти за граѓаните – нов удар врз професијата?

Според медиумите, деновиве владата на Р. Македонија најавува нов проект, а тоа се бесплатните проекти за куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 м2 (според печатените и ел.медиуми) за граѓаните кои немаат доволно средства да платат проект за својата куќа. На тој начин граѓаните ќе заштедат 1000-2000 евра (според владата).

Од прво читање,  смешното е што „граѓанинот“ кој нема пари, ќе гради куќа од 100, па и од 180 м2. Притоа ќе плати комуналии од 100 евра по м2 на општините (10.000-18.000 евра), ќе плати градежни фази на другите инволвирани струки, ќе купи градежни материјали од приватни фирми, ќе плати приклучок на ЕВН и се останато (инвестирајќи  30-70 000 евра) но, на архитектот нема да плати ни 1%!?

Ударот врз фелата, очигледно е бескрајна кога се работи за тековната власт. Покрај проектот кој го разори Скопје и модерното наследство, оригиналните објекти на македонските архитекти, очигледно на ред дојде и тивкото убивање на и онака ситните пари од проектите кои можеа да ги заработат архитектите.

Ситуацијата е следна:

-Во Скопје работат  двајца без тројца архитекти на проектот Ск 2014 (општествени објекти со голема квадратура);

-Фелата не е заштитена со минимум цена по м2 проектирање ( цената падна и до 1 евро по м2);

-Кога некој вели 2000 евра по проект заборава дека со 50-80%  од нив архитектите  ги плаќаат другите инволвирани струки (геотехника, геодезија, статика, водовод и електрика итн.), а го носат најголемиот ангажман вклучувајќи го менаџирањето;

-Никому не му беше познат конкурс за избор на типските куќи, ниту кој е авторот на тие проекти;

– Ситните проекти кои ги држеа во живот малите архитектонски бироа очигледно ќе бидат во опасност;

– итн. до бесконечност…. .

Дали е сериозно добронамерна идејата да се помогне или е само војна со професијата позади живиот штит на финансиски немоќниот народ?! Доколку владата сака да помогне како на социјалните случаеви, така и на фелата која е гурната на дното, може да финансира изработка на проекти за одредена класа на граѓани, но тоа да е на избор на граѓанинот. Во тој случај потрошувачот ќе одбере кај кое студио ќе се обрати  за проект, а владата само ќе ја плати сметката.

Типските куќи сами по себе не се зло, напротив на Скопје му се најдоа и те како после земјотресот, обезбедувајќи кров на многумина. Но, идејата да се одземе и онака ситната работа на проектантите е веќе сериозен аларм за придонес кон целосна деградација. Од друга страна, сите површини за градење не се исти, ниту имаат еднакво осончување, пристап до ел. и водоводна мрежа, сообраќајно поврзување.

Што би било следно, можеби укинување на Архитектонскиот Факултет, бидејќи професионалци не се потребни ниту за општествените ниту за индивидуалните проекти? Рационален и општествено-социјален урбанизам во Македонија скоро да не постои, сериозна архитектура уште помалку, а  стандардите кои општините ги спроведуваат се манипулирачки ( особено во делот со макс. висина на објект и паркирање), професорите за „џабе“ предаваат на студентите, кога студентите немаат ни каде да го применат наученото.

Архитектите работат за почетна плата од 9000, а се среќни ако земаат 12 000 денари во првите 5 години и така се во бескрај до крајно обезбеденото чувство кај јавноста дека не ви се ни потребни архитектите.

Архитектите потклекнаа (делумно од летаргија, дел од притисок) на се што се случува во македонското општество. Ниту се обединети околу асоцијацијата (чест на исклучоците) која треба да е водач во борбата за правата на фелата и главен промотор на нејзината работа. Единствено кога треба некоја награда да се земе или ете така за во CV да се стави некоја фотка се плаќа членство.

Тивко, сите да си молчиме и еден ден само од себе се ќе се среди!

Ф. К

 

 

 

 

 

 

Автор на статија: