Отворено писмо од архитект Мишко Ралев – претседателот на ААМ

Почитувани колеги професори,

Почитувани колеги студенти,

Драги колеги архитекти,

Со ова писмо ви се обраќам јавно, со цел да ја искажам мојата реакција во врска со случувањата во нашето општество поврзани со професијата која ја работам ‐ архитектура.

Мотивиран од последното случување со донацијата на проект за Град Скопје изработен од наш колега, архитект, решив на ваков начин да укажам на целата состојба во која се наоѓаме.

Накусо, ако реално погледнеме во целиот период на општествената „транзиција“, само нашата професија молчи, континуирано. Додека голем дел од останатите професии ја научија суштината и секојa од нив, на сопствен начин побудени од причини и поводи, искажуваат незадоволство од реалноста барајќи ги своите права наспроти должностите, ние архитектите, млади или возрасни, молчиме и сме целосно пасивни кога станува збор за нашите права. А да, секогаш сме стоеле на браникот на јавниот интерес. Дополнително, сите Национални Комори се активни, работат, присутни се во јавноста и на таков начин се поставуваат за партнери во креирањето на државните политики. Единствено нашата Комора на Архитекти молчи. Молчеше за Скопје 2014, молчи за Охрид и положбата на градот во УНЕСКО, молчи за начинот на кој би требало да ги брани нашите професионални интереси. Да, правени се обиди преку испраќани писма со назнака „Ургенција“ до Министерот, актуелниот потпишал, извршно ќе било кога владата ќе дала согласност, но нејзе ја нема и сé така со години се одолговлекува, а ние молчиме и скромно чекаме.

Драги колеги архитекти, сепак, денес скромноста не е врлина на паметните и мудрите. Напротив, тоа е врлина на празните, а ние не сме такви! Не можеме цел живот да работиме како да сме на „Младинска работна акција“ и да пееме сложно „Ние ја градиме пругата, таа нé гради нас“. Таа „пруга“ нас веќе не згази! За жал, морам да укажам дека ако во минатото верував и со искрена намера и чиста мисла ги учев и образував колегите студенти дека архитектурата е најплеменитата професија со која човекот може да се бави, сега го мислам спротивно – ние станавме „џогер“ професија. Секој и во секое време може со нас и нашиот производ да го избрише подот затоа што долго време подот е единица мерка за вреднување на нашиот труд, без трета димензија. Плочката и тулата имаат поголема цена од нашата работа.

 

Почитувани,

Дозволете, како Професор и Декан на факултет за архитектура и дизајн, како актуелен Претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и како активен архитект јавно да ве повикам сите вас ‐ Декани на факултетите за архитектура и сите архитекти итно да иницираме до Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, до Министерството за транспорт и врски и до Владата, во најкус можен временски рок да се озаконат тарифниците за проектирање и урбанистичко планирање и да ги стават во функција.

 

 

БОРБА ЗА ДОСТОИНСТВО НА АРХИТЕКТИТЕ И ИНЖЕНЕРИТЕ !!!

На темата marh.mk  пишуваше минатиот месец. Четивото можете да го прочитате на линкот  над ^^^

 

 

Евидентно е дека го допревме дното на нашата професија и занает. Проекти се вреднуваат според „негативна лицитација“, модел кој ниеден здрав и нормален општествен систем не го познава. Сведоци сме дека пред некој ден, верувам со издржани мотиви, беше испорачана и најниската цена за изработен проект ‐ чиста нула, без атрибут позитивна, нула, но како донација! Сепак, донација се дава и прима во хумани цели, се помагаат јавните Институции полесно да се справат со задоволување на потребите на ранливите групи во нашето Општество. Но, зарем Град Скопје е во финансиска немилост? Или, сите ние жители на Скопје сме ранлива категорија? Универзална сала е Институција за ранливи групи или е Институција која работи комерцијално? Нели се вели дека платеното е и најевтино? Да!

Младите архитекти се веќе ранлива група. Тие мора да имаат перспектива и тоа, системски дефинирана, а не ваква, како сегашната ‐ оставени самите да се снајдат, на улица. Професијата мора да се организира во систем со јасни критериуми на права и обврски и јасни правила со цел – да се добие видлив напредок во кариерата. Мораме да започнеме со општествено редефинирање на професијата. Само така, нашата Држава ќе добие релевантен, способен и доверлив Партнер кој ќе се занимава со можеби највредното, а тоа е просторот во кој сите ние живееме и кој за жал не е обновлив.

За крај, ајде сите ние – Учители и Професори од школите за архитектура да ја подржиме професијата и да ја издигнеме на степен на угледна, во општеството. Уште поинтензивно да работиме на пренесување на знаењето, вештините и техниките и да овозможиме академско знаење со кое колегите студенти од оваа професија достоинствено ќе живеат и егзистираат. Со нашиот алат – хартија и молив да се бориме општеството да ги препознае сите вредности на архитектите. Во спротивно, да имаме доблест и како до сега, со молчење да ги затвориме школите затоа што нашите дипломи единствено имаат вредност како суплементи за визирање пасоши и емигрирање, во некој подобар живот.

Апелирам да застане овој „Театар на апсурдот“ каде што ние сме ликови фатени во безизлезна ситуација и кои повторуваат бесмислени активности во форма на дијалози, полни со клишеа. А таа безумна игра на зборови никако да се реши, туку напротив, циклично се повторува во нови ситуации каде што, ама баш ништо не се случува неколку децении.

Тоа треба да се смени – сега и веднаш! Од нас зависи.

Проф. д‐р Мишко Ралев, Архитект

 

Писмото е превземено од изворот : Porta 3 >>>