Борис Чипан / 1918-2012

Извори: Архитектурата на почвата на Македонија, од средината на XIX до крајот на ХХ век – Книга 14 , МАНУ, 2006, Стара градска Архитектура во Охрид- Борис Чипан, ААМ – „25 ГОДИНИ награда за животно дело“. http://www.build.mk/?p=14111, Приватни фотографии на семејството.

„Станав архитект навидум случајно, но имаше во мене нешто што во тој момент се склопи во една идеја“. Преку напластените зборови во едно од неговите последни интервјуа, на изворен и концизен начин, самиот ја опишува својата професионална животна патека со која влегува во историјата на македонската архитектура и градителство како признаен проектант, професор, автор и конзерватор. Борис Чипан како вљубеник во родниот Охрид, како единствен македонски студент по архитектура во предвоената четврта деценија од 20 век во Белград, како учесник во обновата на слободна Македонија, како конзерватор на манастирската црква Свети Пантелејмон, како проектант на зданието на МАНУ, како професор на Архитектонскиот факултет и како автор на бројни стручни дела.

4 - чипан е бебето, 1918

Чипан (бебето) со семејството

Четири години гимназија завршува во Белград (1932-1936) со стипендија на воен генерал од Охрид, кој давал стипендии за школување на охридските деца, со цел потоа да се пријават во Воената академија. По матурирањето тој според договорот се пријавува во Воената академија, но нема да биде примен. Потоа со стипендија од Министерството за внатрешни работи, се запишува на Техничкиот факултет во Белград во 1936 година. Но во текот на првиот семестар се запознава со програмите на архитектонскиот отсек: акварел, историја на уметноста, историја на архитектурата, проектирање.. и одлучува веднаш да се префрли и таму да остане до завршувањето на студиите. Тука почнува приказната за Чипан како архитект.

1 - 1942

Како студент по архитектура тој ќе биде забележан како спремен студент, познат по својата дарба за цртање и акварел. Во 1940 година заедно со неговиот професор Бранислав Коиќ и студентите од неговата класа работи на снимање на конаците на Aвзи-паша во Бардовци, како и некои селски куќи во околината на Скопје и Охрид.

Havzi pasini konaci

По ова искуство проф. Бранислав Коиќ издава книга за селската архитектура и го повикува Борис Чипан да соработува со него, т.е. сите цртежи во книгата да бидат негово дело. Ова е значаен чекор за промена во програмата на Архитектонскиот факултет во Белград, затоа што доведува до напуштање на “чешкиот систем” на педантно исцртување со направи и тој се заменува со слободорачно исцртување на програмите.

3 (1938)

Чипан со другарите

За време на студиите на Чипан тој доаѓа во контакт со уште неколку професори кои имаат голем допринос во однос на неговото понатамошно изразување и творештво: архитект Богдан Несторовиќ – станбени згради и историја на архитектурата во стариот век, Ѓурѓе Бошковиќ – историја на архитектура, Богдан Поповиќ – историја на уметност. Тој соработува и со Дероко кој го повикал за исцртување на цртежите за неговата книга за средновековни градови и тврдини во Македонија. Во овој период Чипан се пријавува и за студентски конкурс за изработка на проект за културен дом, и дизајнира објект кој во својата архитектура содржи елементи од македонската градска куќа од XIX век. Тоа особено наишло на добар прием кај професорот Дероко, и Чипан за прв пат освојува прва награда на анонимен конкурс.

Во 1941 (и покрај сложената општествена ситуација на Балканот) дипломира на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Белград во класата на проф. Коиќ на тема: ,,Центар за селска населба”. По дипломирањето Чипан се враќа во својот роден Охрид, градот кој ќе обележи голем дел од неговиот архитектонски допринос. Од неговото специфично дружење во Белград, Чипан ќе понесе дел од истражувачкиот дух и љубопитност за новото, интересот и трагањето по традиционалното, историјата, старото..

1942 се префрла на работа во Техничкиот оддел при обласната служба во Битола;

1943 се вработува во Одделот за издавање дозволи за градба во општината Охрид;

1944/45 на ослободената територија на Пехчево, како инженер во војската гради мостови;

1945/46 работи на обнова на селата во Македонија

1946 назначен на служба во Градскиот народен одбор како референт за архитектура и

урбанизам (функцијата ќе ја извршува една година)

1949 назначен за прв директор на Заводот за заштита на спомениците во Охрид.

избран за хонорарен професор по историја на уметност на Техничкиот факултет во Скопје;

1950 Тој е еден од четирите инженери по архитектура во повоено Скопје ( Томоски,Чекеља, Артемушкин, Чипан)

1959 Се префрла од Заводот во Охрид на факултетот во Скопје

1960 Назначен за претседател на Друштвото на архитектите на Македонија. Во нивна организација ќе се случи и Првата средба и разговори за архитектурата, која ќе биде одржана во Охрид.

До заминувањето во пензија, Борис Чипан активно ќе учествува во создавањето нови генерации архитекти, со што остава неодминлива трага во севкупниот развиток на македонската архитектура. Бил сведок на создавањето на Архитектонско – градежниот факултет во Скопје и негов декан во периодот 1969 – 1971 година.

boris cipan

Од неговата богата публицистичка дејност неодминливо е спомнувањето на неколку размислувања преку кои визионерски успева да ги опише состојбите со градителството во Македонија што се провлекуваат до денешнината. Во трудот „Изразни средства на современата архитектура во градови со историско наследство“ издаден во 1970 година наведува: „Денес старите населби се загрозени од нова опасност. Стопанскиот стандард на македонскиот граѓанин знатно се зголеми, а потребата за замена на стариот станбен фонд стана акутна поради материјалната дотраеност на старата куќа. Се чини, меѓутоа, дека силите на архитектурата не напредуваат заедно со стопанскиот просперитет. Во таква ситуација загрозени сме од опасна дилема да го изгубиме драгоценото архитектонско наследство и да го замениме со нов фонд од се` уште незрела архитектура или да прибегнеме кон непопуларна, животно неаргументирана административна мерка на музејско чување“.

Публикации:

* ,,Стара градска архитектура во Охрид” – Скопје, 1955 и 1983;

* ,,Стара градска архитектура и урбанизација на градовите” – Охрид, 1964;

* ,,Македонските градови во XIX век” – Скопје, 1978;

* ,,111 тези за архитектурата” – Скопје, 1986 и 2002;

* ,,Св. Софија – Катедрален храм на Охридската архиепископија” – Скопје, 1998;

* ,,Долни Сарај – Епизода од историјата на Охрид со Џеладин-Бег” – Охрид, 2001;

* ,,Традиција и современост во архитектурата” – Скопје, 2005.

20150815_113753

Во неговиот животен пат неодминливо е враќањето кон родниот град Охрид. Преку сопственото творештво се стационира на вечно присутните проблеми со заштитениот град на културата од страна на УНЕСКО. На страниците од еден од своите трудови ќе запише: „Урбанистичката студија во графичкиот дел предлага и решение на партерот. Колскиот сообраќај, како дел од ставот во врска со целиот стар град, мора да биде третиран со значителни ограничувања. По правило, целиот јавен транспорт се запира на паркингот до Горна Порта. Меѓутоа, во комплексот внатре, водени се мали патишта за колски промет со пристап до училиштето, метеоролошката станица и галеријата со музеј. По овие патишта ќе можат да се движат само службени возила и тоа само во одреден временски период. Таков режим треба да обезбеди целиот комплекс, во неговиот поголем дел, да биде простор за пешаци“.

DSC00431

За својот Охрид, архитектот Чипан во трудот „Специфики на урбанистичкиот израз во Охрид и Струга“ издаден во 1978 година, ќе забележи: „Во туристичката сезона градот е преоптоварен, а во зимскиот период премногу е растоварен. Еднаш е преполн, а друг пат е празен. Во едниот период врие од живот, во вториот период е полумртво мирен. Се разбира, урбанизмот не е маѓепсничка дисциплина која овој конфликт може да го реши со волшебно стапче. Во таа смисла, напорите за таканаречено продолжување на сезоната и активирање на сите типови на зимски туризам, можен и во ова подрачје, остануваат како единствен императив. Доколку во оваа смисла повеќе се успее, дотолку проблемот за полно – празно ќе стане се` помал и помалу забележан“. За жал, неговите иновативни предлози од пред неколку децении сеуште не нашле вистинска подлога кај македонскиот естаблишмент.

Најнаградуваниот белег од творештвото на Борис Чипан е зградата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), за која ја добива најпрестижната југословенска награда за архитектура „Борба“.

МАНУ - Борис Чипан

Доајенот на македонската архитектура излегува и со свој став кон сопственото чедо, запрашувајќи се самосвесно како лично да го објасни истото. „Залудно е да се бараат аналогии по содржини. Академијата е монумент на современата и идната македонска наука и уметност. Помислувам на тврдина и ми се чини премногу студено. Шареноликата декорација на византиската црква би била демагогија. Ги отфрлам сите конкретизирани аналогии и се препуштам на: нагонот, кој во себе има веќе наталожено многу средби со историската архитектура. И кога делото е завршено, откривам дека во манастирските конаци на Св. Јован Бигорски стариот македонски мајстор создал импресивна монументалност во костен – дрво. Согледувам „чардак ни на небо, ни на земја“ од народните сказни, а во ентериерот, наместо студената празнина од феудалниот дворец, е создадена топлата интима на патријархалниот македонски дом“.

2

Извршил подготовка и конзервација на следниве објекти од историското наследство на Македонија:

Антички град – Стоби, Даут – Пашин амам и Куршумли ан – Скопје, црква Св. Софија – Охрид и манастирската црква Св. Пантелејмон – Нерези.

Во текот на плодната творечка кариера ги добил следниве награди:

1977 – 11-ти Октомври, за едногодишно остварување;

1977 – Борба, за објектот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ);

1978 – 7-ми Ноември, за животно дело, Охрид;

1983 – 11-ти Октомври, за животно дело;

1990 – Андреја Дамјанов, од Сојузот на архитектите на Македонија (САМ);

Позначајни реализирани дела:

*1954 Студентското летувалиште на Феријалниот сојуз во Охрид;

*1955 Аминистративниот објект на Заводот за социјално осигурување во Охрид;

*1956 Судките згради во Штип, Велес и Битола

Bitola sud-Boris Cipan

Судот во Битола

img_01

Судот во Штип

img_02

Судот во Велес

*1959 Фабриката за фротир во Делчево

*1959 Крајната станична зграда на жичницата Тетово-Попова Шапка;

*1959 Повеќесемејна станбена зграда со дуќани на ул. „Ѓуро Салај“ во Скопје;

*1976 Македонска академија на науките и уметностите -МАНУ

Lokacija3

Борис Чипан остави неизбришлива трага во културната историја на Македонија во втората половина на 20 век како творец-архитект, професор, теоретичар, конзерватор и хроничар на архитектурата.

A4012BA39DB28945AB447E05A647EAC9

Материјалот го приложи и обработи: Софија Стојаноска

Автор на статија: