Вонредна Сесија 03 – Формат: ИЗЛОЖБА

На 12.12.2017, во 18:00 часот во холот на Архитектонскиот факултет – Скопје, беше одржана третата Вонредна Сесија со наслов Формат: Изложба. Настанот беше организиран и модериран од Владо Данаилов, а соговорници беа професорите Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски и Максим Наумовски.

Во текот на целата дискусија беа презентирани многу изложби и беа опфатени многу прашања за тоа како треба да се организираат и третираат изложбите како важни настани помеѓу архитектурата, она што го гледаме и процесот на правење архитектура.

Главни сегменти за кои се разговараше беа: 1. Студентските изложби како педагошка алатка преку која не само што се учи туку и се претставува дел од образовниот процес; 2. Изложби кои што се од типот на БИМАС, БИСТА итн; 3. Биеналето за архитектура во Венеција; 4. Сопствените авторски изложби на архитектонските проекти и истражувања.

Дискусијата беше поттикната со прашањето зошто се архитектонските изложби важни и што тие всушност претставуваат. Прв се обрати Максим Наумовски кој даде одговор преку неколку аспекти: 1. Изложбата е важна бидејќи таа со нејзината автономна вредност, со нејзината способност има моќ да развие дискусија на различни аспекти која што треба да резултира со градење на архитектонска култура и дозволување архитектонски експеримент; 2. Многу е важно да се направи одредена дистинкција помеѓу изложување архитектура и архитектонска изложба. Разликата е иста како и онаа разлика помеѓу објект од една страна и архитектонска култура или архитектонски дискурс од друга страна; 3. Важна е публиката на која што ние и се обраќаме преку одредени можни иднини што би требало да се појават на такви изложби.  Архитектите и потесниот круг на роднини и пријатели се тие што ја посетуваат изложбата. Способноста да ја поврземе нашата професија со пошироката јавност е исто така важна.

Професорот Јован Ивановски се осврна на парадоксот на правењето на архитектонски изложби.  Тој врз основа на долгогодишните искуства потврди дека архитектонските изложби се разликуваат од уметничките. Двете поминуваат низ истите поставки на создавање, дискусија, комуникација за содржината и на крај се реализираат, меѓутоа за архитектите често пати процесот на производство на архитектурата, на мислење на одреден простор или територија исто така е составен дел на изложувањето. Во уметноста најчесто тој процес не го гледате, не гледате што правел уметникот, дали е видео, музика или друга уметничка форма.  Во тој контекст студентските изложби се повеќе демонстрација на совладани вештини, не се работи само за покажување финален производ, туку некој начин тоа повлекува во себе едно резиме од совладаните вештини во текот на времетраењето на проектот. Во таа смисла тие се разликуваат од другите типични архитектонски изложби и од другите уметнички изложби каде не е покажан процесот на работа.

Пред 5 години на Архитектонскиот факултет почнаа да се организираат студентски изложби два пати годишно, на крајот на зимскиот и на крајот на летниот семестар. Во тој даден миг се презентира целокупниот чин на учење на архитектура што се правело во текот на семестарот што изминал. Местото на студентските изложби е во факултетите, местото каде што се создаваат, од причина што тоа е најархаична форма на изразување. Студентските изложби не се деконтекстуализиран призвод кој што можете да го одвоите од процесот на работа, напротив покажувајќи го процесот ја има и педагогијата која што стои позади тоа, претставуваат одблесок на колективен труд. Исто така кога ќе се погледнат тие се демонстрација на тоа дали студентите совладале или несовладале одредени вештини. Раководителите на студијата се поставени како куратори во смисла на посредувачи во однос на тоа што е покажано. Постоењето на такви изложби на архитектонскиот факултет делуваат мотивирачки и тие се производ на чист ентузијазам на студентите и на наставниците, се изнесува резултат на академска слика која што ја движат идеали.

На прашањето каков е пристапот кон архитектонските изложби се обрати професорката Ана Ивановска Дескова. Архитектонските изложби без оглед на тоа што презентирате со нив дали е актуелна продукција или архитектонско наследство,  треба да се обратат кон пошироката јавност и во себе да имаат еден едукациски карактер. Многу често постои грешно мислење дека уметничките изложби се креираат, а архитектонските изложби само се закачуваат на ѕид и дека тоа се само некои постери каде проектот е прикажан.

Покрај многуте авторски изложби беа презентирани само неколку меѓу кои и првата во 2009 година која беше именувана како „100 000м2 за Скопје“ организирана од поширока група на автори која што беше изложба на проекти за три архитектонски конкурси (конкурсот за надградба на гтц, конкурсот за драмски театар и конкурсот за нови згради на универзитетот за информатички технологии) во Музеј на град Скопје. Неколку години подоцна е направена изложбата „OUTBOX“ која се состоела од 10 проекти за конкурси кои биле сработени во текот на 2010 година. Изложбата беше претставена и во списанието ORIS како вреднување на авторскиот труд. Во 2013 година беше организирана изложба под името „Невидливо Скопје“ – попис на неформалните јавни простори во градот, документарен проект, мапирање на градот на урбаните елементи во кој што се случува јавен живот за кој што јавноста не е доволно запознаена.

Ахитектурата е највистина најтешко да се прикаже во галерија и во музеј или да се постави на отворено. Токму заради предизвикот да се успее преку одредени алатки како текст, слика, идеја, простор и сл. да се направи комуникација со поширока публика.

Во текот на овој разговор според изнесените искуства беше утврдено дека и со минимални средства може да се направи импресивна изложба која е добро осмислена затоа што за една изложба не е важно само тоа што ќе се покаже туку и како ќе се покаже.

Венециското биенале за архитектура каде што во 2004 година Македонија за прв пат се претстави со свој павилјон на тема „Метаморфоза“ на која како автори се појавуваат професорите Митко Хаџи Пуља и Минас Бакалчев достигна невидено остварување. Проектот доби “honourable mention“, спомнат проект од венециското биенале заедно со Јапонија и Исланд.

Венециското биенале е глобален саем на знаења и идеи. Учествува во една хегемонизација која што шири одредена парадигма низ целиот свет, шири идеја и таа идеја ја прифаќаат многу земји во светот.

Македонија продолжила со своите национални изложби на биеналето и во 2006, 2008, 2010, 2012, за во 2014 година да се претстави проектот „Наоди“ во Арсенале каде што како куратор се појавува професорот Јован Ивановски. „Наоди“ претставува проект за модерната архитектура во Скопје каде што беа претставени највредните 50 објекти од периодот од  1914 – 2014 година, претставува истражувачки проект со документарна позадина. Авторите сметале дека треба да се препознаат архитектонските вредности на градот и да се афиримираат во меѓународната сцена.

Последователно на оваа ангажираност на поединци се појави прашањето дали постојат обиди или идеи за архитектонски центар каде што континуирано ќе се изложуваат проекти и она што е вредно? Дали постои можност за такво нешто кај нас и дали сме спремни за тоа?

На ова прашање беше констатирано дека на некој начин сеуште свеста е атомизирана околу тоа дали треба или не треба да се чува одреден материјал, содржина. Прво треба да се поседува материјалот, да се собере на едно место и одговорно да се чува, исто така е важно да има луѓе кои што ќе знаат да го интерпретираат. Изложбата се подготвува на ист начин како што се подготвува еден архитектонски проект. Изложбите треба да бидат проследени со посветеност, знаења и истражувања, познавања на материјалите итн. Улогата на кураторот е да селектира, постави нарација, таа нарација да има некаква смисла и тоа да се развие како продукт. Тоа е нешто што архитектот може подобро да го усвои и работи затоа што тој работи со просторот.

На прашања, коментари од студентите после впечатоците од разговорот се обрати деканот Огнен Марина кој од целокупната дискусија даде заклучок дека личниот дискурс се манифестира преку изложбите, тоа покажува дека од различните форми кога стануваат цел сами по себе прават една заситеност и го постигнуваат својот максимален капацитет на делување. Исто како што работата на конкурсите и списанијата така и изложбата е еден вид на внесување на јавноста во работата на архитектот, но исто така и претставување на архитектот и неговото дело во јавноста што е особено важно во овој момент. На тој начин се враќа релевантната улога, важноста на професијата во општеството и низ тоа важноста на процесот на едукација. Конечно одлуката да се студира архитектура и да се бавите со архитектура добива смисла токму преку можноста да се покаже тој ентузијазам кој прозилегува од вербата и важноста на професијата да излегува во поширокото општество.

 

Фото: Архитектонски факултет Скопје

Мартина Штериова