Во тек е петиција за панорамското тркало, Скопје – СТОП ЗА ПРОЕКТОТ!
05.01.2017 • Информации
Петицијата ќе биде доставена до градоначалникот на град Скопје, г-дин Коце Трајановски. За да се случи тоа на истата се бараат 10 000 потписи, а досега се собрани околу 7500.
Во петицијата се вели:
„Панорамското тркало треба да биде поставено на просторот меѓу „Телеком“ и новиот мост на реката Вардар што треба да се изгради помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“.
Барокното панорамско тркало е еден од најконтроверзните потфати во проектот „Скопје 2014“. Неговата изградба беше овозможена со промената на деталниот урбанистички план на општина Центар во 2010 година.
Во образложението на планот се вели дека парцелата во близината на некогашниот Офицерски дом ќе биде наменета за тематски забавен парк, со панорамско тркало за разгледување на градот.
Изготвувањето на проектот ѝ беше доверенo на австриската „Hotelconcept GmbH“, според идејното решение на „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија.
Финансирањето на проектот од Град Скопје во 2013 го презеде Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП откако Градот објави оглас за заинтересирани вложувачи, но практично зад финансирањето стојат јавни институции и државниот буџет кои како донатори треба да го снабдат скопското јавно претпријатие со дел од неопходните финансиски средства за претстојните градежни работи.
Во 2014 година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) одлучи да му донира еден милион евра на ЈСП-Скопје како помош при изградбата. Првичните проценки беа дека Панорамското тркало ќе чини 12 милиони евра, но тоа, уште неизградено, според склучените договори, веќе чини над 18 милиони евра.
Рокот за изградба е пет години. Панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од од 750 килограми, односно просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од кабините. Максималниот капацитет на Панорамското тркало ќе биде 300 луѓе. Како придружни објекти планирано е да се изградат кафетерија, сувенирница и ресторан.“
Автор на статија: Filip Koneski