Генерален регулационен план на Скопје 1947г. – Лудјек Кубеш

Извори: Домување како урбан фрагмент на примерот на Скопје, докторска дисертација – М. Бакалчев; Влијанието на урбанистичките планови врз дисконтинуираната просторна транзиција на градот Скопје во XX-от век, докторска дисертација – В. Пенчич.

Технички цртежи: Софија Стојаноска

Влијанија и концепт

Во педесетите години на минатиот век започнува нов период на урбанистичко планирање во Скопје. Во 1947, на група експерти од Чехословачката република на чело со Лудјек Кубеш е доверена изработка на регулационен план за град Скопје. Во 1948 врз основа на серија дискусии, експертизи и студии е изработен Генералниот регулационен план на Скопје (M 1/10000).


Планираната просторна екстензија на градот означува премин од централен, радијален тип кон линеарен град, темелен на една битна промена на просторното искуство со губењето на асоцијативните особини на изграденото. Во однос на програмата, планот од 1948, воведува една нова функционалистичка доктрина во дефинирањето на урбаното поле. Се промовира кнцептот на функционален град, изведен од доктрината на CIAM, Атинската повелба (CIAM IV 1933), и методите на поделба на градот на четири категории, принципиелни функции: домување, рекреација, работа и транспорт.

Новите просторни и програмски барања, се ставени во една нова политичка матрица на опшеството. Новата задача е “Да му се даде на Скопје, главниот град на Народна Република Македонија, се она што треба да има еден административен, економски и културен центар”. Да се овозможи и преформирање на градот во рамки на индустријализацијата на Народна Република Македонија, сите елементи да се поврзат во една урбана целина, градот да се ослободи од досегашните хигиенски, градежни и технички недостатоци, да се осигура во целост темел за здрав развиток на идните слободни генерации и работничкиот народ.

 

Генералниот регулационен план на Скопје

Во идеологијата на планот можеме да диференцираме три нивоа:

  • Конвергирање на градот и државата – градот го репрезентира државниот идентитет
  • Преформирање на градот според актуелната индустриска парадигма – машински град
  • Дефинирање на конпонентите на градот во единствен унитарен систем.

 

 

Функционални зони

Врз основа на резултирачките параметри, густина, број на жители и површина е генерирана основата на градот како еден функционален дијаграм, составена од диференцијални функционални категории: административен/трговски центар, станбена зона, културно/историска зона, научно/индустриска зона, зона на слободни површини. Описот на градот ќе го изведеме преку функционалната таксономија: домување, рекреација, работа и транспорт. Но, во планот од таквата примарна шема можеме да диференцираме еден специфичен опис: примарни елементи како серија урбани теми, составени од главните објекти и суперпонирања на функционалната матрица, составена од станбена зона, индустриска зона и зелена зона.

Уличен модел: Транспортната инфраструктурна мрежа е основна претпоставка за развиток на градот ( железница, патишта, канали, аеродроми). Главните транспортни линии се регионално детерминирани. Основната транспортна матрица, во централното градско подрачје произлегува од просторниот концепт на Ј. Михајловиќ: кружен прстен, ринг на десниот брег кој се трансформира во темата на тривиум на левиот брег, но во една различна просторна синтакса која произлегува од дисоацијата на уличните планови од изградената маса. Таквата основна предложка е суперпонирана со низа линкови, изведени од лонгитудиналната екстензија на градот, кои  ја експлодираат претходно поставената урбана форма на радијален град. Овој слој на транспортниот систем е дефиниран преку неколкуте основни пронципи: главната комуникациска линија (исток – запад), врска помеѓу железничките станици: главна патничка станица, станица север, станица тешка индустрија и кружен собирач кој не дозволува да влезе тешкиот транзитен сообраќај во градот.

         

Станбена зона: станбените површини се диференцираат преку серија станбени реони  (5000-6000 ж). Градот претставува систем на реони , со сите нужни културно – административни и спортски содржини. Станбените реони се делат на станбени блокови, со точно дефиниран карактер на сообраќајна мрежа. Станбените блокови со парковите чинат една целина. Од аспект на станбена типологија се исклучува затворениот параметарски блок (“затворен блок”) и се предвидуваат слободно поставени линиски блокови на кои им е дадена предност во однос на скопската клима, можност на правилно ориентирање, инсолирање, проветрување. Слободниот блоковски систем овозможува поголема слободна површина на еден жител .

Индустриска зона: индустријата/ индустиската продукција е парадигма на новиот урбан облик во методолошка и морфолошка смисла. Влијае на диференцирањето на новата урбана конфигурација: нејзиното позиционирање во однос на градот како и нејзиниот сооднос со партикуларните урбани компоненти ја конституира новата слика на градот. Лоцирањето на индустриската зона на источната страна на градот произлегува од доминантните правци на ветрот. Диференцирана е на две главни зони – градски сервиси на левиот брег на Вардар долж течението и појас на тешка индустрија долж источната траса на желеницата. Градските сервиси се во продолжение – интерконекција со републичкиот научен центар и заедничкиот станбен реон. Појасот на тешката индустрија е во комуникација со железничката – патната линија и станбената зона, формирајки една локална линиска диспозиција на градот.

Зелена зона: Во хигиенската програма на градот, како и во неговата морфолошка конституција, зелената површина е суштествена компонента. ,,Ги дополнува сите форми на домувањето, не е возможно да се замисли добар модерен стан без врска со зеленилото”. Зелените површини се дизајнирани во единствен зелен систем. Елементите на зелениот систем се во програмска релација со домувањето: детско игралиште во радиус 600 – 800м , спортско игралиште во радиус 1500 – 2000м  паркови во радиус 1500 м, шуми и големи површини за рекреација. Освен постојниот зелен парк на западниот дел од градот, се предвиува и нов парк во источниот дел. Двата паркови се поврзани со зелен појас по бреговите на реката Вардар, овозможувајки на зелената поршина да се провлекува низ градот. Западниот парк се проширува покрај брегот на Вардар и се поврзува со зелената повшина околу предвиденото езеро ,,Ѓорче Петров”. На исток се поврзува со ,,Буњаковец” и со шумските површини под Водно. На истиот начин и источниот парк се поврзува со зелените површини под Водно а преку кружниот собирач, со паркот околу научниот центар над Гази Баба. Резултатот на ваквата конфигурација на зелените површини е ,,Зелен град”.



Зошто планот не е изведен докрај?

Катастрофалниот земјотрес од 1963- та година ќе уништи повеќе од 80% од градот Скопје, создавајќи со тоа многу поинакви услови за негов развој од оние пред земјотресот. Во тој период иако изградбата на градот според планот на Кубеш не можела да продолжи , сепак, останал да се почитува начелниот распоред на зоните и многуте започнати урбанистички концепции: распоредот на станбените зони Карпош 1-4, Тафталиџе, долно Водно, Скопје-Север, Автокоманда, индустриската зона, зоните за рекреација на Водно, Сарај, Матка со уште тогаш планираното езеро за рекреација, внатрешните паркови на градот, гробиштата Бутел и др. Исто така биле задржани и главните сообраќајни потези, како што се влезните комуникации, северниот и западниот дел од железничкиот систем, и главната артерија на град Скопје, булеварот Партизански одреди.

 

Материјалот го приложи и обработи: Софија Стојаноска