Градски ѕид, Станбени блокови и кули – Скопје / 1968 год.
22.12.2015 • Литература ХХ век / II половина
Извор : “СКОПЈЕ ЦЕНТАР – ГРАДСКИ ЅИД, Станбени блокови и кули” Завод за станбено-комунално стопанисување на град Скопје, 1968
Материјалот го приложи и обработи: Моника Крстевска
Од изданието СКОПЈЕ ЦЕНТАР – ГРАДСКИ ЅИД, Станбени блокови и кули, издадено во 1968 година од Заводот за станбено-комунално стопанисување на град Скопје, споделуваме неколку извадоци и цртежи за урбанистичкото решение и положбата на станбените објекти во центарот на Скопје и композицијата на Градски ѕид.
Композицијата “Градски ѕид” беше проектирана од познатиот јапонски архитект Кензо Танге, после големиот земјотрес во Скопје, во 1963 година. Како составен дел од центарот на градот, композицијата го нагласува и обиколува централното градско јадро, а објектите се ситуирани десно од реката Вардар. Градскиот ѕид се состои од верижно поврзани блокови ( P+6, H=24m ) и кули ( P+12, H=45m ) – еден вид на прстенеста ѕидна рамка во модерна интерпретација.
Станбените блокови се со ориентација север-југ и североисток-југозапад, а становите во станбените кули се ориентирани во правец североисток-северозапад. Двата вида на објекти внесуваат разноликост во композицијата – кулите овозможуваат аерација на блоковите кои се виткаат кон центарот, а помеѓу станбените кули и блоковите се наоѓаат зелени површини, детски игралишта, градинки и простори за одмор, кои во решението се одвоени од надворешниот сообраќај со цел овозможување на безбедност.
Оваа композиција на блокови и кули, се состои со капацитет од околу 1814 станови, во кои се сместени околу 7800 корисници. Преку пристапни улици и пешачки патеки, композицијата воспоставува контакт со околината и во внатрешноста на истата се предвидени околу 1800 паркинг места, од кои, 1000 на отворено и под тремови, а околку 800 гаражирани во подземно ниво.
Структурата на становите во овие станбени објекти е :
- Гарсониери……………………………………….56
- Двособни…………………………………………308
- Двеиполсобни…………………………………..448
- Трисобни…………………………………………792
- Четирисобни………………………………………38
- Петсобни………………………………………….112
Освен тоа, секоја од кулите и блоковите беше предвидено да располага со помошни простории како – просторија за состаноци на куќен совет и игра за деца, двособен стан за хаузмајстор, работилница со остава, просторија за оставање на велосипеди и детски колички, заедничка сушална во мезанинот и сл.
Автор на статија: marh