Дом на печат – Приштина / Георѓи Константиновски
01.08.2016 • ХХ век / II половина
Автор: Георѓи Константиновски
Година: 1970?
Локација: Приштина, Косово
Извор: „Патот на еден архитект 1958-2013“ Контантиновски
Домот на печат во Приштина е проект кој професорот Константиновски го има добиено како понуда за доработка и слобода за промени на веќе изработено идејно решение од некој белградски архитект. Нарачката била добиена од проектантското биро „Уникоспројект“ во време кога Георѓи, функционира во своето студио „Андерграунд“.
Проектот бил замислен на приближна вкупна квадратура од 50.000 м2, каде по кратко време се заклучило дека приложениот проект на доработка не соодветствува за сеизмичката околина. По заклучоците од статичарите, било пристапено на сосем нов проект,, обликуван со една моќна хоризонтала и една моќна вертикала. Професорот најпрво започнал со решавање на административната кула , а потоа продложил со печатницата.
Кулата е четиристрана призма, со основа 30/30 метри, поделена на три паралелограми од 10/30 м. Сите вертикални инсталации во кулата се поставени на фасадата, со што се изема нивното присуство во ентериерот покрај ѕидовите. Решавана е по принципот на облакодери со централно комуникациско јадро и океански тип на канцеларии. Нејзината висина достигнува 80 метри.
3д модел
Печатницата е распослана на поголема површина од фудбалско изгралиште. Нејзината основа од 100/120 метри и вкупна бруто површина од 28 000м2 претставува сериозен архитектонско- инженерски потфат.
Партерот на локацијата е решен со посебен акцент кон вертикалата, пристапувајќи кон истата со широк плочник и корита за цвеќе и вода. Проектирана е и водена површина 40/8 м по должина на книжарницата со улога на водено огледало.
По административните промени во Приштина, објектот ја губи сопствената оригиналност, менувајќи му ја фасадата и функцијата со што, „бруталистичкиот“ идентитет е изгубен.
Ф.К
Автор на статија: marh