Дооформување на блок со културни и образовни содржини/ Соларска
23.11.2016 • Студентски проекти
Магистерски труд / Архитектонски факултет Скопје
Автор: Стефани Соларска
Ментор: Доц. д-р Михајло Зиноски
Тема: „ТРАНСФОРМАТИВНИ ТИПОЛОГИИ“ истражување на архитектонски концепти на програмски интегрирани објекти од општествен карактер
Наслов: Програмско и просторно дооформување на постоечки едукативен блок со нови содржини од областа на културата и образованието
Истите основни човекови потреби како засолниште, создавање и интеракција со луѓето и околината, се провлекуваат уште од настанокот на светот. Јасно е, дека со развојот на општеството и промените во него и човековите потреби се развиваат и менуваат. Исто како што за основен тип на сета архитектура ја сметаме примитивната колиба на Ложие, тоа не значи дека до денес таа останува иста во својата појава. Типот на куќа е истиот, но постојат безброј нејзини варијации низ историјата. Денес, обидувајќи се да се прилагоди на новонастанатите ситуации / социо-економски промени, архитектурата еволуира. Од пештерата, преку земјената куќа, па куќата од цврсти материјали, домувањето се сели во облакодери.
Античкиот амфитеатар на отворено прераснува во комплексен културен центар, малите пазари за трговски размени се искачуваат на нивото на трговски центри. Од друга страна пак, одредени објекти кои низ историјата вршеле одредени функции кои со развојот на технологијата и човековата мисла престанале да се користат, денес се пренаменуваат.
Така, напуштени фабрики стануваат канцелариски простори, а амами и анови се претвораат во уметнички галерии, изложбени простори и ателјеа. Кај овие објекти, сосема се губи примарната функција и се доведува нова, па со се менуват и нивните конотативни својства.
Трансформативните типологии претставуваат програмско и просторно архитектонско истражување и анализа во однос на примената и перцепцијата на постоечките и развивање на нови интегрирани типологии кои во себе вклучуваат повеќе функции со цел да имаат комуникациско значење.
Веќе постоечките објекти со промена на општественото уредување го губат своето значење, па тоа доведува до трансформации. Трансформативните типологии бегаат од традиционалните правила и ја напуштаат врската форма / функција, која веќе не е од корист ако говориме за повеќе функции во една архитектонска целина.
Враќањето на градот Куманово на културната сцена е од исклучителна важност за квалитетот на живот на граѓаните. Во последните години, неколкуте објекти од областа на културата се препуштени сами на себе, по што одредени, како Пионерскиот дом, сосема замреа, додека други со сите сили се обидуваат да ја поминат кризата и повторно да заживеат.
Токму од овие причини, како погодна локација за истражување и предлагање на нов архитектонски концепт е културно едукативниот блок, во централното градско подрачје, во чиј склоп се наоѓаат ОУ „Браќа Миладиновци“, Народниот театар, Пионерскиот дом, детска градинка и спортска сала на училиштето. Во непосредна близина е и Гимназијата „Гоце Делчев“.
Целиот блок е опколен / ограден со камено ѕитче, кое некогаш било поента на случувањата, “корзото” на Куманово. Новите генерации веќе не го користат ѕитчето како место за социјализација поради различниот начин на живот, поинаквите типови на социјализација и недостаток на програма и случувања кои би ги привлекле, во непосредна околина. Поради тоа, со вметнување на нови програми и креирање на квалитетни места, оваа локација има голем потенцијал да стане нов културно едукативен центар, ново збирно место на сите категории на корисници во градот.
Во овој момент главни корисници на овој простор се учениците од ОУ „Браќа Миладиновци“ и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ како и вработените и посетителите на Народниот театар. Не постојат повеќе различни категории на корисници, поради фактот дека нема програма која ќе ги задоволува различните интереси.
Архитектонски концепт
Главната идеја за концептот е да се дислоцира театарот во објект кој ќе ги исполнува сите услови за да биде Народен театар во еден од најголемите градови во Македонија. Со оваа одлука, просториите на сегашниот театар би останале на користење на училиштето за оддржување претстави, рецитали, патронати и разни други активности.
Предложениот архитектонски концепт има за цел во себе да интегрира програма од областа на култура, спорт и рекреација, образование, услужни дејности и трговија. Ваквата сложена програма резултира со комплексен објект кој ја почитува околината во која се наоѓа и одговара на опкружувањето.
Новопредложеното решение, најпрвин со врамување на парцелата, па понатаму со зонирање, односно вклештување на програмите, па преку делење и одземање од површината во основа, добива форма која ги почитува правците на улиците и соседниот објект – училиштето, од кое се оддалечува 8 метри, со цел непрекинато движење низ блокот и околу објектите. По вертикала, се развива и 7,5 метри под кота ±0.00 за да не доминира во однос на околните објекти, кои во најголем број се куќи со максимална катност П+2. Доминанта во силуетата е сценската кула, која е со височина на венец 15 метри.
Објектот се протега во правец северозапад – југоисток, со вкупна должина од 117 метри. Од сите страни на блокот е испроектирана велосипедска патека и тротоар и по целиот периметар се поставени дрвореди.
Хибридниот објект максимално ја користи парцелата, со џепови кои навлегуваат во неговата внатрешност кои резултираат со создавање на претпростори (платоа) кај театарот и културниот центар, односно двор кај детската градинка.
Феноменот на ѕитчето е пренесен во континуираната ограда со клупа која преку главните монументални скали се искачува до платоата, постојано е присутна и служи за социјализација и заживување на местото.
Образложение на програмата
Од југозападната страна преку широко плато, па вовлечен трем и вестибил, се пристапува во театарското фоаје. Тоа е на кота ±0,00, со цел да е лесно пристапно и да се има чувство дека овој театар им припаѓа на луѓето. Билетарата се наоѓа на самиот влез и е пристапна од надвор и од вестибилот. Во фоајето има завојна линија на движење, па преку барот, гардероберот и изложбените паноа се пристигнува до влезот во аудиториумот. Волуменот постојано се намалува како се приближува до влезната парија во аудиториумот, за тој премин да биде што е можно понагласен и салата да остави впечаток. Во фоајето е испроектирана и јасно одвоена сервисна зона во која се сместени тоалетите, барот, гардероберот и скалишното јадро кое води до повеќенаменската просторија на горниот кат, која може да служи како мала сцена, просторија за проби, сала за танци или перформанс, која може да ги користи гардеробите од спортската сала, која се наоѓа на иста кота.
Во гледалиштето се пристапува преку главното фоаје, во помало, внатрешно фоаје, кое е на највисоката кота на гледалиштето од каде што се полнат редовите.
Од северната страна е службениот влез во театарот, од каде што пристапуваат вработените. Теренот е на кота -1,00, па со скали се качува до кота ±0,00, од каде што движењето се насочува надолу кон бочната сцена, главната сцена, задната сцена, дел од гримиорните (сите на иста кота, -1,83), па работилницата (-6,00) и депото за сценографии (-3,00), или нагоре кон останатите гримиорни, просторијата за читачки проби, апартманите (+1,80), кабината за светло и тон (+5,00), просторија за изработка на костимите и депо за костими (+7,50) и административните простории (+11,00).
Непосредно до службениот влез е влезот за внесување на сценографии, реквизити, материјали, кои со платформа се носат до депото или работилницата. Вработените имаат директна врска со фоајето преку скали.Од северната страна се наоѓа и влезот во градинката која е со подигнато приземје и коридор за пристап до занималните ориентиран на север и кон улицата, а самите училни се ориентирани на југоисток и кон дворот. На приземјето се наоѓаат просториите за вработените и три занимални за по 12 деца од 2-6 години, а на катот уште една таква училна и две јасли за деца до 2 годишна возраст. Од сите занимални има директен излез во дворот или на тераса. Во подземното ниво има остави и работилници.
Од западната страна, најблизу до училиштето, е влезот кој преку скалишно јадро и лифт води првин до кота +5,00, каде што се гардеробите преку кои се пристигнува во спортската сала, како и повеќенаменската сала од театарот. На кота +10,00 се излегува на отворената кровна површина врз објектот каде што има мини скејт парк и можност за проекции на филмови на ѕидната површина на сценската кула. Од таму пак по скали и трибини се стигнува до отвореното игралиште на кота +12,90.
На јужната страна се наоѓа влезот во културниот центар, кој истовремено може да служи и како излез од аудиториумот. Фоајето е на кота -1,50 до која се пристапува преку наткриени скали и рампа. Во фоајето има бар, ресторан, кујна и тоалети. На катот се наоѓаат една училна, две повеќенаменски сали, администрација и тоалети. На кота -3,00 се наоѓа сала за танци со гардероби и тоалети, а на кота -4,50 се наоѓа ноќен клуб со бар и тоалети. Во подрумскиот дел се сместени простории за проба на музички бендови и остави.
На аголот на северозападната страна се наоѓаат три трговски единици со галериски простори, тоалети и магацини.
Овој културно едукативен блок со своите содржини, почнувајќи од предшколска возраст, па преку основно и средно образование, со сите пропратни активности како: театар, курсеви, танц, бендови, забави, скејт, дружење, има потенцијал да стане „место на мемории“, како за една индивидуа, така и за цели генерации.
Програмски интегрираните објекти од овој вид му помагаат на градот во остварувањето на неговата идеја за трансформација во колаж од дивергентни намени и корисници кој функционира на повеќе различни нивоа истовремено.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski
Едукативен блог / Култура / Магистерски труд / Образование / Стефани Соларска