ЖИВЕЕЊЕ ВО ПАРК / НИКОЛОВСКИ И ПЕЈОВСКИ
28.01.2017 • Студентски проекти
Архитектонско студио 5/1
Автори: Jосиф Николовски, Мирослав Пејовски
Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.
Проектна задача: Проектирање на станбен објект/и – Живеење во парк
Локација: Дебар Маало
Година: 2017
Место, просторност, карактер. Архитектурата би требала да ги сублимира, а резултатот да биде естетско – логичен распоред на простори со свој идентитет чија основна цел е да му служат на човекот, воедно и се создадени по неговата антропометрија. На кратко кажано, идејата за архитектурата во фокус го има општото добро, заедничкото над индивидуалното.
Интензивниот капитализам ги нарушува сите овие начела и токму спротивно, овозможува поединци да го контролираат изборот на луѓето. Нудејки само кров на глава со малку или воопшто никакви квалитети, а единствениот победник во таа ситуација е земјопоседникот, модерно, инвеститорот.
Градот се загушува во се помасивни, здепасти објекти со максимум станови, не војдеки грижа за останатите човекови потреби: социјализација, сонце, проветрување.
Просторна распостранетост
Решението, неговата просторна концепција е директно диктирано од околината. Кулата е поставена на најјужната точка на локацијата и има минимална широчина. Целта- минимална зафатеност на подлогата, оптимално осенчување (минимално и краткотрајно), издолжување на масата во вертикала. Поврзувањето- комуникациите хетерогено ја следат висината, а потоа се прекршуваат во приземјето, континуирајќи го уличниот фронт. Телото на комуникациите повторно се прекршува за да го обедини другиот објект. Хоризонталната зграда, контраст на кулата, лебди, ги пропушта луѓето, животот, под него, а воедно ја почитува околината, не и пречи, ја дополнува.
Организирање на станбени единици
Концизната поделеност на активно/ пасивно, односно комуникации/ дом, јасно ја открива компактноста на решението. Хоризонталниот објект може да го поделиме на 2 дела: станови дуплекси (во низа) и горниот кат, 4 собни станови (во низа). Пристапот до сите станови е преку бочен коридор. Кулата може да ја претставиме преку истиот концепт. Бочниот коридор станува вертикален тракт преку кој се пристапува во еден стан (на кат) – еднособен, двособен и трособен дуплекс.
Логичното поврзување на објектите е изведено со доследно повторување на модулот на кулата (660цм.) во краевите на хоризонталниот објект со цел да се интензивира униформноста и композицијата. Попречно помеѓу овој модул се повторува модул од 480цм. кој ги дефинира становите во низа.
Итервенција
Со човекот во фокус, проектот има намера да ги обедини ставовите на модерната. Формирање на плаза во центарот која има за цел да ја зголеми интеракцијата на луѓето е директно овозможена од подигнувањето на објектот на столбови и ослободување на приземјето. Одземената површина од тлото е вратена на кровот, формирајќи кровна градина, а меѓусебната интеракција на луѓето е дополнително зголемена со додавање на простор за проекција на филм, театар, средби, настани. Поврзувањето на објектите преку комуникациите (хоризонтални, вертикални) дополнително добива поента со сместување на основните секојдневни сервиси (маркет, бербер, перална, фурна, кондураџија). Тука човекот пазари/ завршува работа без воопшто да го напушти објектот.
Концепт- мегаструктура
Решението јасно определува два физички концепти, концепт на движење- комуникации (продолжение на улица) и мирување- дом. Ваквата поделба иницираше концептуална замисла за мегаструктура која може да се шири линиски, шематски, непланирано, притоа секогаш да овозможи адекватни инсулациони фактори и голема површина за социјализација.
Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис
Автор на статија: Ноеми Чаусидис