ИАЕСТЕ семинар SID – Strategic IAESTE Development

ИАЕСТЕ Македонија е волонтерска студентска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети веќе 24 години. Преку ИАЕСТЕ студентите при сите државни универзитити добиваат шанса да стапат во контакт со некои од најреномираните македонски и странски компании, како и да заминат на платена стручна пракса во странство.

ИАЕСТЕ Македонија денес има околу 40 полноправни членови и уште 80-тина активни во сите локални комитети во Македонија – Скопје, Битола, Охрид и Штип. Нашата активност и ажурност, распознаена и на интернационално ниво, е заслужна за организацијата на претстојниот ИАЕСТЕ семинар SID – Strategic IAESTE Development, втор по големина и важност во ИАЕСТЕ на светско ниво, на кој Скопје, Македонија е овогодинешниот домаќин.  

Од 4 до 7 мај годинава во Скопје ќе пристигнат повеќе од 60 делегати, претставници на студентските и професионално водените ИАЕСТЕ комитети. Поголемиот број делегати  се од земјите од Европа како Германија, Швајцарија, Велика Британија, Ирска, но пријавени се и делегати од подалечните земји како САД, Таџикистан, Индија, Палестина. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата www.sid.iaeste.org.mk

Оваа културна размена е од голема важност и за ИАЕСТЕ,  и за Македонија како домаќин. Доаѓањето на странските делегати придонесува за промоција на Македонија во светот и ги спојува високо образовните институции, претставниците на бизнис-заедницата и домашните компании.