Од денешната дебата на скопскиот саем
02.03.2016 • Информации Став
„Урбанистички план – просторот како ресурс или роба за продавање“
беше темата на денешната дискусија организирана од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Дискусијата ја водеше претседателот на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, додека учесници на истата беа проф. Мирослав Грчев, проф. Влатко Коробар, архитект Дамјан Цингарски вработен во општина Центар и архитект Мартин Пановски од скопското студио „Радиус“.
На истата беа поканети и претставници од државните институции, меѓутоа, како и на сите случувања досега не го потврдија своето учество. Покрај главните говорници, дебатата беше проследена од голем број луѓе од професијата, архитекти, професори, асистенти, студенти, планери и земаа активно учество во истата.
На дебатата се зборуваше за сите тековни проблеми и случувања во полето на урбанизмот и архитектурата. Меѓу нив беше посочена законската легислатива како темел на повеќето проблеми, каде се случуваат несоодветни закони за легализирање на дивоградби, дозвола за градење вон урбанистичките планови и честа промена на законот за градење.
Менаџирањето на професијата и способноста на еден архитект да се снајде во тој хаос е константно отежната, незаштитени од комората, која очигледно нема сили да се справи со проблемот каде доминираат градежните инж. Дури се посочи и потребата од одвојување на архитектите од постојната комора и формирање на своја комора, независна од струките кои немаат познавање за архитектонско-урбанистичките делувања во просторот.
Од проблемите во функционирањето на општините, преку проблемите со невозможното проектирање квалитетна архитектура со условите на правилниците, укинувањето на институциите како Заводот за Урбанизам и нестручноста на комисиите кои доделуваат лиценци во Р. Македонија, беа дел од споменатите точки на очајната состојба на професијата.
Навистина се доби впечаток на дебатата, дека таа одамна требаше да се случи. Се наметна и ставот, дека е крајно време фелата да се организира и да го побара своето место во општеството. Да се надеваме скоро на следната средба!
фотографии: Борис Јурмовски
Ф.К
Автор на статија: marh