Македонско архитектонско писмо и архитектонските писма низ светот
03.12.2015 • Истражување Студентски проекти
Материјалот го приложи и истражи: Сара Симоска
„Архитектонско писмо”
Архитектонскиот факултет во Скопје (подолу АФС) традиционално како прва задача по предметот архитектонско проектирање изучува проектирање на буквите од македонското кирилично писмо. При тоа студентите од прва година кога цртежите се цртаат на рака треба да го користат архитектонскиот кириличен фонт. Многу од македонските архитекти во текот на целиот живот го користат овој фонт. Па така лесно можете да препознате архитект по начинот на кој пишува.
Кога професор објавува известување на огласната табла во АФС, фонтот е секогаш архитектонскиот и повозрасните професори имаат некоја растреперена линија на буквите што покажува извесна мудрост за личноста која го напишала известувањето. Најчесто архитектите пишуваат со пенкало со мастило. Архитектите се секогаш пребирливи за алатките за пишување кои ги користат. Ракописот треба да биде кохерентен со нивото на префинетост на цртеж кој архитектот се очекува да го создаде.
Известување на огласна табла од Професор Митко Хаџи-Пуља
Ваквата традиција потекнува од времето пред употребата на компјутерите во професијата, кога архитектите цртале на рака. Во архитектонските компании, сите цртежи произведени на рака биле проследени со текст кој го опишува цртежот. Многу често на еден цртеж работеле повеќе од еден човек (најчесто техничари или млади архитекти) па затоа имало потреба од унифициран фонт. По појавата на компјутерите потребата од архитектонскиот фонт се чини излишна но не и непотребна. Учење на студентите за архитектонското писмо е позитивно затоа што архитектите работат со прецизност, точност, педантност, истрајност. Ваквото писмо целосно се вклопува во таквата слика за архитектите.
Вака изгледа архитектонското писмо кое се изучува на факултетот во Скопје
Лично бев заинтересирана дали архитектонското писмо се изучува и на другите факултети во светот и затоа ги прашав моите колеги од други земји. Во западно европските универзитети е генерално исфрлено изучувањето на ваквото писмо, затоа што некои од нив го поврзуваат со одредени минати политички системи. Но, можат да се најдат примери каде секој студент треба да создаде свој автентичен фонт со кој ќе се служи во текот на студиите. Архитектонското писмо сигурно сеуште се изучува во Украина, Русија, Србија, Кина, Иран, Индија, Египет, Грција. Ги замолив моите колеги да напишат еден збор или цело писмо на архитектонско писмо на нивниот јазик. Ги издвоив поинтересните.
Кирилично и латинично писмо кое се учи во Украина, напишано од Максим Червински
Кирилично писмо кое се учи во Русија, напишано од Полина Черкасова
Кинеско писмо кое се изучува во Кина, напишано од Хуанг Шау Шуен
Грчко писмо кое се изучува во Грција, напишано од Евангелиа Климоу
Латинично писмо кое се изучува во Индија. Напишано од Шенона Родригез
Персиско писмо кое се изучува во Иран, напишано од Ахмад Рајаби
Автор на статија: marh