НАГРАДА ЗА АРХИТЕКТУРА – „ТИГРИТЕ“

Добитник: Павел Вељановски

Фотографии: Sabina Guzik, PL Embassy

____________________________________________________________________________________________

Амбасадорот на Република Полска во Република Македонија г-дин Јацек Мултановски на 2-ри Октомври оваа година, ја додели наградата „ТИГРИТЕ“ на архитектот Павел Вељаноски, чиј магистерски труд со наслов ,,Пејзажна инфраструктура – Екологијата како генеративна алатка” беше селектиран за најдобар на Архитектонскиот факултет при Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј”– Скопје во тековната 2017 година.

Наградата ја доделува архитектонското списание„Architektura Murator“, а се реализира по иницијатива на сопругата на полскиот амбасадор во Република Македонија, г-ѓа Кинга Нетман Мултановска и е плод на успешната соработка помеѓу Амбасадата на Република Полска во Република Македонија и Архитектонскиот Факултет при Универзитет ,,Св.Кирил и Методиј”. Наградата за прв пат е доделена оваа година и има за цел да продолжи да се доделува секоја година по истиот повод. Детални информации за магистерскиот труд и нејзиниот автор ќе бидат објавени во бројот за месец Ноември на полското архитектонско списание „Architektura Murator“. Наградата го обновува присуството и придонесот за Скопје на тројцата полски архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки, автори на проектот за Музејот на современа уметност, кои се познати под прекарот „Варшавските тигри“.

Логото на оваа архитектонска награда е дело на проф. д-р. Митко Хаџи-Пуља, професор на Архитектонски Факултет Скопје, создадено по инспирација од кровната структура на Музејот на Современа Уметност во Скопје, проектиран од ,,Тигрите” Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки во 1966 година.

Ф.К