Најавено е Биеналето на македонската архитектура – 2016
10.05.2016 • Информации
Осумнаесеттото Биенале на македонската архитектура – БИМАС 2016, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ќе се одржи од 17ти – 31ви мај 2016 на тема „Рециклирана архитектура“.
Поимот рециклирање во овој контекст се однесува на потребата да се понудат нови одговори на урбаните елементи и програми кои во денешни услови се застарени и надминати. Денес, старото урбано ткиво или наследство нуди голема количина на објекти кои откриваат важни просторни, конструктивни и еколошки состојби на кои треба да се оперира со функционални методи.
Операциите на урбано рециклирање, реновирање, адаптација во ваквите градски подрачја, имаат за цел да ја спречат растечката продукција на „отпад“ и преку стратешки обмислена акција на реструктурирање и редефинирање да се воспостават нови врски меѓу градбите и нивното променето опкружување. Оваа тема е рефлексија на длабока дебата меѓу желбата за зачувување и потребата за интервенција и промени во нашето опкружување и следствено на тоа грижата за соодветните методи за дејствување. БИМАС 2016 има за цел да отвори дебата и провоцира размислување за стратегиите за справување со оваа состојба.
Распоред на настани во склоп на биеналето
Во рамки на БИМАС 2016 ќе се одржат биеналната изложба на селектирани трудови од македонската архитектонска продукција БИМАС 2016, традиционално поставена во Музејот на Град Скопје, биеналната изложба на студентите по архитектура БИСТА 2016 поставена во галеријата Мала Станица како и бројни предавања, изложби, презентации и промоции на поканети еминентни домашни и странски архитекти кои допираат, критикуваат, разјаснуваат, промовираат различни аспекти на главната тема на биеналето.
Пишува за Марх:
д-р Бојан Каранаков, архитект (претседател на ОО на БИМАС 2016)
Автор на статија: marh