Основно училиште во населба Капиштец / конкурсен труд II место
09.03.2015 • XXI век
ШКОЛО=ПАРК
Автори: Бранислава Ѓорѓевиќ, Елена Пазарџиевска, Биљана Смилеска, Марија Димитриевска
Визуелизација: Стефан Тодоровски
Локација: Скопје, Македонија
Клиент: Општина Центар
Статус: Конкурсен труд – втора награда
Површина: 11 700 м2
Капацитет: 500 ученици
Година: 2013
Обликовниот концепт на објектот „школо-парк“ претставува надоврзување на две референци. Првата се однесува на формирање на волуменот, на сличен начин на кој се формирани и постоечките објекти на локацијата – преку постапка на одземање правилни и неправилни делови од основните геометриски форми.
Втората референца е празниот простор – зеленило, кое слободно навлегува во внатрешноста на објектите. Со комбинирање на овие две алатки добиена e едноставна и компактна форма во која доминира „зелена маса“. Истата навлегува во зададениот волумен на училиштето и ја формира т.н. „порозна средина“, дополнително дефинирана со неколку големи „празнини“ – атриумот, аулата, трпезаријата, спортската сала и библиотеката, оставајќи ги слободни подолжните страни за просторот за учење.
Овие празнини се видливи од речиси сите точки во објектот и на тој начин создаваат уникатно просторно дожувување, чувство на слобода, прегледност и транспарентност. Главната предност на новото школо-парк е постојаниот поглед кон зеленило при прошетка по училишните коридори и скалишта. Училишниот двор претставува парк кој го заобиколува целиот објект со зеленило. Неговите патеки се надоврзуваат на постоечкото движење во околината, а просторот за спорт и рекреација станува нов јавен простор за целата населба. Преку ваквото суптилно вметнување во постојниот обликовен, естетски и функционален систем, новата интервенција има јавен карактер и воедно e генератор на нови урбани доживувања и случувања во населбата.
Автор на статија: marh