Проект за зелена кровна тераса – ТЦ „Мавровка“ / БМА

Локација: Трговски центар „Мавровка“

Автори на објект:  Здравко Рафаиловски, Донка Петкова – Костиќ / 1985-86 год.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Автори на проект за кровна градина : БМА

Инвеститор: Град Скопје

Година: 2021

 

Трговскиот центар Мавровка се возвишува и поврзува две историски страни на Скопје; место каде старото и новото се спојуваат и коегзистираат.  Објектот тангира со Големиот ринг на централното градско подрачје, позициониран на крстосницата помеѓу булевар “Крсте Петков Мисирков” и булевар “Гоце Делчев”.

 

 

Силуетата на Мавровка е препознатлива и иконична. Со низа комерцијални и активни содржини, трговскиот центар стана привлечна дестинација од самото отварање во раните 90ти години.

 

Архитектонската композицја на објектот се состојува од порозна структура во долниот дел, над која се возвишуваат две кули. Рамниот покрив – платото помеѓу нив е недостапна за луѓе и никогаш не била активна со содржини.

 

Фото: Град Скопје

 

Денес, Мавровка е далеку од посакуваното. Моменталната состојба на кровната тераса претставува руинирана површина без конкретна намена. Сликата на овој недостапен простор ја оформуваат запуштени инсталациони структури, отпад и неуредно плато.

Нашиот проект инектира „еко-надградба“ на дотрајната кровна тераса со вметнување пространа јавна градина на платото над мезанинот. Покривот станува јавен парк кој воедно ги изолира внатрешните простории и внесува здив на свеж воздух во центарот на градот . Всушност, зелениот покрив се претвора во еден од најголемите елевирани паркови во градот со приближна површина од 3.200 м2.

 

Основи

Пресеци

 

Една од најважните компоненти на нашата интервенција е што овозможува изобилство на природа да коегзистира со комерцијалната содржина и активностите на луѓето кои гравитираат.

 

Дијаграм

 

Нашиот концепт се надоврзува и ја продолжува постојната матрица на Мавровка и создава нова топографија за посетителите да се внесат и да уживаат. “Зелен Бар-Код” претставува една линиска организација на површините со наизменична поставеност на зелени, поплочени и водени површини ориентирани во еден правец. Суштински дел и акцент на овој концепт претставува зеленилото. Зоните со ниско и високо зеленило од различен тип го генерираат визуелниот и просторниот карактер на овој јавен простор.

 

Анализи

 

Зелениот кров нуди слоевита содржина како простор за одржување настани, катче за играње на деца, простори со различни видови на зеленило и фонтани со водени површини како и насадена урбана опрема, отворени павиљони и настрешници, скулптурални поставки кои со нивниот дизајн не конкурираат на зеленилото.  Овој отворен и флексибилен простор може да се третира како нов маалски парк за околните жители, место за пауза при работа, простор за повлекување и медитација, нова територија за истражување на најмалите – дестинација за релаксација, собирање, игра и учење.

 

 

Проектот го препознава јавниот простор како значаен дел од градот кој има социјален и интегрирачки карактер, слободен и достапен за сите граѓани. Со ваквата интервенција се отвараат нови можности за користење на веќе постоечки и руинирани места во градот. Иницијатива која поттикнува подобрување и оживување на напуштените и неискористените јавни површини. Места каде што интеграцијата на архитектурата, пејзажот и различните активности овозможува создавање на ново социјално одржливо урбано искуство.