РЕИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ПОРАНЕШНА ФАБРИКА “КОМУНА” / СТОЈАНОВИЌ И РИСТОВСКИ

Интегративно студио

Автори: Томи Стојановиќ, Благоја Ристовски

Педагошки тим: доц. д-р Горан Мицковски / доц. д-р Александар Радевски / доц. д-р Јован Ивановски /архитект Димитар Кртески

Проектна задача: атмосфера, карактер и рационалност на производен простор

Локација: поранешна фабрика за производство на картон – “Комуна”, Скопје

Година: 2017

Просторот на фабриката “Комуна” денес, како и во времето на нејзиното функционирање, е локалитет со индустриски објекти распоредени по неговата површина во кој треба да се реализираат сегменти од индустриски процес. Но, спротивно на присуството на луѓето на тој простор во времето на работењето на фабриката, денес неговиот карактер го дефинира присуство на отсуство. Отсуство на однос помеѓу просторот и човекот. Објектите се претвориле само во артефакти, сеќавање за односот човек-простор наместо просторна проекција на потребите на луѓе што ги користат во моментот. Имајќи го тоа предвид интервенцијата што требаше да се изврши имаше цел да ги запази постоечките објекти како своевидни артефакти притоа давајќи им архитектонска референтност во денешни услови а воедно и да ги врати луѓето на локацијата освен како вработени и како надворешни посетители и набљудувачи на индустрискиот процес. Обликувањето можеше да се изврши со постапките на додавање, одземање, повторување во рамките на постоечките габарити на објектите.

Објектот на кој работевме беше една од петнаесетте локации на просторот на фабриката. Во неговата структура можеа да се прочитаат три сегменти. Претходно затворен простор од кој преостанале само фасадните ѕидови со карактеристични квадратни отвори, обраснат со зеленило; простор со континуирана височина по должината на локацијата ограничен со двоводен кров и конструктивен модул што се повторува и сегмент во кој се јавува благо извишување и е прекин во затворениот простор со континуирана височина.

Програмата што решивме да ја разработиме е производство на жичани инструменти – гитари. Таа произлезе од јавниот аспект што требаше да стане дел од просторот на фабриката по неговото преобликување. Станува збор за производство од мал обем со потребна површина возможна да се организира во габаритот на постоечкиот објект. Типовите на простории ги поделивме на: придружни простории за производство на гитари, простор за производство, мала администрација, музеј за гитари, продавница за гитари.

Во просторна смисла: во постоечкиот габарит со континуирана височина ги сместивме придружните простории на едниот крај и простор за малата администрација на другиот крај. Помеѓу нив го сместивме производството во новопроектиран простор со зголемени отвори и повторливи прекршувања што се појавија во кровната конструкција. Во делот на извишувањето од постоечката состојба во новопроектирана кула го сместивме музејот за гитари, а веднаш до него и продавницата. Фасадните ѕидови со карактеристичните квадратни отвори и просторот обраснат со зеленио што го ограничуваат ги зачувавме како клучен сегмент од локацијата што го дефинира карактерот на нашиот објект. Во новопроектираната состојба тој стана претпостор/двор при пристапувањето во објектот во кој се наоѓа главниот влез за посетители.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис