Реконципирање на музејска поставка – Кинотека / Архипункт

КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА РЕКОНЦИПИРАЊЕ НА ПОСТОЈАНАТА МУЗЕЈСКА ПОСТАВКА ВО КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Година: 2015

Студио: Архипункт

Автори: Невенка Манчева, Марија Антиќ Николова

Соработник: Јорданка Саздовска

Локација: Кинотека на Македонија, Скопје

Статус: Конкурсен труд – откуп

Извор: Архипункт

При осмислувањето на предлог- решението за музејската поставка на Кинотека на Македонија на својата постоечка локација, главен предизвик беше да се открие најсоодветниот начин за претставување на ваква музејска поставка во простор кој не е наменет исклучиво за тоа.

2

Концептот се базира на поедноставување на различните начини на изложување обединувајќи ги бројните музејски артефакти од различен тип. Наместо поединечни витрини, сталаци и паноа кои би биле распоредени во просторот, се одлучивме за еден елемент, т.н. ѕид-витрина кој во себе ги интегрира сите форми на експонати- фотографии, документи, крупни и дробни предмети, како и екрани за проследување аудио-визуелен материјал. Ова помага да се постигне целовитост и јасна визуелна дефинираност на музејската поставка во просторот.

3a

Дополнително, овие ѕидови- витрини со својата закривена геометрија и поставеност го сугерираат и насочуваат движењето на корисниците во холот, истовремено затворајќи одн. формирајќи места- соби посветени на одреден изложбен сегмент. Со променливата височина на ѕидовите и нивното повремено прекинување, овие соби визуелно ја наѕираат својата содржина за минувачите во холот, примамувајќи ги да влезат и да откријат што е изложено во внатрешноста.

1a

Закривените ѕидови-витрини се поткренати од подот и не допираат до плафонот и со тоа дополнително придонесуваат да бидат доживувани како целосно различни геометриски тела вметнати во постоечкиот простор, нагласувајќи ја нивната специфична намена.

1b

Музејската поставка е изложена од внатрешната страна од ѕидовите, во т.н. соби, додека нивната надворешност од страната на холот е празна, со повремени продори на светлина и погледи преку витрините кои се отворени кон двете страни на ѕидовите. На оваа површина е испишан периодот и краток вовед во кинематографската историја претставена во внатрешноста, доволно информативна за посетителите, а доволно смирена за визуелно да не го оптовари холот. Тој, својот визуелен фокус го има во големите принтови на постоечките ѕидни површини во горната зона на двовисинскиот простор и плафонот кај сувенирницата пред кино салата, дефинирајќи ја како специфична зона која на поинаков начин го привлекува вниманието и љубопитството, што е и целта на една таква содржина.

3b1

Галеријата и спомен собата се третирани на истиот начин, со таа разлика што во галеријата периферното движење покрај ѕидот-витрина е по рампа со која се совладува едно ниво на кое се наоѓаат пунктови за проследување аудио-визуелни материјали.

3b2

Во спомен собата, ѕидот-витрина е наменет само за приказ на сите клучни фигури и основоположници на македонската кинематографија. Тој е замислен како светлечки ѕид, додека на околните ѕидови може да се прават проекции и таа соба може да се користи и за кратки предавања.

3b3

Материјализацијата на ѕидовите-витрини е предвидена од едноставна метална потконструкција обложена со гипскартонски плочи и на места со плексиглас или поинакво соодветно стакло. Во влезниот хол предложено е и спуштање на дел од плафонот со цел визуелно воедначување на затекнатиот простор испресечен со греди.

5Во однос на колоритот, предлог решението не воведува дополнителна боја во просторот, туку тематски се врзува во монохроматските стари филмови за кои раскажува и самата изложба.

Осветлувањето е предложено во два типа: општо и насочено. Општото светло се вградени или надградни лентовидни светилки, додека насоченото светло за изложбените експонати е се обезбедува со рефлектори прикачени на висечка шина која ја следи формата на ѕидовите. Дополнително на ова, во ѕидовите- витрини има и вградени светилки за предметите што во нив се врамени.

Ф.К

 

 

 

Автор на статија: