Реновирање на куќа од 60тите во Скопје / Тим автори 2014
14.10.2015 • XXI век
Локација: општина Чаир, Скопје
Автори: Бетим Зеќири, Бекир Адеми, Амине Адеми
Конструкција: Денис ……, Миле Партиков
Година: 2014
Изведба: Ќамис-инг, Скопје
Фотографии: Андријана Тилиќ
Извор: авторите
Објектот е позициониран во општина Чаир, помеѓу старата скопска чаршија и скопската тврдина.
Една од четирите куќи во низа кои се наоѓаат во интензивен урбан контекст. Објектот е изграден во 60-тите години на минатиот век, со скромен и јасен модернистички изглед. Меѓувремено истиот бил напуштен и единствената можност за повторна употреба на објектот е да се прилагоди на потребите на инвеститорот преку процес на реновирање.
Четирите куќи биле изградени сите наеднаш, со заеднички конструктивен систем, и било каква интервенција беше исклучително комплицирана од аспект на структуралната и просторна организација.
Со внимателно избрани методи, стана возможно да се реанимира објектот, без нанесување на штета на соседните објекти. Структурната логика е сочувана иако се направени статички засилувања на носечките елементи како главните столбови, ѕидови и сите меѓукатни плочи.
Дополнително, додадена е челична конструкција за да ја поткрепи екстензијата на задната страна на куќата и на покривот.
Сите отвори беа ревидирани и додадени нови, со цел да донесат уште повеќе количество на дневна светлина во просторот. Визбата, кој се користела само за складирање, сега располага со голема дневна соба и трпезарија со кујна која завршува во директен контакт со задниот двор.
Новата главна спална соба е додадена на самиот покрив со пристап до две големи тераси кои нудат панорамски визури кон старата чаршија и градскиот пејзаж на Скопје.
За обработка на внатрешните простори користени се конвенционални материјали, аналогни на претходно вградените. Дел од новододадената конструкција е видлива и во внатрешноста со што скромната естетика се надополнува со искреност на архитектонскиот израз.
Бидејќи интервенцијата беше обилна и доминантна, додаден е нов слој на фасадата. Со тоа се создава ново ниво на интерпретација,поголема контрола на микро-климата на објектот и во исто време е видлива претходната архитектонска синтакса.
Рустичноста на фасадата, покрај естетската интерпретација, овозможува и директна поврзаност со историските градителски образци присутни во непосреднаблизина(Стара Скопска Чаршија).
Овој пристап претставува можен рецепт за ревитализација на богатото модернистичко архитектонско наследство на Скопје.
Автор на статија: marh