Реставрација наспроти реконструкција на фасади. Урбани блокови…..

Реставрација наспроти реконструкција на фасади.

Урбани блокови меѓу плоштадите „Филип Втори“ и „Мајка Тереза“

На 31.12.2015, град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасади на постојни објекти во централното градско подрачје: на плоштад Мајка Тереза и објeкти на Стопанска банка во склоп на ГТЦ.

Како што објавивме во еден од предходните натписи на МАРХ, програмската задача на конкурсот е „ да се изврши реконструкција на постојни фасади во градско подрачје на градот Скопје’’. Дескрипцијата на задачата продолжува со следново барање : ,,предложениот дизајн треба се одликува со функционалност и применливост, односно да се направи реконструкција со која по својот надворешен изглед објектот ќе стане препознатлив белег на центарот на градот’’.

2cc

За разлика од другите конкурси на град Скопје, каде јасно се бараше фасадни решенија по „стилот на Скопје 2014“, во овој конкурс тоа е пропуштено. Но во истиот е дадена доволна слобода да се предложат и несоодветни решенија: никаде не е истакнато дека треба да се почитуваат архитектурата и авторскиот јазик на креаторите на тие објекти, и контрадикторно, од новите автори се бара оригиналност и јасност на архитектонскиот јазик. Истото е сосема јасно и со дефинираното барање за реконструкција а не рестарврација на самите фасади.

Објектите за кои станува збор се авторски дела на реномирани архитекти кои оставиле значаен белег на времето во кое твореле. Овие објекти веќе имаат сопствен идентитет и ја креираат приказната на сопствените блокови која започнува 80 години наназад. Овде јасно се читаат архитектонските слоеви и времето на постанок на објектите и особено интересно е што авторите на истите, независно од времето кое твореле, размислувале за околината и меѓусебната „игра“ и почит. Тоа упатува на принципот на спознавање на вредностите и нивно истакнување, а не наметнување на некомпатибилни решенија.

Токму поради овие причини МАРХ ќе се обиде подетално да го истакне и потенцира значењето и вредноста на објектите на една од најзначајните архитектнски енклави во Скопје. Формацијата на еден урбан блок е производ на историските, културните и социјалните фактори, и е финализирана со изразот на архитектот кој одговара на зададениот проблем почитувајќи ги урбанистичките прописи. Токму блоковите помеѓу Плоштадот Карпошово Востание (денес Филип II) и ново-брендираниот плоштад Мајка Тереза претставуваат бесценет тестамент на овие околности. Ова се блокови каде вткаени во префектен баланс се наоѓаат објекти од Интербелумот, модерната и обновата на поземјотресно Скопје.

3cc

Урбаната структура на Скопје на овој дел датира уште од 15ти век: Османлиите го прошируваат градот по течението на реката Серава и по оската горен град (Кале) – Камени мост. Ова ја дефинира главната артерија на тогашно Скопје, врска која денес е воглавно изместена со градењето на стоковна куќа Мост и булеварот Гоце Делчев.

Планот на Скопје од 1929 г. јасно ги оцртува Отоманските елемети во ткивото на градот: органските улички и ,,исламската тројка’’ составена од: Даут-пашин амам, Ибни Пајко џамија, Караван-Сарајот и неокласичниот објект на тогашната Отоманска банка.

4Во 1929та година, Јосиф Михајловиќ станува градоначалник на Скопје. Тој се стекнува со дипломата инженер-архитект на Американскиот континент и тамошните искуства ги пренесува и имплементира во неговото архитектноско и урбанистичко творење. Во истата година врши премер на Скопје и го изработува Генералниот Регулационен план на Скопје кој е делумно базиран на планот на Димитрије Леко од 1914та година. Токму овој план ќе ја усмери насоката во која блоковите 1 и 2 (слика 2) ќе ја завземат нивната форма. На планот е јасно исцртан плоштад со конкавна форма и со тремови во приземјето на објектите, како и улица која води до Даут-пашин амам и Чаршијата. Токму овие урбанистички прописи ќе ги оформат и првите објекти кои се појавуваат во 1935 година.

Најпрво, Глигорие Томиќ го конструира Дом Ибни Пајко (1935-1938) на местото на Џамијата Ибни Пајко (блок бр.2), додека до зградата на Отоманската банка во истиот период е реализиран и првиот станбен објект по новиот урбанистички план во блокот бр.1.

5@build.mk-Forum

Овие два објекти се типични примери за архитектурата во интербелумот. Домот Ибни Пајко со централна позиција во новопроектираниот плоштад има прочистена форма разбиена со еркерот на последниот кат и кровната површина. Фасадата добива графичка обработка со поделба на малтерот во модули кои кореспондираат со 10-деловната поделба на прозорите. Станбената зграда во првиот блок е јасна спротивност на еклектичниот објект на Отоманската банка, со примеси на “арт деко’’ елементи присутни на корнизата и профилацијата.

6_ccДооформувањето на блоковите по планот од 1929та година продолжува и во повоената обнова на Скопје. Архитектот Славко Брезовски победува на конкурсот за новиот објект на Комерцијална Банка кој маестрално го вклопува со веќе постоечкиот станбен објект. Со вовлекувањето на последниот кат, Брезовски ја почитува висина на постоечкиот венец. Во приземјето го продолжува постоечкиот графички и колоритен образец, но си игра со поинаков размер на елементите. Сличен метод ќе употреби и подоцна кај новопроектираната “На-Ма’’ која ја надоврзува со објектот Метропол.

IMG_4256

Принципите и формите на модерната се присутни кај двата блока. Објектот на Технометал се нивелира на висината на Даут-пашин амам и ја насочува преспективата со повторувачкиот модул на брисолеите. Овој објект волуметриски отстапува од генералната рамка на блокот, но истовремено се формира и второстепен волумен кој навлегува во соседниот објект.

8ццОргиналното решение на денешен Хотел ‘‘Stone Bridge’’ се состоело од слободна фасада каде столбовите се вовлечени позади прозорите. Тие покриваат голем дел од фасадата и претставуваат главен композициски елемент на зградата. Проектантот на суптилен начин го дели објектот на два дела кои се спојуваат на аголот на блокот и кои се со различни висини кои кореспондираат на висините на нивните соседи. Денес овие елементи се делумно изгубени со блокирањето на прозорските отвори и тремот во приземјето.

9ccФормација на конкавна силуета на десната страна на плоштадот е замислен од Јосиф Михајловиќ. Целосно отворање на приземјето и вклучување на Даут-пашин Амам во (новата) урбанистичка структура на градот.

10ccДооформувањето на плоштадот ќе биде прекинато со земјотресот од 1963та година. Момент во историјата кој ќе биде означен со огромната деструкција на изграденото ткиво, но и во исто време и почеток на еден од најплодните периоди во градителскиот опус во Скопје. По земјотресот, блоковите 1 и 2 ќе успеат да ја задржат својата физичка форма, но нивиот иден развој ќе завземе сосема нова насока со новиот урбанистички план на Скопје каде потполно се менува визијата за северната страна на Вардар.

11Комплетирањето на блоковите по земјотресот е дело на Биро 77 , победничкиот тим на конкурсот за културен центар на Скопје. Замислата за комплексот била обемна и во себе содржела: театар, опера, балет, музичка академија и дел од банка. Волумените на објектите на музичкото училиште и Комерцијалната банка стапуваат во дијалог со футуристички дизајнирната Македонската опера и Балет (МОБ). Ваквиот формален пристап е уште еден пример за успешна релација и меѓусебно надополнување помеѓу урбанистичкото и архитектонското решение.

Објектите на банката и средното музичко училиште ги преземаат главните карактеристки на соседните згради меѓу кои и тремното решение кое имплементирано во приземиот дел формира целина со веќе постоечките згради. Подетална анализа на објектите веднаш укажува на генијалното решение на архитектите. Со волуметриска играта на висините, објектите успеваат да создадат врска помеѓу Вардар од едната страна и Даут-пашин Амам на другата страна.

12ccОргиналноста на решението на овие објекти е тоа што успешно припаѓаат на асамбалот со МОБ и во исто време се интегрален дел од своите блокови. Тие се окарактеризирани со јасната правилна стаклена површина и (контрастна на неа) минималистичка бела форма која “лебди’’ и е во директен дијалог со објектот на МОБ, скалестото спуштање кон кејот и партерот помеѓу нив.

13ccМеѓу најголемите квалитети на објектите од овие два блока се и нивните материјали, како и дизајнот на поединечните архитектонски елементи. Реставрацијата на постоечките елементи и користење на истите материјали е од апсолутен императив при секоја идна интервенција. Употребениот материјал е составен дел на архитектонското авторско дело и треба да настојуваме да се задржи како таков.

14ccСо анализа на историски слики од блоковите, можеме да воочиме исклучителни квалитети и во решенијата на прозорците и вратите: користените материјали и нивните партиции. Денес речиси целата браварија на објектите е заменета со нова, која е тотално стандаризирана и е естетски независна од останатиот дел на фасадата што несомнено ја деградира нејзината целокупна вредност.

Во пресрет на  конкурсот за ‘‘реконструкција’’ на горе анализираните објекти се поставува прашањето: “Дали сме на праг да изгубиме уште еден дел од градителското наследство на Скопје, под превез на реконструкција? ’’

И во овој конкурс повторно сме соочени со проблемот на недоволно истражување и анализа кое доведува до неадекватна афирмација на архитектурата во Скопје. На конкурс од ваков калибар треба да му претстои детална архитектонска, историска и културолошко – социјална анализа која ќе ја установи вистинската вредност на доброто. Тоа е настанато под влијание на многу различни уникатни фактори и е дело на реномирани архитекти и урбанисти.

Банка и Илија Н Л 7Сите овие околности придонесуваат за постоењето на овој ансамбл во центарот на Скопје, кој ни ја покажува сложената и богатата историја во развојот на градот. Дури и по ова краткото резиме на факти и анализи, несомнено може да заклучиме дека станува збор за културно наследство од големо значење за Скопје. Секоја идна интервенција врз овие објекти треба да биде направена со максимална почит кон оргиналното решение и замисла, и да се реставрираат со цел да се врати и истакне нивната (изгубена) автентичност и вредност.

Фотогалерија од блоковите „Некогаш и сега“

Материјалот го приложија и обработија: Мартин Ефремовски и Филип Конески, фотографии: Борис Јурмовски

Тековна состојба:

Деградирање 3

Деградирање 1Деградирање 4

Деградирање 2

back to the original 4

 

 

Автор на статија: