ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ, БОНБОНИ И ВАФЛИ / МИЦЕВСКА И ОРДЕВСКА
04.02.2017 • Студентски проекти
Архитектонско студио 7-3
Автори: Натали Мицевска, Андреа Ордевска
Педагошки тим: проф. д-р. Александар Радевски, доц. д-р. Горан Мицковски, доц. д-р. Димитар Папастеревски, дем. м-р. Виолета Ѓорѓевска, дем. м-р. Марио Баткоски, дем. Димитар Крстевски
Проектна задача: Проектирање на фабрика за чоколади, бонбони и вафли
Локација: поранешна фабрика Алумина, Скопје
Година: 2017
Проектната задача на Архитектонското студио 7-3, студио за проектирање индустриски згради, во зимскиот семетар од учебната 2016/2017 беше фабрика за чоколади, бонбони и вафли. Имено, студентите како локација ја добија старата фабрика Алумина, локација која повеќе години стои запуштена, а е лоцирана во станбена зона. Задачата беше да се направи спој на индустриска зона и зона која би можеле да ја користат жителите на населбите Тафталиџе и Козле, како и посетителите на локацијата.
Нашата првична замисла беше да го гледаме комплексот како голема зелена површина, бидејќи цениме дека тоа е нешто кое недостасува во околината на локацијата. Со вметнување на програмата на фабриката, која би требала да произведува 4000 тони чоколади, бонбони и вафли на годишно ниво, оваа зелена површина ја претворивме во зелен “прстен” поставен по периметарот на локацијата. Главната идеја, која се провлекуваше низ целиот процес на разработка на овој проект беше фабриката целосно да биде опкружена со зелен прстен како бариера помеѓу локацијата и околината. Овој зелен прстен прерасна во брдо со благ наклон кон јужната, западната и источната страна на локацијата. На тој начин воспоставивме визуелна бариера и звучна изолација помеѓу булеварот и населбата со ниска станбена структура. Брдото го замисливме како површина која би ја користеле посетителите на локацијата, би применувале различни активности во сите годишни времиња и непречено би уживале во погледот кон планината Водно.
Фабриката има линиски концепт на поставување на погоните со влезните и излезните складови поставени на двата краја од секој погон. Поделена е во два линиски блока, кои меѓусебно се одвоени со интерна индустриска улица, која служи за внесување и изнесување на добра од фабриката. Јужно поставениот блок е поголем во должина, но е со иста широчина како северниот блок и е целосно вкопан под брдото. Тука е сместен погонот за производство на вафли, со неговите влезни и излезни складови, просториите за енергетски складови и режиските работилници. Двата блока се поврзани меѓу себе со два мостови кои се поставени под агол еден во однос на друг и истите поминуваат над индустриската улица.
Во северниот блок централна позиција завзема администрацијата, гардеробата за работниците и дистрибутивната кујна. Од двете страни на овој централен простор, продолжуваат погоните за чоколадо и бонбони со своите складови.
Влезот во локацијата е преку две улици, едната се надоврзува на постојната улична мрежа а другата е новопроектирана. Тие го заобиколуваат комплексот, надоврзувајќи се на индустриската улица во задниот дел и пристапната улица во предниот дел на северниот блок. Пред северниот блок е поставен паркинг за вработени и за посетители, чија површина е расчленета со поставување на парк. Влезот е регулиран со портирници на двата влеза во локацијата.
Ф.К
Автор на статија: marh
Андреа Ордевска / Натали Мицевска / поранешна фабрика Алумина / ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ БОНБОНИ И ВАФЛИ