ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ, БОНБОНИ И ВАФЛИ / ЧИНГОСКА, САВЕСКА

Архитектонско студио VII-3 (2016/12017)

Локација: поранешна фабрика „Алумина“

Автори /Студенти: Симона Чингоска, Милица Савеска

Ментори:

Проф. Д-р. Александар Радевски

Доц. Д-р. Горан Мицковски

Доц. Д-р. Димитар Папастеревски,

Дем. М-р. Виолета Ѓорѓевска

Дем. М-р. Марио Баткоски

Дем. Димитар Крстевски

Задачата на студиото е на местото на поранешната фабрика „Алумина“ да се проектира фабрика за чоколади, бонбони и вафли со производствен капацитет од 4 000 т/год. Комплексот претставува збир на повеќе функции кои директно или индиректно земаат учество во процесот на производство.

Концептот на комплексот е обид на авторите да се проектира индустриски објект во густо изградено градско ткиво, кој, опкружен првенствено со објекти за домување, умешно ќе се претопи во својата околина без да го наруши квалитетот на живеење на околното население и ќе понуди дополнителни забавни содржини кои недостасуваат во поблиското опкружување.

За таа цел, кровот на објектот е решен како рампа – шеталиште која се издигнува од трите страни на парцелата, го обвиткува објектот и создава впечаток како фабриката да изникнува од земјата. Волумените на трите производствени погони се засечени со рампата која физички ги одвојува меѓусебно од надворешната страна овозможувајќи продор на светлина во нивната внатрешност. Приземјето под обвивката која се извишува над објектот е исто така решено како шеталиште со зелени површини што овозможува на посетителите повремено да го набљудуваат самиот процес на производство во фабриката, а дополнително е збогатено и со забавни содржини кои би ги задоволиле потребите на посетителите. (штандови за промоција на производите на фабриката, продавници, изложбени сали). Поради недостаток на зеленило во поблиската околина, голем дел од површината на парцелата е наменета како забавен парк кој ќе служи не само на посетителите на фабриката туку пред се на околното население.

Пристапот во парцелата на објектот е обезбеден преку улица која се поврзува на околната градска улична мрежа и е постојано отворена за движење, а долж таа улица од едната страна се обезбедени паркинг места за вработените како и за посетителите. Влезните и излезните складови на трите погони како и кујната на ресторанот се снабдуваат преку подземна улица која поминува околу целиот објект, а до која се пристапува преку рампа обезбедена со контролиран влез.

Рампата како елемент во партерното уредување се појавува низ целата парцела каде треба да се совладаат висинските разлики, па така и до главниот влез во анексот, каде се сместени управата и административните служби кои функционираат за потребите на комплексот на приземно ниво и ресторанот со кујната на првиот кат, се пристапува преку рампа. Гардеробите за вработените, решени според потребните санитарни стандарди, се позиционирани на исто ниво со ресторанот кој ги опслужува вработените и претставуваат поврзувачка оска на анексот со производните погони.

Примарната конструкција на објектот ја претставуваат бетонски ѕидови и рамки кои ја дефинираат подземната улица и подземното ниво на објектот каде се сместени производните погоди. На нив налегнуваат челични рамки кои ги дефинираат производните погони надземја, како секундарна конструкција која ги пренесува силите на примарната. Како важен сегмент при обликувањето на ваквиот тип на објекти е осветлувањето и вентилацијата на работниот простор. За таа цел голем процент од површината на фасадата е застаклен со употреба на лизгачки прозорци кои обезбедуваат природно осветлување и вентилирање на просторот, а дополнителна светлина во внатрешноста е обезбедена и со кровните надсветла кои се линиски поставени на кровната конструкција над секој од трите производни погони.

Со сместувањето на производниот процес и сите неопходни пратечки содржини за функционирање на фабриката во подземјето, чиј пристап е строго контролиран, оставена е сета надземна површина отворена за посетители. Дополнителните содржини кои се вметнати во комплексот овозможуваат одржување на разни свечени настани, промоции, изложби на отворено, или пак, во лоши временски услови за истото е обезбеден покриен затворен простор. Со ваквата организација постигната е поставената цел да се проектира комплекс кој ќе ги обезбеди содржините кои и недостасуваат на околината и умешно ќе се претопи во истата. Фабриката функционира непречено, а околните жители и останати посетители можат да се движат низ локацијата непречено, без никакви бариери.

 

 

Ф.К