Црква Св. Архангел Михаил – с. Горно Чичево, Велес / 1861 година
02.06.2016 • XVI - XIX век
Автор : Андреја Дамјанов
Локација : с. Горно Чичево, Градско, Велес
Година : 1861 година
Извори : Илустрации и текст : “Архитект Андреја Дамјанов„ – Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, Скопје 2001; Македонските мајстори-градители од XIX век – македонска академија на науките и уметностите, Скопје 2006; Wikipedia Фотографии : Елизабета Касапова; Wikipedia
Селото Горно Чичево се наоѓа во југозападниот дел на Општина Градско, под североисточната падина на планината Клепа, во непосредна близина на Градско и само 25 километри оддалечено од градот Велес, во централна Македонија.
Во 1961 година овде била подигната црква од познатиот мајстор и градител – Андреја Дамјанов, Св. Архангел Михаил која претставува главна манастирска црква на Чичевскиот манастир, сместен во атарот на самото село. Манастирот е прилично оддалечен од населбите, но со исклучителна внимателност и особена посветеност била моделирана оваа црква.
Во обратна конотација на запуштената локација, црквата претставува грандиозен, просторен план на впишан крст во кој се извишуваат и доминираат пет куполи – една главна и четири мали помеѓу краците на планот на впишаниот крст. Секоја од куполите е подигната на висок тамбур, а како круна на христијанството се надвишува крст над секоја од нив.
Оваа грандиозност, впечатливост, просторност, силуета и моделирање не било можно да се изведе во градските средини близу очите на муслиманите кои поставиле регулативи со кои се забранува видлво прикажување и возвишување на христијанството и неговиот симбол.
Основа
Надолжен пресек
Попречен пресек
Обликот на издолжен впишан крст произлегува од одлуката на Дамјанов која се поврзува со локацијата, со византиските традиции и со малиот капацитет. Петкуполноста пак, се поврзува со традиционалната средновековна архитектура во Македонија и нејзините елементи. Оваа црква не претставува средновековна копија, туку напортив, плод на модерен и обликовен јазик, која се забележува во силно издолжената основа наспроти византиските решенија кои се дожувуваат базиликално, а не централно. Нејзината нагласена височина постигнува ефект на просторна ширина, наспорти збиеноста во византиските решенија. Петте куполи внесуваат мноштво на светлина во внатрешноста, наспроти мистичноста на средновековните градби.
Високи и силни камени столбови во внатрешноста на кои лежат пандантифите за централната купола имаат капители во форма на западноевропски, но без никаква пластична декорација.
Надворешната силуета се нагласува со петте куполи и нивните елегантни тамбури, каде централната е поголема и двојно повисока од останатите. Симболичноста на христијанството се рефлектира и со кула-камбанарија поставена централно на предната фасада.
Материјалот го приложи и обработи: Моника Крстевска
Автор на статија: marh