1/2 година МАРХ :)
24.05.2015 • Информации
Денес, официјално прославуваме половина година МАРХ. На 24. 11. 2014 година, marh.mk беше пуштен во нет сообраќајот, со идеја за допринос кон промоцијата на македонската архитектура пред македонската јавност. Чувството на себе губење со тековниот скопски проект, губењето на стандардите за работа менаџирано од несовесниот општински урбанизам, губењето или незнањето за современото минато на сопственото творештво, и неверојатната тишина од официјалните институции и факултети, беа провокација која стоеше подолго време.
Марх предизвика големо внимание, бидејќи е единствен концепт на страна која се бави единствено со домашната сцена, презентирајќи ги оригинално проектите, оставајќи им простор на архитектите сами да одлучат како го презентираат проектот. На тој начин создаваме архива на оригинални мисли, без продукција.
Македонската сцена во последните 20 години се соочува со многу мала реализација на одлични проекти, победници на конкурси, промена на оригинални и авторски решенија, што зборува за творештво кое јавноста не може да го види, а со тоа и да стекне ориентација и знаење за способноста на домашните автори. Притоа ги додаваме исклучително добрите студентски проекти, наменети за одредена локација, кои не се соодветно презентирани, а насочуваат кон развој и слободна, смела мисла. Немањето простор да се видиме на едно место, создава чувство на немање самодоверба, изгубеност и демотивираност. Затоа и се појави потребата од МАРХ, каде ќе се пресретнеме, ќе видиме до каде сме, ќе создадеме простор за истражување, критика, ѕид за објава итн.
Марх предизвика и поздрави за иницијативата кај пријателските портали, предизвика или веруваме, поттикна појава и на неколку нови, кои се бават со архитектура и дизајн, притоа освестени за потребата од присуство и на домашната сцена во објавите. Разликата од сите досегашни концепти на портали е тоа што марх беше основан исклучиво од љубов и желба за придонес кон сцената, сеуште без комерцијална добивка, а со тоа и без комерцијален притисок за бркање бројки без суштина. Полека и свесно се обидуваме да чекориме кон подобрување и поголема подршка, која не е возможна доколку не придонесат луѓето од фелата. Апелираме на поголема соработка на студијата, и се обидуваме да ги мотивираме самите да покажат иницијатива кон соработката. МАРХ низ неколку бројки овие 6 месеци изгледаше вака:
-150 објави во 10 категории
-преку 150.000 посети
-facebook следбеници – 2400
-twitter следбеници – 123
Скромни во бројките, но со вистински потенцијал, земајќи ја в предвид не нападливоста на порталот и правилото да не се објавува повеќе од еден проект во денот, со исклучок на потребата од тековни информации. Умереноста ќе продолжи и понатаму, надевајќи се на комерцијална подршка која ќе обезбеди и можност за развој, двојазичност, како марх би станал достапен и за меѓународната заинтересирана јавност.
Тимот во моментот е составен од 3 члена: Филип Конески д.и.а (основач), Елена Петровска д.и.а, Борис Јурмовски д.и.а. Поседуваме идеи и желба за развој на страната со нови категории и дејности, кои полека ќе ги откриваме во јавноста.
Во прилог ве потсетуваме на првото обраќање по повод основањето на marh.mk :
Марх е нет простор посветен на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност, преку минатите и денешните реализации, проекти, концепти, идеи.
Оваа страна ќе се потруди да ги објави сите достапни проекти, меѓу нив реализираните и нереализираните кои и се недоволно познати на јавноста, конкурсните трудови и смелите студентски проекти кои никогаш не биле сериозно презентирани, како и исклучително смелиот период на македонската архитектура од 60тите години до крајот на 80тите години.
Целта е да се подигне самосвеста и самодовербата во професијата, влијаејќи едукативно врз пошироката јавност која е опсипана со тековни архитектонски неиздржани проекти како дел од урбанистичкиот хаос. Оваа страна стреми да ги покаже домашните вредности кои се скриени или невидливи за јавноста.
Секојдневно, на социјалните мрежи, споделуваме странски дизајн без притоа да имаме конкретна перцепција за современиот македонски дизајн, кој не заостанува зад интернационалниот, напротив е дел од него. Токму затоа, овој простор ќе биде посветен единствено на македонската архитектура, македонските автори, како и архитектурата во Македонија од странски автори.
Успешноста на оваа страна, ќе зависи од сите нам. Поканети се сите автори, бироа, професори и студенти да ги достават своите најуспешни проекти, да се претстават пред македонската јавност со одмерено образложение и прилози, да напишат критика, мислење став за она кое сметаат дека треба јавно да се посочи или предупреди.
Да создадеме достапна нет архива и да го стекнеме самоспознанието, да научиме еден од друг и да ја вратиме достојноста на професијата, да ги вратиме стандардите според кои работиме и да го вратиме принципот на знаењето. Да растеме заедно преку споделувањето на оваа страна.
Слободен простор за историја на архитектура, тековна архитектура, студентски трудови, ентериер и мебел, критика и став, информации поврзани со македонската сцена, лекции од професорите како и простор за промоција.
Да создадеме место на кое споделената порака лесно ќе стигне до професијата и заинтересираната јавност.
Страната почнува скромно и нема за цел да го напаѓа интернет просторот. Ќе се објавува одмерено и без комерцијални притисоци. Во блиската светла иднина, страната возможно е да стане двојазична (на македонски и англиски јазик) како би се впуштила во меѓународна промоција на македонската архитектура. Пoтоа печатени изданија од пристигнати трудови (годишен пресек), можеби магазин, рецензија, цел тим итн.
Но… се по ред, прво да го скршиме мразот 🙂
Секому добро!
од основачот на страната:
Филип Конески
24.11.2014
Автор на статија: marh