Изложба на Пикасо во МКЦ

Младинскиот културен центар во соработка со приватната галерија Висконти од Љубљана, Словенија, ја има честа пред македонската публика да ја претстави, изложбата на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо во Галеријата на МКЦ.


На оваа изложба ќе претставена збирка од четириесет и шест графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година. Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.


„Двојна флејта“ (“Flute Double”), 1967, содржи шеснаесет литографии направени според цртежи и лавирани акварели од периодот меѓу 1932 и 1955 година. Заедничката тематика ја претставуваат женски и машки актови, мотиви со минотаури и баханалии од 30-те и 40-те години на 20 век, појадок на трева, шпански мотив според Веласкез, како и портретот на сопругата, Жаклина.
„Фауна и флора од Антиб“ (“Faunes et Flore d’Antibes”), 1960, мапа што претставува девет литографии, со текст на Хаиме Сабартез.


Пол Елијар: „Цртежите на Пикасо“, 1952, претставува мапа – книга со шеснаесет факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година. Мапата претставува интересен избор цртежи, од класично нацртана глава на девојка, до симболично дефинирање на фигура, со само неколку потези со линија, и кубистички мртви природи, нацртани во истиот временски период.


Црвената нишка на оваа збирка, а и нејзината суштина, е дар и восхит на бескрајно големото, а толку лесно мајсторство на цртање на Пикасо, кое при секое ново погледнување, повторно го восхитува гледачот со својата чиста и цврста линија, но и со својата разиграност и богатство на формата, кои на секоја графичка листа се свежи и нови.


Непогрешливото познавање на анатомијата и зачудувачката способност за цртање на формите на човечкото тело, со очигледно обожување на убавината на женскиот акт, а и со креациите преполни со хумор и нескротлива животна радост и бесрамна сензуалност, Пикасо се потврдува како генијален виртуоз на линијата, нејзиниот рез, потег со четката.


Разноликоста на варијантите кај него нема граници, а неговата моќ на создавање може да ја споредиме со незапирливи експлозии од вулканска лава или со разиграна музика на виолинскиот виртуоз кога импровизира.


Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Во одредени периоди од неговиот живот, графичките записи во плоча или литографски камен се надоврзуваат како во дневник. Познато е дека како незапирлив креатор, Пикасо сакал постојано да менува и да прескокнува од една техника на друга, од цртеж на сликање, од графика на обликување предмети и скулптури. Познато е дека неговите раце никогаш не мирувале, без разлика дали е во друштво на пријателите, на ручек или на вечера, играјќи си, скоро несвесно, од случајно најдени предмети или хартии, создавал изненадувачки уметнички дела. Не е изненадување што целиот негов опус, како и неговиот богат животен пат, сè уште се предмет на проучување на историчарите на уметноста, писателите и психоаналитичарите, а изложбите со неговите дела сè уште привлекуваат исклучително внимание кај публиката. Едноставно, неговите дела сè уште го развеселуваат човечкото око и зрачат со енергија полна со животна радост, која можеби е уште повидлива во неговите мали, на прв поглед помалку значајни дела.


Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата Висконти во Љубљана, Словенија. Реализацијата на изложбата е помогната со финансиска поддршка од Министерството за култура на РМ.
Изложбата е отворена и ќе трае до 16 март.

превземена содржина од изворот: МКЦ

Автор на статија: