Меморијален музеј „11 Октомври“ – Прилеп
11.10.2017 • ХХ век / I половина
Година: почеток на XX век
Автор: ?
Извор: www.oldprilep.com
Насловно фото: Filip.pere
Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941 година“ во Прилеп е автентично сведоштво за ангажманот на повеќе од 8000 борци од Прилеп и прилепско во градењето на Македонската држава.
Зградата во која е сместен музејот е изградена на почетокот на XX век. За време на фашистичката окупација овој објект бил претворен во бугарски полициски Участок во кој била сместена окупаторска полиција.
![]()
На 11 октомври 1941 година борците од Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз полицискиот участок како и врз други стратешки цели во градот, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
На 1 мај 1952 година во оваа зграда за прв пат е отворен Музеј на НОВ во Прилеп, а по повод 20 години од НОВ на 11 октомври 1961 година отворена е постојана музејска поставка. Во 1971 година по повод 30 години од НОВ, музејската поставка е проширена и збогатена со нови фотографии, откако во објектот е извршена адаптација.

Во осумдесеттите години започна реновирање на зградата, со што се овозможени услови за презентација на нова музејска поставка која е отворена на 10 октомври 1983 година. Во 2003 година меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ е прогласен за споменик на културата.

Во музејската поставка се прикажани различни периоди од историјата на македонскиот народ.
Музејската поставка која се состои од фотографии, документи, карти, скици, предмети и партизанска опрема е сместена во простор од околу 236 м2, на приземјето во Сала 1, како и на катот во Сала 2 и Сала 3.
Во Сала 1 прикажана е историјата на Прилеп и прилепско до 1940 година и тоа Преродбенското движење, Илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот помеѓу двете светски војни.
Во Сала 2 презентирани се настаните по априлската војна во 1941 година, окупацијата на Македонија, до почетокот на вооруженото востание во Прилеп на 11 октомври 1941 година.

Во Сала 3 музејската поставка е посветена на настаните од 11 октомври 1941 година, со фотографии на борците кои го извршиле вооружениот напад на Участокот, на затворот и на телекомуникационата мрежа. Во оваа сала се поместени и фотографиите на борците на месноста “Црвени стени” и од одредот “Гоце Делчев” . Во музејската поставка стои и списокот на 154 борци носители на “Партизанска споменица 1941” од Прилеп и прилепско. На западниот ѕид од Сала 3 доминира огромниот мурал на тема “Национално ослободителните борби на македонскиот народ” од прилепскиот ликовен уметник Борко Лазески, а во средината од салата се наоѓа макета на Участокот.

Во ходникот на катот поставени се Указите Повелби на петнаесетте Народни херои од Прилеп, како и бистата од бел мермер на Јосип Броз Тито.
Автор на статија: Filip Koneski
11 Октомври / Затвор / Меморијален музеј / Прилеп / Участок
