„Линеарен цртеж“ – изложба во МСУ

Проширување на линијата на хоризонтот:

Возбудливоста и возбудата на линеарниот цртеж

Оваа за нас софистицирана „тематика“ е растoварена од подлабока теоретска елаборација и е со намален интензитет на спектакуларност. Тоа се должи на парафразираната „егзактна“ дефиниција: прикажаниот предмет да се сведе на изведбата само со линијата, односно контурата, при што се одбегнува сенчењето, а попрецизно во сликарството како линеарност се обележува начинот на изразување во што се потенцира доминатноста на линијата, на контурата и на рамнината како означена површина.

Споменатите „законитости“ содржани во парцијално интерпретираната дефиниција нè приближуваат до конечноста на еден конципиран цртеж што синтетички и прецизно во себе се појавува како заокружено дело. Тоа сега, и покрај употребата на разновиден материјал, што отвора можности за безброј комбинации, главно се посветува на претпоставените уметнички реализации темелени врз брзи, спонтани бележења, својствено за т.н. скици или крокии. Ваквата употреба на минимални средства на симплифицирани потези го иницира круцијалниот миг – битното. Оттаму произлегува и идејата околу линеарниот цртеж во која тој може да се прифати како знак или како продолжеток на означеност на фигуративната или апстрактната претстава, на илустративноста или на наративноста. Во овој контекст постепено се оформи концептот на изложбата, од причини да не се зголеми обемот на презентираните дела, но и со интенција да се обезбеди функционалноста на обединето опфаќање на визуелниот дискурс на модерната и постмодерната. Поради тоа понатаму внимаваме на проблемски поставените мамки на ликовниот израз, што е со проширени видувања врзани за медиумите, но и за појавите како подвидови (на пример, летризмот или линеарното во музиката итн.).

Изложени се дела со мултимедијален карактер (1948-2017) од 56 македонски ликовни уметници.

Автор на статија:

/