Young Аrchitects Competitions (YAC): Kid’s Factory / Север, Кавас, Акин, Фека
26.03.2019 • Студентски проекти
Година: 2019
Проект: 7 Journey
Конкурс: Young Architects Competitions (YAC): Kid's Factory
Автори: Енес Север, Мерве Кавас, Ипек Акин, Егзон Фека
Локација: Verese (Ломбардија, Италија)
Комисија: Ben Van Berkel, Stefano Boeri, Peter Wilson, Mario Cucinella
Награда: Gold Mention
Многу се радуваме кога ќе слушнеме дека наши млади архитекти освојуваат надвор од границите на нашата држава. Така радосни ви го презентираме проектот изработен од наш млад архитект заедно со уште тројца колеги, сите студенти на Politecnico di Milano. Станува збор за проект за градинка со кој добиваат Gold Mention на конкурсот распишан од Young Architects Competitions (YAC).
Young Architects Competitions (YAC) претставува асоцијација која што цели да ги промовира конкурсите помеѓу младите дизајнери и архитекти, без оглед на тоа дали се дипломирани или се сѐ уште студенти. YAC има за цел да иницира истражувања за дизајнот, архитектурата и урбаното планирање. Идеите на натпреварите претставуваат привилегирана алатка за да им се даде живот на архитектонските дебати и истражувања.
„Архитектите како будни сонувачи постојано се во потрага по нови инспирации и предизвици. Но, тоа што е секогаш присутно како инспиративно жариште е детството и фасцинантните спомени од детството.
Возрасните ја доживуваат архитектурата низ призма на функционална логика; секој простор има своја сопствена употреба и секој елемент има своја цел.
Сепак, ова не е начинот на кој децата размислуваат и живеат во просторот. За нив, тоа е игра. Игра на постојано истражување и неограничени можности. Секој простор може да биде нешто друго, секој елемент може да создаде нови содржини, секое место може да биде на друго место.
Поранешната фабрика за ќерамика, сместена во прегратките на населбата Laveno Mombello во провинцијата Verese (Ломбардија, Италија), распространета на бреговите на езерото Maggiore, зафаќа површина од 27.000 m2 .
YAC (Young Architects Competition) во соработка со сопственикот на објектот „Unipol“, објавија архитектонски конкурс преку кој младите архитекти ќе приложат разни идеи за трансформација на едно од најимпресивните индустриски архитектонски творби во Европа, во една од најголемите градинки во Светот.
Главната инспирација за развојот на нашиот концепт се детските цртежи, кои се едни од најефективните методи и јазици на изразување на децата во предучилишно образование.
Ние како архитекти, чиј главен начин на експлозија на идеите е исто така цртежот, се обидовме да ги издвоиме најповторуваните елемeнти од детските цртежи и да ги претвориме во архитектонски простори, кои ќе станат главни обликовни елементи на целиот објект.
Па така, сликата за Куќа веќе постоеше како поединечен елемент во самата фабрика. Од Дрвјата и Цвеќињата создадовме една голема шума поделена на неколку внатрешни дворови. Просториите за активности се отворени, со цел да се обезбеди искуството на Сонцето. Боите на Виножитото се имплементирани во училниците, за да ги предизвикуваат истите чувства кај децата како во моментот на цртањето. Концептот за просториите за собир и дружење е резултат од сликата за среќно Семејство и Другарство, а просторот за набљудување е создаден за да овозможи спој со природата, односно, визури кон ридовите кои се во близина на локацијата, а се инспирација од Планините од детските цртежи. Последниот, но не и најмалку важен фактор е таа неизмерна детска СРЕЌА што се залага за вечна слобода, а ние како обликовен архитектонски елемент ја претставивме преку отворена платформа која ја обиколува целата градинка.“
Автор на статија: Martina Shteriova
7Journey / Gold Mention / Kid's Factory / YAC / Young Architects Competitions / Италија / Меѓународен конкурс