Стара железничка станица – Градско

Старата железничка станица во Градско своевремено била една од најголемите станици  на  железничката линија Скопје – Солун. За точната година на нејзината изградба има две теории.

Според првата нејзината изградба е започната во 1871  година, пред пуштањето на  пругата  во употреба ( 1873 година).  Веројатноста за точноста на овој податок е мала, бидејќи во периодот меѓу двете светски војни, се реализира планот на кралството СХС за осовременување на железничкиот сообраќај во Македонија кога многу станици се срушени и на нивно место се подигнати нови објекти.

 

 

Втората теорија е во контекст на претходно споменатото и вели дека станицата во Градско е подигната меѓу 1921-25 година, што е прифатливо и за проф. Кокан Грчев, кој го обзнанува овој податок во неговата книга „АРХИТЕКТОНСКИТЕ СТИЛОВИ во македонската архитектура од крајот на  19 век и периодот меѓу двете светски војни“.

Како поткрепа на точноста на овој податок, наидовме на разгледница, заверена со архивски печат и појаснување дека истата е фотографирана 1923 година во периодот на изградбата на станицата.

 

 

Околу стилските карактеристики на објектот, проф. Грчев ќе истакне:

„ Начинот на кој е применет основниот конструктивен систем, укажува на транспарентна и лесна конструкција која на специфичен начин е употребена како колонада која го дефинира просторот на перодните. Конструктивниот пресек на столбовите и тенката бетонска плоча во вид на тераса која го наткрива перонскиот простор, дефинираат всушност сложена ритмичка игра на нагласена и издолжена хоризонтала и вертикални елементи кои ја урамнотежуваат композицијата. 

 

 

Тешките балустрадни огради се заменети со чипкаста метална ограда од ковано железо, во духот и манирот на западноевропските и средновековните примери. Одредена академска дисциплина кај овој објект се согледува во симетријата која е спроведена по двете оски, што претставува и основен услов за специфичното моделирање на калканските завршетоци на кровот кои се различно третирани во зависност од функционалната определеност на просториите на катот. Симетричната композиција на основните фасадни волумени, придонело веројатно и за прецизната и доследна ритмичност во прозорските отвори на подолжната фасада, кои се вградени во специфичен полумансарден кров од кој се надвишуваат страничните и централното фасадно платно.

 

 

Страничните фасади претставуваат редок пример каде во слободна композицијасе обединети различни форми на прозорски отвори, одбрани од голем број на елементи од различните архитектонски стилови. Што се однесува до високите вертикални пиластри, прекинати со слободно, и во духот на сецесијата аранжирани апликации со компилациско потекло, нив ги обединува редуцирана, по прецизно артикулирана плитка фасадна декорација спроведена во академски манир; околупрозорските рамки се различно третирани во зависност од формата и местоположбата на прозорскиот отвор.

 

Тенката хоризонтална линија на балконот, приземјена со колонадата од тенки столбови содзава слободен и експресивен впечаток, кој произлегува од фактот дека ефектот на главното хоризонтално разсчленување го создава сушност играта на светло-темните партии, што секако претставува елемент во контекст на напуштањето на главната хоризонтална делба со примена на масивни разделни венци. Таквата транспарентност му ја дава на овој објект онаа сецесиска слобода во поимањето, третирањето и анимирањето на архитектонскиот простор, кој го примаме како слободен и неоптеретен со каноните на останатите архитектонски форми и елементи.“

 

За жал, објектот страда во залезот на Втората Светска Војна, кога е миниран од страна на  фашистичките сили. Во тој период  страдаат повеќе  станици долж истата траса.