“И ЈАС СУМ ТУКА” постоењето на изграденото Југословенско наследство во Скопје

Сити Скоп претставува здружение на граѓани од областа на архитектурата и културното наследство основано во Скопје, чија цел е да придонесе кон развој и унапредување на архитектурата во сите нејзини гранки https://www.cityscopeskopje.org/.

Како дел од нивната работа за поттикнување на развојот на архитектурата, културата и уметноста на национално и меѓународно ниво, спаѓа и научното истражување за изграденото наследство од времето на Југославија во Скопје.
Станува збор за истражувавачки труд кој е инспирација од соработката со меѓународната организација „Културно ехо“, а во врска со иницијатива за зачувување на објекти кои се дел од изграденото наследство од Социјалистичка Југославија, иницијатива која е сеуште во тек.Со цел зачувување на изградено наследство потребна е заедничка соработка на сите институции, организации и граѓани, но пред се, потребна е и соодветна интерпретација на истото што подразбира и вклучување на емоционалното сеќавање и поврзаноста на индивидуата со самиот објект. Истражувањетo се обидува да ја постигне токму таа цел, раскажувајќи приказна за градот кој постепено тоне во магловитоста на својата доследност, а наследството во него е веќе невидливо.

 

Локација

 

Со цел да се опфатат сите горенаведени сегменти, истражувањето на СИТИ СКОП резултира со инспиративен постер за објектот “месна заедница” во Тафталиџе, чија намера е индиректно (претопен во фасадата на објектот) да ја истакне приказната, суштината и значењето на објектот, како и да ја поттикне меморијата на оние кои се сеќаваат.

Извадокот од научното истражување во прилог се однесува само на објектот “месна заедница”, иако во истото се опфатени повеќе објекти во склоп на градот Скопје :

 

“И ЈАС СУМ ТУКА” – постоењето на изграденото Југословенско наследство во Скопје

 

Вовед
Истражувачкиот труд е фокусиран на изграденото наследство и на новите типологии на архитектонски објекти и урбани простори, на социолошките аспекти и нераскинливата врска помеѓу градот и неговите жители паралелно со влијанието на политичкиот систем. Ги анализира аспектите на Југословенската Социјалистичка архитектура во Скопје, која е интегрирана во регионот после Втората светска војна, како и развојот на новите урбани структури и начинот на кој истите влијаат врз изграденото наследство.
Историски гледано, Балканскиот регион е познат како седиште на разни религии, различно општествено и политичко уредување, како и фактот дека е освојуван многу пати низ вековите. Минатото ги оставило своите траги и тие се видиливи и денес.

Архитектурата и политиката на Социјалистичка Југославија биле кохерентни во свое време, создавајќи моќна врска, со што архитектурата станува значајно обележје и еден од најдобрите примери на социјалистичката модерна естетика, оставајќи ни монументално наследство од една ера.
Денес, изграденото наследство е многу битен дел од заедницата. Тоа ја истакнува својата важност во одржливиот развој на општеството, а со тоа и потребата од учество во опсежна јавна дискусија. Дополнително, константното згуснување на градовите, предизвикано од екстремно големиот притисок на глобализацијата, прашањето што да се заштити и како да се зачува преставува огромен проблем.

Случајот на денешно Скопје го опишува обидот да се контролира историјата и идентитетот во време на неолиберална ера, обид за нов кастинг на националниот профил кој влијае врз изграденото наследство, без никаква свест за јазот кој постои помеѓу национализмот и очајната економска реалност. Оваа операција извршена врз главниот град, поттикната и водена од идеологија а не од материјалните потреби, е подеднакво уништувачка за градската морфологија како и земјотресот во 1963та година, но овој пат без никаква надеж за меѓународна помош.

 

Постоење – изграденото наследство навистина постои. Објектот на “Месна заедница”, во Тафталиџе, Скопје.

 

Со цел да се истакне значењето на изграденото наследство од Социјалистичката архитектура во Скопје, не многу познат но вреден да се спомне е објектот проектиран од македонскиот архитект Кирил Муратовски во 1971 година. Станува збор за објектот попознат како “месна заедница” во населбата Тафталиџе во Скопје, кој бил изграден првично за потребите на луѓето кои биле сместени во оваа населба после Земјотресот, а подоцна ја обслужувал и потребата на заедницата и сите жители на населбата. Објектот е изграден во стилот познат како “брутализам” со чиста архитектонска експресија, составен од повеќе композитни модуларни елементи од натур бетон, каде деталите на фасадата ја откриваат грубоста на материјалот.

Конструктивните елементи на објектот формираат функционален простор со човекомерни пропорции и истите драматично го зголемуваат ефекотот на минимализам. Следејќи го принципот на функцијата ја следи формата, секоја единица е дискретно дефинирана, почнувајќи од прифатлив влезен дел и флуидна поделба на одделни простории со различни програмси содржини. Големите светлосни отвори со својата мистикачност ги повикуваат минувачите во внатрешноста на објектот, која пак исполнета со разни случувања вдахнува живот во зградата од бетон и стакло. Објектот претставува колективно добро и во тоа време прераснува во центар за размена на идеи. Простор во кој обичниот граѓанин ги изразува своите идеи, превзема иницијатива а во исто време го запознава својот сосед, комуницира, се социјализира и културолошки се воздигнува, е совршен пример на процес на интегрирање на луѓето и просторот.

 

 

 

Моделот на колективен град или град на еднаквости е успешно постигнат во објектот “месна заедница”. Но како последица на неизбежната транзиција од едно политичко уредување во друго, како и преминот на објекти и земјиште од државна во приватна сопственост, за сите некогашни југословенски држави, претставува фатален момент за многубројни објекти изградени во периодот на социјализмот. Со законот за децентрализација кој стапува на сила во Република Македонија во 2002 година, делот кој се однесува на задолжително постоење на локални заедници – месни заедници е укинат. Како последица на новонастанатата ситуација, потребата од месна заедница е намалена, а со тоа и објектите и земјиштето кои се во нејзина служба преминуваат во приватна сопственост.

Објектот на месната заедница, или објектот на архитектот Кирил Муратовски, или објектот на постземјотресно Скопје, или како и да го наречеме, не избледува од меморијата на локалните граѓани, но за жал е се помалку е познат на пошироката јавност. За просторот во кој работничката класа и сите останати граѓани беа дел од дискусијата и одлуките за заедницата, меморијата ќе живее се додека луѓето се сеќаваат.
Уникатноста на овој објект полека исчезнува во современиот живот и како да сака силно да викне: “И јас сум тука” , сеуште постојам.

 

 

 

[1] Константиновски Георги  ‘Градителите во Македонија – XVII-XX век’, Табернакул, Скопје, 2001.

 

[1] Брутализам е стил во архитектурата кој се појавува во средината на дваесетиот век (од 1950 до средината на 1970) како дел од Модернизмот. Терминот “брутализам” потекнува од францускиот збор кој го опишува материјалот кој е карактесритичен за овој стил béton brut или натур бетон.