Завод за нефрологија / Струга

Година: 1984

Автори: Милка Кочоска

Проектантско биро: Завод за урбанизам во Струга

Извори: Поповски, Михаило. 20 години Завод за Нефрологија - Струга. 1998. Битола. Завод за нефрологија - Струга, НИК „МИКЕНА“ - Битола; www.nefrostruga.com.mk

Локација: Струга

Во денешната објава, на поразличен начин ви ја пренесуваме приказната за објектот на Заводот за нефрологија во Струга. Овој објект и неговата историја е врзана со исклучителната амбиција на повеќе индивидуалци и институции. Од мал центар за дијализа до Завод. Од економска организациона единица и ООЗТ до Јавна здраствена организација од интерес за Републиката. Од скромниот тим на еден лекар и една сестра, заводот го достигнал бројот на 190 вработени. Од една, до 900.000 извршени дијализи.  Во продолжение преку дел од текстовите превземени од книгата „20 години Завод за нефрологија – Струга“ ќе добиеме поширока претстава за процесите зад овој објект и зачетоците на реткиот здравствен туризам во Струга.

„Од нашите стари сме слушале преданија за богатствата и божествените убавини на овие краишта. По манастирите крај Езерото (од Свети Наум, Охрид и Струга) луѓето доаѓале оддалеку „по здравје’’. Овде се било лековите: и водата крај црквите, и лековитите билки низ полето, до најгоре, на ридовине, каде што воздухот длабоко се дише и ја уништува болеста – преку цела година, и зиме и лете.

Струга, пак од опоодамна имала амбиции позначајно да учествува во поделбата на здравствените дејности, па така уште во 50-тите години кај Калишта почна да се гради голема болница за лекување на коските. Но, болницата остана недоправена. на истото место се изградија големи хотели. И тоа е полезно за крајов, ама – остана желбата кај стружани да им се помага на болните.

Се одлучи: „Еве, ќе ја поделиме работата во делот од здравството: на Охрид- за срцевите болни; на Преспа – за болестите на дишните органи, а на Струга – за бубрежните болни.

Поделбата се изврши, но- средства немаше! А време за чекање – немаше! Ние не сакавме да бидеме последни. Затоа почнавме со свои сили: скромно, но со голема љубов и енергија.

Есента 1976 година во Струга ја поканивме Нефролошката секција на Македонија во хотелот „Бисер““. На овој значаен нефролошки состанок рековме дека бараме поддршка за скромната идеја за Центар за дијализа во Струга. Подршка добивме од Клиниката за нефрологија и сите големи и мали здравствени единици во Републиката.

Калишта, Хотел „Бисер“

Наредната 1977 уште немаше резултати од иницијативата. Успеавме во Струга да се одржи Првиот научен состанок на нефролозите од Југославија со меѓународно учество. Ова беше голема научна манифестација што се одржа во штотуку отворениот хотел „Дрим“. Присуствуваа на 400 лекари од земјата и странство.

За нас овој научен собир е значаен по тоа што пред Конгресната сала во хотелот ја истакнавме првата идејна макета на идниот Центар за дијализа во Струга. Првата идеја беше локацијата да биде во Калишта, при хотел „Бисер“. Проектот требаше да го реализираат Клиниката за нефрологија и Медицинскиот центар – Струга. Ваквиот проект беше одобрен од Научниот одбор на југословенски нефролози.

Адаптирана бочничка соба на Интерното одделение

Постоеше идеја, преоктот беше одобрен, но акција за почеток на градба сеуште немаше. Стручниот колегиум на Интерно одделение и Мецинскиот центар решија – да не се чека веќе и да се отпочне со подготовки за дијализа во Струга. Во 1978 година започна адаптирање на две простории – болнички со би на Интерното одделение.

Се поставуваа инсталациите, како битен предуслов за вршење на дијализа. Истовремено, за да не се губи време, беа упатени на едукација за дијализа еден лекар специјалист – интернист и една медицинска сестра во Клиниката за нефрологија.

На иницијатива на ХЕ-Глобочица и Југотранс, во Струга се спроведе акција за прибирање финансиски средства за купување на три вештачки бубрези. Ова беше реализирано со Самоуправна спогодба, потпишана од 15 стопански организации, Извршниот совет и Собранието на Општина Струга.

На 4септември 1978 година, во Струга беше изведена со успех првата хемодијализа по инсталирање на првиот вештачки бубрег-апаратот „Родиал’’. Дијализата траеше 3 часа. Првиот пациент беше Раде Јулоски од Струга. Првата дијализа ја изведоа Д-р Стојан Ковачески-специјалист по интерна медицина и медицинска сестра Милка Калајџиеска.

Задоволството од успешниот почеток беше големо кај сите на Интерното одделение. Секој сакаше да помогне и сите нас не исполнуваше чувство дека тој ден се случи нешто крупно и значајно во струшкото здравство. Почнавме да ги решаваме најкрупните проблеми на болниот човек со бубрежно откажување.

Бројот на пациенти од Струга, Охрид и Дебар беше во пораст. Иако Центарот немаше поголемо искуство, тој стана познат и надвор од Македонија. Летото 1979 пристигнаа пациенти од Белград на Холидеј-дијализа.

Холидеј-дијализа претставува здравствено турсистичка програма каде пациентите можат да добијат дијализа во рамките на патување надвор од својата држава.

Првите зачетоци на здравствениот туризам во Струга, Холидеј-дијализа во хотел „Дрим“

 

Година 1981. Неочекувано брзо растеше бројот на пациенти на дијализа од поблиските места и другите Републики. Привремено се реагираше рационално и успешно; во Хотелот Дрим беше закупен соодветен простор со поглед кон езерото. Просторот доживеа адаптација, беа монтирани потребните инсталации со десет монитори за хемодијализа.

Во јуни 1981 започна со работа истурена единица за дијализа на одмор во хотел. Тоа беше сторено за првпат кај нас, но се покажа мошне успешно како потег кој им се допадна на болните.

Адаптираното одделение за дијализа во хотелот „Дрим“

Струга им ги врати насмевките на болните и им овозможи оптимистички да погледнат на утрешниот ден. Времето болните го поминуваа одморајќи се во прекрасниот хотел, на плажа, на Езерото, веслајќи на кајчиња. Во вечерните часови беа на музика, а за викендите, речиси редовно, Центарот организираше екскурзии во Радожда, Св. Наум или Самуиловата тврдина во Охрид.

Но, прв услов беше – беспрекорно да се обработи медицинскиот дел од услугата. Персоналот постојано внимаваше над квалитетната хемодијализа која ги правеше луѓето да се чувствуаат како здрави и среќни.

Интернацинален промотивен материјал за здравствен туризам во Струга.

Вкупниот амбиент придонесуваше да се заборават болеста и болничките соби. Болничките ходници ги заменија со просторни хотелски холови. Лекарите и сестрите се трудеа пациентите да ја почуствуваат – покрај стручната нивна работа – и пријателската топлина, блискоста.

Болница во нов стил

Според бројот на пациентите и потребата од се повеќе други медицински услуги кои ја следат дијализата, се процени дека и иструрената единица во „Дрим’’ ќе биде премала и претесна за наредните години.

Затоа на 4-ти јули 1981 година Струга одбра крајезерска локација од 17.030м2 за градба на нов Центар за дијализа. Градежното земјиште беше одземено со експропријација. Сопствениците не направија никаков проблем. Еден од нив рече: „Алал ја давам нивата штом ќе се гради болница!’’

Фотографија од изградбата на Заводот за нефрологија, 1981-1984

Проектот беше изготвен од Заводот за урбанизам во Струга. Проектан: Арх. Милка Кочоска со соработници.

Покрај републичката СИЗ, во инвестицијата учествуваа и Општина Струга, Медицинскиот центар, организации на здружен труд и граѓаните.

На 7-ми април 1984 година на најсвечен налин, во присуство на повеќе стотици гости, беше пуштен во употреба новиот Центар за дијализа, нефрологија и рехабилитација.

Овој модерено опремен нефро-рехабилитационен центар со над 3000м2 корисна површина ги отвори вратите на повеќе илјади болни по вентрите за дијализа од тогапните југословенски простори. Интересирањето за Струга стана толку големо што медицинскиот персонал мораше да работи и во четири смени до раните утрински часови. Целта беше да не се врати ниту еден бубрежен болен кој пристигнал во Струга макар и без најава.

Мотивот беше: Струга мора да успее. Затоа секоја тешкотија мораше да се совлада.’’

Центарот за дијализа непосредно пред свеченото отварање

Во прилог споделуваме и фотогалерија од секојдневните активности на персоналот на заводот, конференции и свечени настани.