Архипоезија – Креативно-едукативна работилница за средношколци и средношколки

 

„Скопска архитектура што инспирира поезија“ е независен проект на поетесата и слемерка Елена Пренџова и архитектот Јане Стојаноски кој претставува збир на креативно-едукативни работилници за цртеж и креативно пишување преку кои младите се запознаа со значајната скопска архитектура подлабоко од нејзината појавност и истата им послужи како инспирација за пишување авторска поезија. Работилниците во рамките на проектот беа наменети за млади од повисоките класови од сите средни училишта на територијата на Град Скопје –  и гимназиите и средните стручни училишта. Во проектот зедоа учество пет ученички од повеќе средни училишта во градот.

Овие креативно-едукативни работилници доаѓаат како дополнување на формалното образование кое, за жал, не посветува доволно внимание на уметностите, особено на архитектурата. Овој проект допринесува да се покрене свеста на младите за архитектурата и нејзината важност како сценографија на човековото битисување, односно како нем сведок на нашите животи. Таквата нејзина повеќезначност преку работилиницата за креативно пишување требаше да биде преточена во поезија преку која ќе се препознае духот на градот Скопје.

 

Музејот на современа уметност – Скопје. Извор: Тигрите МСУ

 

Во фокусот на проектот беше објектот на Музејот на современата уметност поради својата архитектонска вредност, силната поврзаност со колективната меморија на градот и историската важност – еден од симболите на обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Станува збор за објект кој од една страна ја симболизира светската солидарност и претставува олицетворение на оптимистичките визии за иднината на градот, а од друга страна со својата локација се наметнува како експониран елемент на градските визури, како еден модерен културен акропол, додека неговото архитектонско обликување се карактеризира со исклучителни релации опкружувањето, како и богатство во просторните доживувања.

Во рамките на проектот „Скопска архитектура што инспирира поезија“ беа одржани следниве програмски активности:

  • Прв ден (28.10.2020) – онлајн – Воведни излагања:  запознавање со историјата на објектот и неговите карактеристики; насочување на учесничките на кои елементи и карактеристики да обрнат внимание при посетата, односно како да ја набљудуваат архитектурата. Исто така, на младите им беа дадени првични насоки за теренската работа – техники на скицирање и цртеж, како и други медиуми за теренски прибележувања. Сесијата ја водеше дипломираниот архитект Јане Стојаноски.

  • Втор ден (1.11.2020) – со физичко присуство – Посета на објектот на Музејот на современата уметност. Задача на учесничките и учесниците беше, следејќи ги инструкциите добиени во воведната сесија, на самото место да ги препознаат идејата и главните карактеристики на објектот, да го замислат „животот“ што се случува во него и да се обидат да проникнат во тоа како објектот стапува во интеракција со посетителите, односно корисниците и градот воопшто. Посетата беше проследена и со дискусија преку која можеа да се споделат индивидуалните читања и препознавања на анализираниот објект. Исто така, ќе се одвива и теренска работа, односно учесничките изработија цртежи, поточно кроки скици кои претставуваат одраз на нивното индивидуално доживување на објектот на Музејот на современата уметност. Кроки скиците, заедно со избор од поетските творби кои настанаа за време на третата сесија беа искористени за изработка на сет од разгледници. Посетата ја водеа Пренџова и Стојаноски. Дискусијата ќе ја водеше Стојаноски, кој ја менторираше и теренската работа.

  • Трет ден (8.11.2020) – оналјн – Креативна работилница за креативно пишување. Оваа работилница беше составена од два дела. Во првиот дел на учесничките им беа презентирани повеќе форми на кратка поетска творба: хаику, хаинаку, танка, сомонка, американско хаику, лун, сенрју, секој со своите карактеристики, како и меѓусебна компарација на истите. Исто така, беа презентирани и заеднички беа анализирани референтни примери од светската и македонската поезија, со што младите добија појасна претстава за овие поетски форми, но и за задачата во вториот дел на работилницата. Во вториот дел, учесничките имаа задача да пишуваат авторска поезија – песни во стил и форма по сопствен избор од презентираните жанрови, инспирирана од темите и мотивите од претходните сесии и посетата на објектот. Во овој дел ученичките работea индивидуално и под менторство. Работилницата за креативно пишување ја менторираше поетесата и слемерка Елена Пренџова.

  • Четврти ден (14.11.2020) – Финален настан – доделување сертификати – поради пандемијата со КОВИД-19 и пропишаните мерки за превенција, првично планираната изложба не се одржа, туку на учесничките само им беа врачени сертификати за учество и сет од изработените разгледници. Финалниот настан се одржа во Установата од областа на културата Културно-социјалнен простор Центар-Јадро.

Како краен резултат од проектот беа изработени 15 разгледници, секоја испечатена во 85 примероци, на кои се поместени избрани кроки скици изработени за време на посетата на Музејот на современата уметност во комбинација со избор од поетските творби на учесничките. Сите цртежи и песни коишто учесничките ги создадоа за време на проектот се презентирани на оваа веб-страна.“

Во прилог ви претставуваме дел од поезијата која е создадена под импресии на објектот на Музејот на современа уметност, како и цртежите на учесниците кои се изработени за време на работилницата.

Ана Илиева

Хаику

горе, над Скопје
Музеј на современа –
инспирација.
* * *
неделно утро,искачувај врвови –
љубов ни е музејов.
* * *
вечно бркање:
губитнику, замини!
ти доаѓаш пак.
* * *
не, не се смеам.
не, нема ни да плачам.
паднав на меко.
* * *
нè погледнува,
мислиш ќе ни прозбори
од полиците!

Анастасија Саздовска

Превртено хаинаку

Почетокот порано почна.
Часовникот одбројува
штама.
* * *
Соновите те лажат:
едноставна е
смртта.

Елена Илиевска

Танка

во далечина,
помеѓу столбовите,
на сончев ден

осамено
играат сенки.

Калина Љубецкиј

Хаинаку

спој:
мермер, камен –
модерно наспроти старо.
* * *
зборови
на лист –
линии во просторот.
* * *
не
гледаат слики
низ сопствени очи

Софија Тодороска

Хаику
Трите грации
врз студенило спијат –
за да го стоплат.
* * *
мртви допири
сиот живот го кријат
под плашт од боја
* * *
ноќта е темна.
дождот ќе ја поплави –
тонат зеници.
* * *
светнала капка.
тело на месечина.
уста од земја.
* * *
дише мислата
во влажна далечина –
сите спиеме.

 

_____

 

Текстот е превземен од официјалниот сајт на работилницата.