Ревитализација, пренамена и доградба на „Кино Култура“ и негова трансформација во факултет за аудио-визуелни уметности / Маневски

Година: 2018

Тема: Ревитализација, пренамена и доградба на „Кино Култура“ и негова трансформација во факултет за аудио-визуелни уметности

Предмет: Магистерски труд

Автори: Димитар Маневски

Универзитет: УАКС

Ментор: Проф. Д-р. Викторија Еремеева

Локација: Скопје

 

Градот Скопје, бележи драстична градежна експанзија, особено во централното градско подрачје, притоа преку ваквото урбано згуснување на урбаната маса, не ги зема во предвид урбаните празнини . Покрај јавните површини, напуштените објекти исто така претставуваат урбани празнини на градот, кои настануваат поради губењето на значењето и функцијата на самите објекти. Веројатно поради недостатокот на цврст и препознатлив карактер, ваквиот вид на урбани точки се третирани без јасен став за нивното постоење, како и нивното одржување.

Развитокот на центарот на градот Скопје, доколку го разгледуваме како просторен амалгам на колективните текови низ последните години, препознава создавање на нов градски идентитет, губејќи го својот автентичен урбан континуитет. Голем дел од објектите кои се градени и сведочат за епохата кога киното „Култура“ е изградено, кои се во непосредна близина на објектот се скриени во завеса од неодредена иконографска структура. Јасното поставување на објектот во современата конотација може да се постигне и без ваквото нарушување на урбаната структура, притоа дополнувајќи го со нови функции и карактеристики, доследни на новото време.

 

Постојна состојба на кино Култура во контекст на околината

 

Преку ваквото истражување за повторно дефинирање и функционално исполнување на урбаната празнина се цели кон креирање на социо-културна, економска и еколошка ревитализација, како и повторно враќање на идентитетот на самата локација. Истражувачката работа е проследена со анализи за генезата на постоечкиот објект, како и неговата околина, од суштествената природа на самото кино „Култура“ (поранешно кино „Уранија“)  од првичните планови на архитектот Иван Артемушкин, кој го проектирал овој објект во периодот помеѓу двете светски војни, до финалните планови за изградба на објектот.

При проектирање на адаптацијата се избегнуваат непотребни рушења во дизајнот на просторот, особено во објекти кои постојат повеќе десетици години. Со детална опсервација на постоечкиот објект, со новиот проект се предлага ново просторно ре-обликување, преку минимално рушење на некои архитектонски елементи, кое е потребно да се направи со цел на неговата пренамена…. Стариот простор на кабината на киното „Бамби“ е пренаменето во мала шминкерница, каде што ќе бидат подготвувани артистите за снимање. Просторот на кино салата „Бамби“ се пренаменува во студио за камера, каде што студентите ќе можат да вежбаат на сцени до три метра, додека дополнителиот метар над сцената е искористен за светло.

 

Основа на кат 1

 

Каскадното денивелирање се отстранува поради промена на намената на салата. На најниското ниво во подрумот (-4.90)  e проектирано музичко студио со глува соба, кое ќе биде употребувано и како простор за настава. Глувата соба претставува простор во кој ѕидовите се направени апсолутно да го апсорбираат звукот и електро-магнетните бранови.

Со затварање на скалишниот отвор, како и рушење на преградните ѕидови на напуштената кафетерија, се враќа флуидниот карактер на движење во приземниот дел. На северо-источната страна на фасадата во приземјето ќе се постават нови стаклени прегради во овална форма, која ќе ја прати кривата линија на аголот на објектот, а со тоа и враќање кон автентичноста на објектот од самото негово проектирање. Ваквите овални стакла допирајќи ги кружните фасадни столбови ќе оформат  излог на концепт продавница, која е проектирана на таа страна. Во холот е поставен пулт за информации и целокупниот простор е наменет за социјализација на студентите, како и за собирање група на луѓе, пред почеток на филмска проекција.. За разлика од подрумското студио за камера, поголемата висина овозможува тука да се работи со поголем опсег на боја на температура.

 

Новопланирана состојба

 

На првиот кат се пристапува преку двете скалишни јадра од приземјето, кои водат кон централен коридор, кој ги дели содржините од двете негови страни. Од јужната страна на коридорот се пристапува кон содржините кои не добиваат сончева светлина. Тоа се првата галерија на главната сала, студиото за монтажа и два тоалета). Галеријата на првиот кат е со капацитет од 68 места и преку нов мост е поврзана со првиот кат на новопроектираната доградба на објектот..Од северната страна на коридорот  се пристапува кон оставата, потоа до училница со капацитет за 12 студенти, а на аголот на објектот од североисточната страна е поставена просторијата за професори.

 

Пресек на новопланираната состојба

 

На вториот кат се пристапува преку истото скалишно јадро и повторно е оформен коридор преку кој од северната страна се поставени две училници со капацитет од 12 студенти, а на другата страна на оската на коридорот е проектиран мал тоалет, кабина за кино-прикажување и втората галерија со капацитет од 92 места.

 

Аксонометриски пресек на новопланираната состојба

 

Раминиот кров ќе биде искористен за поставување на летно кино со капацитет од 70 седишта  и кафетерија со капацитет за 70 посетители. Овие две содржини ќе го споделуваат и звучниот систем. Поради безбедносни причини атиката на кровот наместо во висина е продолжена во широчина т.е. е  поставена ниска армирано бетонска ограда, која е одалечена од атиката 1 метар и во празнината е искористена за засадување на жардињери, во кои има скриено светло.

 

Аналитички дијаграм на структури и материјали

 

На јужната страна на киното „Култура“ се проектра објект со подрум приземје и четири ката со челична конструкција. Ваквата екстензија овозможува простор за потребите на проектната програма, како и нов архитектонски наратив кој е контрапункт на постоечкиот објект. Генерираната форма на доградбата ја повторува кривата линија на фасадата во најрепрезентативниот агол, но затоа обработката на новопроектираната фасада е направена во нов манир, кој го претставува новото време. Фасадата претставува стаклена завеса во која се поставени дрвени пиластри со брисолеи, кои се завртени во зависност на страната на поставеност, односно на јужната страна брисолеите се поставени хоризонтално, додека на источната вертикално. На кровот на третиот кат од доградбата е поставен кровен прозорец, кој исто така има брисолеи кои заедно со пиластрите што ја  надвисуваат атиката на објектот, формираат игра на сенки.

 

3Д визуелизација од екстериерот
3Д визуелизација