Ревитализација на Шенѓул Амам во ликовно-симболичка скулптура со простор за модна академија и кафуле

Семестар: IX семестар 2021/2022
Предмет: Ревитализација на градителското наследство
Проектна задача: Ревитализација на Шенѓул амам во ликовно-симболичка скулптура со простор за академија и кафуле
Автори: Марија Цинциева, Махмуд Тале, Јулија Јовановска
Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет, Скопје
Ментор:  проф. д-р Ана Ивановска Дескова, проф. д-р Јован Ивановски
Локација: Шенѓул амам, Стара чаршија, Скопје

 

1.Вовед – локација, задача

 

Стара Скопска чаршија е богата со монументални исламски објекти од сакрален и профан карактер кои најчесто се групирани како урбани тројки или четворки (џамија, ан, амам и безистен). Шенѓул амам е дел од една урбана тројка, во која припаѓаат Куршумли ан, кој е непосредно до амамот и урнатата Казанџилер џамија која се наоѓала од јужната страна на овој ан. Денес е дел од плоштадот кој се формира пред Музеј на Македонија.

 

 

 

Нема точни податоци за изградбата на амамот, но се претпоставува дека припаѓал на Хаџи Мехмед и бил изграден во XV век. „Шенѓул“ во буквален превод значи  „убава роза“, што укажува на убава декорација или декорација од рози. Ѕидаријата на Шенѓул амам и Куршумли ан е од наизменични редови на камен и два реда тула- ОПУС ЛИСТАТУМ,  преку која освен функционалната релација ја градат и естетска.

Амамот припаѓа во типологија на единечни амами. Меѓу народот е познат како „Сув амам“, бидејќи немал вода. Откако престанал да функционира по намена, се користел како магацински простор.

Меѓу еден од настраданите објекти од земјотресот во 1963 година е и Шенѓул амам, во кој најмногу оштетувања претрпел просторот на шадрван салата во кој е урната цела купола и делови од ѕидаријата. Во таква состојба го среќаваме и денес, вкопан за 1.75m од нивото на земјата.

 

 

 

ЗАДАЧА

Рeвитализацијата на постоечкиот историски објект во ликовно-симболичка скулптура со простор за Aкадемија за мода и кафуле. Има интенција да го оживее духот на местото, како историски споменик, а воедно како експонат во дворот на музејот. Поттикнати од самата локација, намерата е да се внесе секојдневна употреба на просторот- академија во приземјето и кафуле на катот за целосно доживување на чаршијата со визурите кои се откриваат на повисока кота.

 

 

2.Референтен пример

Инспирацијата потекнува од уметникот Едоардо Тресолди (Edoardo Tresoldi) со проектот за црквата Санта Марија Маџоре ди Сипонто, Италија (Basilica di Santa Maria Maggiore di Siponto, Italia). Во археолошкиот локалитет Сипонто е создаден проектот „Каде уметноста го реконструира времето“- иновативна инсталација во жичана мрежа, која се појавува како величествена архитектонска скулптура и ги доловува волумените на последната фаза од античката ранохристијанска базилика и истовремено умешно создава односот меѓу античкото и современото.

Сакајќи да го имплементираме храбриот избор на Тресолди, да се направи дијалог за археологијата и современата уметност, делот кој недостасува, односно шадрван салата е реконсктруиран со челична мрежа во својот некогашен волумен. Со што таа претставува скулптура, слика на нејзиниот дух, преку  која се доживуваат и се будат чувства на тотална перцепција на архитектурата и нејзината околина.

 


3.Програмски пристап

Покрај рекоконструираниот волумен на ладните простории, односно Шадрван салата, топлите простории на амамот добиваат намена на продажен и изложбен простор. На северната страна има доградба која во приземјето прима атеље со можност работниот простор да се прошири кон задниот двор и кафуле на катот кое се развива на две платформи и овозможува различни визуелни доживувања на објектот и околината.

Во објектот може да се пристапи од повеќе влезови кои со својата позиција овоозможуваат непречена циркулација на движење. Влезот на постоечкиот амам ја задржува својата позиција, и е главен влез на просториите за изложба и продажба. Но, пристапот до него е преку Шадрван салата која станува место од јавен и отворен карактер, и за потребите на Академијата може да се искористи за модна ревија, вклучувајќи го и платото пред амамот. До останатите програмски целини пристапот е овоозможен преку три примарни и два секундарни влезови.

Посебен акцент се става на пристапноста до објектот и можноста за пристап на лица со посебни потреби. Главниот приод е од заедничкото плато со скали кои напоредно формираат амфитеатрално седење и секундарен, од северна страна со рампа и скали.

 

 

 

 

 

4.Формален пристап

Прв чекор е отстранување на дивоградбите кои не само физички, туку и визуелно ја нарушуваат околината. Втор чекор е интервенција врз амамот која се состои од два волумени: Примарен волумен- кој е имнпозантен е споменатата шадрван сала и секундарен волумен- доградба на кубична форма во задниот дел. Поставена во втор план со цел да не го наруши впечатокот кој го создава салата со веќе постоечкиот дел од амамот. Се вклопува во околината со прекршувањето на северната страна и гради однос со Музеј на Македонија и Куршумли ан. За складноста на целосната слика допринесува и со својата висина која го следи венецот на анот изведена со рамен кров.

 

 

 

Уште еден чекор во обликувањето е и вовлекувањето на предната фасада која го нагласува директниот влез во ново изградениот објект.

5.Материјален аспект

Како спротивставување на тешката камена структура од остатокот од амамот, за новите доградби се користи челик. Изведбата на волуменот од шадрван салата е со челична мрежа која може лесно да се обликува, а има својство на голема цврстина. Се постигнува баланс помеѓу монументалноста на волуменот и леснотијата на самиот материјал.

 

 

Секундарниот волумен е конструиран од челична конструкција, а неговата обвивката е со стаклена завеса од копилит стакло, кое со својата материјалност гради еден контраст и дава акцент на амамот и шадрван салата и истовремено гради релација со фасадата од Музеј на Македонија.

 

Материјалност на подови: епоксилен под- подовите на северната доградба, кој создаваат една воедначена целина, ризла- преден двор на објектот, контраст на изграденото, транвентин- заден двор, се надоврзува со материјалноста од платото  на музејот и бетон- пристапна рампа и скали, со цел да се постигне една неутралност во просторот.

 

 

6.Заклучок

Овој проект има за цел да го реанимира овој дел од чаршијата и да привлече внимание на локалното население и туристите како една атракција и место за градење на социјалниот и културниот интелект.