„Железнички мост” / Скопје, Маџир маало
23.11.2022 • XVI - XIX век Информации Истражување
Автори: Ориенталната железница (CO- Chemins de fer Orientaux)
Година: Околу 1888
Локација: Маџир маало
Инфраструктурните објекти од секогаш биле од огромно значење за развојот, поврзувањето и контролата на териториите на една држава. Мостовите важат за клучна алка во процесот и уште од античкиот свет се структури кои бараат исклучителни решенија и технологии на изведба.
Потреба за голем напредок и нови решенија во доменот на мостовите доаѓа како потреба по воспоставувањето на железничкиот сообраќај на територијата на Европа. По отворањето на првата меѓуградска линија во Англија (1830) железничкиот сообраќај се докажува како ефикасен за превоз на суровини, патници итн. Европа влегува во забрзана трка за нејзино поврзување. Индустриската револуција и воведувањето на нови материјали во градежната индустрија како лиеното и кованото железо, носи нови можности за изведба на поамбициозни и поголеми мостови.
Отоманската империја го започнува развојот на железничкиот сообраќај со одлуката од на 31 мај 1868 година каде Белгиската компанија „ Van der Elst and Cie“ ја добива концесијата за работите. Но поради финансиски проблеми, концесијата е предадена на Германскиот банкар Maurice de Hirsch, кој ја формира Ориенталната железница (CO- Chemins de fer Orientaux) да ја раководи линијата. Првото железничко поврзување на просторот на Македонија се случува во 1873 година кога е воспоставена железничката врска меѓу Солун и Скопје. Истата била реализирана по фази, каде официјално врската Скопје Солун е отворена на 9ти Август 1873 година. Веќе другата година во 1874 година Скопје се поврзува и со Косовска Митровица. Северната линија до Ниш е отворена до 25 ти Мај 1888 година.
Железничкото поврзување носи со себе изградба на инфраструктура особено за премин преку реката Вардар. Како дел од работите голем број на мостови се изградени за потребите на пругите меѓу кои некој се во уште во функција до денес. Со поврзувањето на Скопје со Ниш кон север потребата за премин над реката Вардар е реализиран тогаш, на границите од градот крај населбата Маџир Маало.
Преку новата пруга во Скопје е изграден таканаречениот „Железнички мост”. Структурата на мостот била решена со кутиести решеткасти носачи со вкупна должина од околу 150 метри преку реката Вардар. Распонот на носачите бил поделен на три дела поставен на два големи постаменти изработени од делкан камен. Сите три дела биле поделени на 12 вертикали. Мостот бил изработен од профили на ковано железо поврзани со топло калени завртки и имал само единична пруга. Во изведбата на мостот се гледа влијанијето и на западните претприемачи за изведба на железничкото поврзување.
Железничкиот мост, како и неговиот претходник Камениот мост, набрзо станува препознатлив белег на Скопје за кои сведочат големиот број на иконографски податоци кои се достапни за него. Во 19тиот век ваквиот објект преставува еден голем скок кон развојот на градот и неговата структура доведува до воодушевување до жителите на Скопје.
За судбината на мостот не успеавме да пронајдеме многу податоци. Претпоставка е дека е срушен за време на првата светска војна како голем број инфраструктурни објекти како на пример мостот во Велес. На неколку фотографии од Скопје се појавува мост кои потекнува после Првата Светска војна. Секако по земјотресот од 1963 година со подигнувањето на новата железничка станица во Скопје, мостот станува непотребен и е срушен. Денеска сеуште постојат бетонски постаменти во реката Вардар кај Маџир Маало кои сведочат за историјата на тоа место за железничкиот сообраќај во Скопје.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Железнички мост / Македонски железници / Маџир Маало / Отоманска империја / Скопје