Пештерна црква Св. Архангел Михаил / Радожда XIII-XIVвек
10.12.2022 • VI-XV век
Период на изградба : XIII – XIV век
Локација: Над село Радожда, на западен брег на Охридско езеро
Фрескоживопис: анонимен зограф
Автор на истражување: м-р Владимир Таневски
Насловна фотографија: Википедија
Фотографии: м-р Владимир Таневски
Извор: Г. Жура, Пештерски цркви: Охридско крајбрежје, Марица, Скопје, 2013; Ристов, Јован (ед.), Пештерна црква св. Архангел Михаил – Радожда, РЗЗСК, Скопје, 2004; В. Таневски, „ Претставите на св. Климент во пештерските цркви на крајбрежјето на Охридското езеро“, Историја, год. LVII, бр. 2, 2022
Пештерската црква посветена на Војсководителот на Небесните Сили – Архистратегот Михаил се наоѓа високо во карпите над струшкото село Радожда, на западниот брег на Охридското езеро.
Не е познато кој ја финансирал изградбата и фрескоживописувањето. Црквата се состои од два дела, од кои вториот дел служи како нартекс ориентиран во правец север-југ. Апсидата е поставена на исток, изградена од камен и тула, а нејзината основа е поставена на дрвени греди. Источниот ѕид и сводот на нартексот, исто така се изградени од камен. Двата дела на пештерната црква зафаќаат простор од 10m х 2m. Во целост, денешниот изглед на црквата го добила во XIV век. Најважно е што дел од фрескоживописот потекнува од XIII век, со тоа може да се заклучи дека и самата градба треба да се датира во XIII век. Од оваа црква лесно се воочува извонредната претстава на „Чудото во Хона“ од XIII век и ги отсликува сликарските способности на анонимниот зограф.
Од XIII век потекнуваат и претставите на св. Параскева, св. Јован Каливит и св. Климент. Црквата е повторно фрескоживописана во XIV век. Во овој период се насликани Големите Празници и Христовите Страдања, од кои денес се препознаваат неколку сцени во највисоките зони на храмовиот ентериер. Интересно е да се напомене дека претставата на Вознесението Христово се наоѓа на надворешната страна.
Фрескоживописот во нартексот е подобро зачуван, и по својот распоред е соодветен со украсувањето на Охридските еднокорабни цркви од средината на XIV век. Фрескоживописот од XIV век ги има карактеристиките на овој период: лицата се поскромно моделирани, драпериите ја следат фигурата на телото, претставите се изведени со поголем графицизам и воопшто самата палета на бои на сликарот е поскромна. Постои и фрескоживопис од XVII век, поточно ова е претставата на архангел Михаил во цел раст насликана на источната фасада, десно од влезот. Фрескоживопис има и од XVI или почетокот на XVII, но само во нартексот. Иконостасот чиј што дарител е г-дин Крсте Секулов, потекнува од 1840 година и е изработен од Јаков Радев од село Лазарополе.
Оваа црква зазема значајно место во културното наследство на Македонија, бидејќи во најзиниот ентериер се зачувани фрески од XIII век, и е една од малиот број на црковни објекти од XIII век на територијата на Македонија. Други цркви од овој период се: Св. Никола во селото Манастир – 1271 година, Св. Јован Богослов Канео – 70-те – 80-те години на XIII век, Св. Архангел Михаил во Варош, Прилеп – 1270 – 1280, Св. Димитрија во Варош (Прилеп) – околу 1290 година, Св. Никола во Варош (Прилеп)– 1298 година и Св. Богородица Перивлепта – 1295 година.
Во 2003 година е изведен истажувачки – конзерваторски проект на црквата, кој бил реализиран во соработка со фондацијата „World Monument Fund“ од Њујорк. Тимот го сочинувале д-р Панче Велков, м-р Донка Барџиева – Трајковска, м-р Снежана Герасимова – Матевска, Драги Верговски, Васил Трајковски, Илија Ѓорески и други надворешни соработници од РЗЗСК, Македонија и други институции. Тогаш е извршено и раслојување на фрескоживписот, особено макотрпен процес, со што се откриени фреските од XIII век.
Авторот на текстот е Магистар по Археологија.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Радожда / Св. Архангел Михаил / Средновековна архитектура / Средновековна црковна архитектура / струга