Изложба во најава „Македонските архитектурални скулптури“ / Богоева

По долги години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХвек во Скопје, во 2017та година ја посветив изложбата „Затемнетиот Град“ токму на таа тема, а во 2018та година со иста инспирација ја направив и монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“.

 

 

 

Меѓутоа, факт е дека оваа монументалистичка архитектура е присутна не само во главниот град туку и низ целата наша држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Имено, како и Скопје и во другите градови таа е често занемарена, оставена на маргините или да живурка или да пропаѓа. Дел од причините за овој однос кон брутализамот, а по него и на модернизамот (иако се светски архитектонски правци) е фактот што тие кај нас се појавуваат во времето на функционирањето на поранешна југословенска федерација. Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња, влијаат врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое што се создавани. Преку фотографија сакам да ја прикажувам оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст.

 

 

Имено, кога навистина ќе се приближиме кон овие градби и споменици, можеме да ја видиме нивната големина, нивната монументалност и фактот дека архитектите кои ги проектирале овие дела навистина сакале да направат прецизни градби кои би следеле геометриски црти, воедно вклопувајќи се и откскокнувајќи од околината во која се наоѓаат. Функционалноста на овие училишта, градинки и згради во ниеден момент не била компромитирана на сметка на нивниот екстериер (околниот пејсаж), а ни обратно. Дури и спомениците изградени во овој период (како на пример, Костурницата на архитектот Петар Муличковски во Кавадарци) од една страна се поставени на локации кои им даваат шанса да се вклопат одлично во природата на градовите и да бидат функционални за рекреација на населението. Додека, пак, од друга страна се направени да личат како уметнички дела кои треба да припаѓаат во музеите.

 

 

Овие архитектурални дела треба да се прикажат како џиновски скулптури во некој музеј. Доближени до гледачот максимално колку што може да се доближиме на скулптура, искушени да ја допреме иако знаеме дека не смееме. Бетонот од овие објекти нѐ повикува да ја видиме страната на овие објекти која често сме ја занемарувале. И бидејќи забранетото често е најинтригантно, преку допирот на фотографијата со архитектурата јас сакам да успеам ове дела да ги презентирам онака како што тие заслужуваат да бидат видени и запаметени за сите идни генерации.

Изложбата е поддржана од Министерството за Култура на Република Северна Македонија и Младинскиот Културен Центар.

Изложбата е од продажен карактер.

 

 

Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се поврзани со програмата на Меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007г.

Во нејзиното портфолио има повеќе групни и самостојни изложби.

Ерина Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р С Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија.