Растот на градот и урбаниот природен пејзаж: Случајот на локацијата “Расадник“ / Димовски
21.10.2023 • Студентски проекти Урбанизам
Автор: Дарко Димовски
Проект: Магистерска теза
Наслов: Растот на градот и урбаниот природен пејзаж: Случајот на локацијата “Расадник“, Кисела Вода, Скопје.
Ментор: Проф. д-р. Слободан Велевски
Универзитет: „Св.Кирил и Методиј“- Скопје
Година : 2022
Градот Скопје во последните неколку децении се соочува со забрзана и неконтролирана урбанизација, особено изразена со градење на станбени структури кои доведуваат до урбано планирање кое предизвикува сеопшто намалување на квалитет на живот во градот. Неизградените градски територии, кои се наоѓаат во постојното изградено ткиво на градот, се ресурс кој треба да се искористи со цел да се подигне квалитетот на живот во постојниот град. Урбаните празнини, особено зелените површини во градот, се повеќе се предмет на интерес за создавање профит на поединци, a за сметка на тоа јавниот интерес, односно местото каде се обединуваат процесите кои ја создаваат социјалната и урбаната кохезија на заедницата се негира и губи.
Предмет на ова истажување е една градска територија со развиен биодиверзитет, која е потенцијал за балансирање на градот со квалитетна зелена површина и јавен простор во градот Скопје. Станува збор за Расадникот во општина Кисела Вода кој претставува последен фрагмент на урбан пејзажен предeл во овој дел од градот. Предметот на истражување ќе се фокусира на создавање нови урбани амбиенти кои се резултат на различни морфотиполошки и програмски решенија, како и зачувување на биодиверзитетот кој е присутна реалност на оваа градска територија.
Цел на ова истражување е да се најде урбан модел за трансформација на една градска територија, која се јавува како одговор на тековните предизвици што се соочува овој дел од градот Скопје, како што се преголема густина на изграденост, отсуство на зелени површини и јавен простор, монофункционални урбани средини – само домување итн. Зачувувањето на квалитетите кои се веќе присутни на локацијата, во случајот развиениот биодиверзитет, треба како жив артефакт да ја зачува меморијата на оваа градска територија, и истата да ја интегрира преку ново понудена урбана трансформација и да ја поврзе со постојната заедница.
АНАЛИЗИ
Местоположба на „Расадникот“ во рамките на градот Скопје
Расадникот се наоѓа на југоисточната страна во рамките на Скопје, во општина Кисела Вода. Локацијата е одалечена на само 2.5 км од централното градско подрачје. Градот Скопје, кoj има недостаток на поголеми зелени површини, Расадникот е одлична можност за балансирање во градот, за нова зелена површина и простор за ублажување на недостатоците од непосредните урбани структури.
Анализа на околната урбана структура околу Расадникот
Непосредната урбана структура во поглед на класите на намени доминантно е домувањето. Исто така југоисточно од Расадникот има индустриски објекти (производство, дистрибуција и сервиси), каде што се наоѓа и фабриката „Усје“. Во рамките на опфатот на урбаниот модел од 15-Minute City, во околните урбани средини и покрај доминантно монофункционалните средини со домување и недостаток на јавни простори и зеленило, со тековните Детални урбанистички планови ,кои предвидуваат зголемување на зоните за домување, дополнително ќе се зголеми густината на жители и намали квалитетот на живот во околината. Во овој опфат се предвидуваат околу 54 илјади жители. Расадникот се наоѓа во централниот дел на општината Кисела Вода, кој ги поврзува околните урбани делови од истата. Расадникот зафаќа површина од 26 хектари. На североисточна страна се граничи со булеварот „Борис Трајковски“, на источната страна се наоѓа населбата „Цементарница“, на југ е маалото т.н. „Последна 24-ка“ и на запад се граниичи со истоимената населба „Расадник“.
Анализа на потесна локација
Расадникот се наоѓа во централниот дел на општината Кисела Вода, кој ги поврзува околните урбани делови од истата. Расадникот зафаќа површина од 26 хектари. На североисточна страна се граничи со булеварот „Борис Трајковски“, на источната страна се наоѓа населбата „Цементарница“, на југ е маалото т.н. „Последна 24-ка“ и на запад се граниичи со истоимената населба „Расадник“. Населбата „Расадник“, која е урбанизиран дел од некогашниот расадник, претставува нехуман урбанистички потфат со низок квалитет на живот. Урбана средина со преголема густина на населеност и монофукционала урбана средина – само домување, има отсуство на јавен простор и зелени површини, просторот помеѓу зградите е исполнет со сообраќајници и паркинг простор исполнет со автомобили. Освен садниците и спонтаната вегетација на Расадникот, во непосредната околина нема поголеми зелени површини и места за рекреација каде жителите би имале можност да се релаксираат и рекреираат.
Тековна состојба и тенденции во урбанистичкото планирање – Расадник, Кисела Вода
Расадникот во Кисела Вода, поточно преостанатиот слободен простор од некогашниот расадник изминатите десетина години е предмет на урбанизирање од страна на локалните власти. Првиот обид за урбанизација односно првиот предлог ДУП е предложен во 2016 година, кој што беше неуспешен. Вториот предлог- ДУП е предложен во 2019-та година кој нуди подобри услови за живеење од неговиот претходник, но далеку од добри услови за живеење.
Во овој предлог-ДУП (2019) во однос на преостанатиот слободен простор на Расадникот доминатно се предвидува монофункционална урбана средина – само домување. На оваа територија се предвидуваат дополнително 14 700 нови жители. Ова максимално искористување на просторот за изградба на станбени згради создава простор кој што го губи човечкиот размер, има отсуство на светлина, нема продор на воздух и има отсуство на јавен простор. Исто така се губи и меморијата и зеленилото на оваа градска територија кој има веќе развиен биодиверзитет.
Нехуманите услови за живот и желбата за профит може да се забележат од планскиот показател , како густина на населеност, на предлог Деталниот урбанистички план за Расадникот во споредба со другите населби во Скопје.
ДИЈАГРАМ НА КОНЦЕПТ
Дадености на локацијата – Расадникот изобилува со биодиверзитет, геодетски снимени се околу 5000 дрвја. Покрај засадените дрвја има и самоизраснато зеленило кое се интегрирало помеѓу садниците. Токму овој биодиверзитет е појдовна точка за урбанистичкиот концепт. Исто така низ оваа локација поминува и далековод со моќност од 110Kv.
Зелен коридор – Зеленило се предвидува на западната, јужната и поголем дел на југоисточната страна на Расадникот со цел интегрирање на веќе постојните садници во концептот, како и да се подобри квалитетот на околните монофункционални урбани структури. Овој зелен коридор претставува врска и социјален простор помеѓу постојните и новопланираната урбана структура.
Социјална заштита и образование – Постојните образовни и социјални установи се наоѓаат на западната страна од Расадникот, додека населбите од југоисточната страна кои го тангираат расадникот немаат обезбедено образовни и социјални установи, затоа новите установи се предвидуваат на југоисточната страна од локацијата, кои што би биле централно поставени во однос на постојните населби на кои им е потребно и новата урбана зона.
Урбана зона – Урбаната интервенција е позиционирана на северната страна долж булеварот „Борис Трајковски“ како најфрефентна врска со останатите делови од градот Скопје. Урбаната структура е одделена односно поврзана со зелен коридор со постојните урбани зони.
УРБАНИСТИЧКИ АСПЕКТИ
Планот предвидува станбени единициза околу 2150 жители заедно со основно училиште, детска градинка, верски објект, Институт за овоштарство, продавници, канцелариски простор, хотелско сместување, социјални простори, зелени површини итн. – комплетна населба каде што повеќето дневни потреби на жителите ке можат да ги задоволат во новопроектираниот урбан центар. Проектот претставува идеја и визија за урбан модел на заедништво. Архитектонско-урбанистичкиот модел кој го сочинуваат различни типологии како урбани вили, слободностоечки згради и кули, се интегрирани во компактни кластери. Урбаниот модел ги стимулира интеракциите помеѓу жителите. Заедничките можности и удобности им овозможуваат на заедниците да се среќаваат, да комуницираат и да го споделуваат своето време како дел од секојдневието. Бруто густината на населеност изнесува 68ж/ха, нето густината на населеност е 405 ж/ха. Станбена површина изнесува 30м² по жител.
УРБАНИСТИЧКИ АСПЕКТИ
Планот предвидува станбени единициза околу 2150 жители заедно со основно училиште, детска градинка, верски објект, Институт за овоштарство, продавници, канцелариски простор, хотелско сместување, социјални простори, зелени површини итн. – комплетна населба каде што повеќето дневни потреби на жителите ке можат да ги задоволат во новопроектираниот урбан центар. Проектот претставува идеја и визија за урбан модел на заедништво. Архитектонско-урбанистичкиот модел кој го сочинуваат различни типологии како урбани вили, слободностоечки згради и кули, се интегрирани во компактни кластери. Урбаниот модел ги стимулира интеракциите помеѓу жителите. Заедничките можности и удобности им овозможуваат на заедниците да се среќаваат, да комуницираат и да го споделуваат своето време како дел од секојдневието. Бруто густината на населеност изнесува 68ж/ха, нето густината на населеност е 405 ж/ха. Станбена површина изнесува 30м² по жител.
АРХИТЕКТОНСКИ ПРОЕКТ
Урбаниот блок кој е предмет на разработка е полуотворен блок со самотоечки две згради со катност П+4 кои се поставени долж новопроектираните сообраќајници, на западносеверната страна блокот е сочинет од урбани вили со катност П+4 ката. Овој урбан блок е прототип на образец на раст на останатите структури од планираната урбана зона.
Објектите се слободностоечки со висина на венец од 16 метри и катност од П+4 ката. Во подземното ниво под секој објект на кота -2.88 предвиден е паркинг простор. Во подземното ниво се пристапува од новопланираните улици преку двонасочна рампа со наклон од 18%.
Во приземјето ориентирано кон внатрешниот двор позиционирани се заеднички простории, како остави, заедничка кујна, простор за социјализација, кои се наменети за станарите додека просторите кои се ориентирани кон новопланираните улици се предвидуваат простори како фитнес центар, мини маркет, аптека, кафе бар, едукативен центар, за поголем број на корисници и кои не се станари на урбаниот блок.
Кај блоковите на катовите се предвидени станбените единици, пристапот е решен преку станичен коридор кој е ориентиран кон внатрешноста на блокот. Просторот со комуникациите е отворен и дополнет со простор за социјализација на станарите. Катовите се состојат од два типа на стана. А кај урбаните вили на катовите се предвидени станбените единици, пристапот е решен преку централно скалишно јадро. Секој кат се состои од четири стабени единици со три типа на стана.
Конструкцијата е армирано бетонка со столбови со димензии 40x40cm на растојание од 6m.
Предложениот проект е реакција на последниот предлог детален урбанистички план за оваа урбана празнина, кој по многу основи дополнително го намалува квалитетот на живот во овој дел на градот и во самата урбана празнина која сама по себе веќе е препознатлива по минатото.Проектот како таков нема утописка идеја, напротив земени се околностите и даденостите со кои се соочуваме со цел да се прикаже дека и во оваа урбана празнина може да се зголеми нивото на квалитет на живот ако внимателно и правилно пристапиме, за да се избегне лошото сценариото како на истоимената населба „Расадник“, која граничи од западната страна со расадникот.
Во ова решение како водечки принципи се зачувување на дел од зеленилото и овошките, кои што се главна карактеристика на оваа урбана празнина, и нивно трансформирање во колективен социјален простор помеѓу новата потенцијална заедница и жителите од околните маала. Посебно внимателен е пристапот на релацијата помеѓу урбаното и архитектонско планирање на отворените јавни простори како и на архитектонските простори со хиерахиската поставеност на единка-заедница како најмала и најголема општесвена група, со цел создавање на заедница која како идентитетска посебност ги препознава карактеристиките на оваа урбана празнина, Расадникот.
Автор на статија: Filip Koneski
АФС / Дарко Димовски / Кисела Вода / Магистерски труд / Расадник / Растот на градот и урбаниот природен пејзаж: Случајот на локацијата “Расадник“ / Скопје / УКИМ