Конкурсен труд за основно училиште во Подгорица / k87architects

Година: 2023

Локација: Сити Кварт, Подгорица, Црна Гора

Студио: k87architects

Автори: Мирослав Пејовски, Павел Вељаноски, Максим Наумовски, Тамара Џерков, Фросина Станковска

За студиото: вебсајт / instagram

 

Проектот предвидува јасно дефинирана еднострана позиција на матичните училници, додека активната зона со креативни „соби“ е позиционирана на спротивната страна, кон училишниот двор. Овие просторни релации допринесуваат за доживување на внатрешна живост на просторот, како и создавање на низа микро- амбиенти.

Овој конкурсен труд влезе во shortlist од 116 трудови од 28 земји и е добитник на специјална пофалница (special mention) од жирито за извонреден квалитет на трудот.

 

 

Надворешните простори се организирани така што секогаш се екстензија на внатрешниот простор, целосно претопувајќи ги внатрешните простори за социјализација во школскиот двор. На југ, школскиот двор е разделен во повеќе единици кои се со директен пристап до училниците од прв циклус и функционираат како училници за холистичко учење на отворено.

 

 

Комплексните протоколи на движење и потребата за променливо користење на просторот, што се карактеристични за објект од ваков карактер, се јасно организирани и преплетени, така што е овозможено целиот објект, вклучувајќи ги неговите социјални, педагошки, логистички и еколошки аспекти, да функционира како комплексен жив организам.

 

 

Структурата на училишниот објект следи идентичен репетитивен модул во двата правци. Столбовите се секогаш кружни и се разминуваат со внатрешните преградни ѕидови, со цел да се овозможи флексибилност во организирање на просторот независно од структурната матрица. Структурата на спортската сала е предвидена како рамковска конструкција во истиот модул како и училишниот објект.

 

 

 

Бетонската скелетна конструкција е необработена, а облогите се прочистени до миниум и секогаш со конкретна функционална цел (звучни дифузери, вентилација, осветлување…). Со овој чекор се тежнее визуелно да се олесни просторот, воедно и да намалат трошоците.

Обвивката е од модуларен панелен систем на потконструкција. Систем кој е префабрикуван, достапен и применлив во регионот.