За 9тиот роденден, МАРХ Македонска АРХитектура доделува ПРИЗНАНИЕ на Општина Кисела Вода

МАРХ Македонска АРХитектура веќе 9та година зрачи во интернет просторот. За нас и нашата мисија, во повеќето наврати по истиот повод,  говоревме и пишувавме, но овој пат ќе се воздржиме гледајќи и стремејќи се кон јубилејната прва декада кога се надеваме дека некои од големите цели на МАРХ конечно ќе соопштиме дека сме ги постигнале. До тогаш поддржувајте не и помогнете ја нашата идеја како би успеале да опстоиме во оваа секојдневна надеж за подобро утре.

 

 

Признанието кое во 2024 година ќе прерасне во официјална награда, за 2023 година се доделува на Општина Кисела Вода, со следното образложение:

Страната за промоција на македонската архитектура МАРХ, беше првиот простор каде започна иницијативата и борбата за Расадник. Од тука започнаа анализите, графичките презентации, предупредувањата до јавноста, повиците до Општина Кисела Вода. Нашите текстови секогаш завршуваа со повик за организација на меѓународен архитектонско-урбанистички конкурс. Овој глас беше подлога на која граѓанските организации се повикаа во аргументацијата и борбата за Расадник.  Заедничкиот глас потоа го пренесоа и поголемите медиуми  се додека  не стигна до пошироката јавност.

Прифаќањето на оваа иницијатива, од страна на Општина Кисела Вода, претставува пресврт во македонската пракса, за чиј исход нашата страна се бори скоро цела деценија. Конкурсот е основа на сите добри решенија за јавниот простор, демократски принцип на вклучување на професијата, транспарентен однос со јавноста.

 

 

Распишувањето на меѓународниот архитектонско – урбанистички конкурс во Македонија, прв по постземјотресниот повик за Скопје, слушањето на гласот на граѓаните и професијата претставува нешто кое МАРХ го препознава како вонредно случување.

Прва локална власт која покажа решителност и истрајност, но и отвореност да биде водена од професијата, вклучувајќи ги Архитектонскиот Факултет при УКИМ, Комората на овластени архитекти и инженери како и Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Оваа бескомпромисност очекуваме да истрае до крајот на процесот, конкурсот е првиот од трите чекори ( Идејно решение – Дуп – Реализација)

МАРХ го доделува ова ПРИЗНАНИЕ, како поттик за понатамошни смели чекори, што значи преточување на победничкото решение во Детален урбанистички план за Расадник, изнаоѓање на соодветен начин во менаџирањето со сопственоста и вистинска реализација.

Искуството со Расадник очекуваме да стане пракса за општината, а не исклучок!