Македонскиот павилјон од Венецијанското биенале изложен во претседателската Вила „Водно“

Денес во 13 часот, во претседателската Вила „Водно“ беше отворена изложбата „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“, проект со кој Македонија беше претставена на овогодинешното биенале во Венеција.

 

 

Во свечената сала, се обратија Дита Старова Ќерими, Марија Петрова, професорот Минас Бакалчев и домаќинот, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, кому излагачите му доделија благодарница и подарок – модел од Манастирот Св. Јоаким Осоговски.

 

Претседателот Пендаровски меѓудругото истакна: „ Познавачите знаат дека учеството на венецијанското архитектонско биенале подразбира сериозен авторски и организациски ангажман. Годинава, дефинитивно, бевме соодветно претставени и затоа би сакал да се заблагодарам на авторите, на Министерството за култура, на комесарот на изложбата, на кураторите и на сите кои на било каков начин беа инволвирани во креирањето и поставувањето на изложбата.

Ние не сме голема, моќна и богата земја, но, без каква било дилема имаме традиција, култура, уметност и архитектура на највисоко ниво. Имаме креативци и автори кои имаат што да му кажат и покажат на светот. И сево ова треба да го негуваме и подржуваме.“

 

 

Комесар на проектот е Дита Старова Ќерими, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Гордан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски. За успешна подготовка и реализација, свој придонес дадоа соработниците: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакоимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.

 

 

Носителот на проектот е Здружението за истражување на градот – ГРАДОТ УБАВ Скопје, на чело со претседателот Ива Петрунова, додека покровител на проектот е Министерството за Култура.

 

По свеченото отворање, следеа неформални разговори, коктел и заедничко разгледување на изложбата поставена во холот на претседателската вила.

Повеќе за проектот можете да прочитате тука >>>

Фото: Мартина Штериова