11та Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн во Охрид – УАКС

Овогодинешното 11-то издание на летната школа, одржано од 29 јуни до 6 јули 2024 година, се фокусираше на реевалуација на хотелот „Палас“, архитектонско ремек-дело во распаѓање и национално наследство во Македонија. Студентите истражуваа алтернативни стратегии за ревитализација на хотелот користејќи ги неговите нематеријални квалитети и предизвикувајќи ги конвенционалните стандарди на удобност.

Тутори на летната школа: Куба Снопек (главен тутор), урбанистички дизајнер и писател; Паулина Пага, антрополог и основач на Музејот на станбени населби (МОМ) во Лублин; Магда Заворска, визуелен уметник и пејзажен архитект; Павел Вељаноски (програмски директор на Охридската летна школа) и Максим Наумовски, партнери во македонското архитектонско стидио k87a и асистенти на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Гости предавачи: Иво Лазароски и Ангела Лековска. Фотограф: Стефан Жупан. Поставка на кино Палас: Стефан Назифовски. Останати еминенти учесници: Мартин Деловски, Иван Николовски, Горан Патчев, Мишко Ралев, Никола Дулески и Никола Кунгуловски.

Студенти учесници на Сесија 2024: Анастасија Илоска, Ана Георгиева, Андреј Костов, Аница Цветкова, Дина Јовевска, Елена Брзилова, Елена Огризовиќ, Ѓокче Узгерен, Христина Калкова, Искра Срнка, Ивана Групче, Климент Танески, Мерве Карадабан, Павлинка Јованчева, Ристе Лелов, Сара Ничота и Зорица Ставрова.

Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн во Охрид е организирана од Факултетот за Архитектура и Дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје, со поддршка од Министерството за култура, Амбасада на Република Полска во Скопје и Општина Охрид, во партнерство со Muzeum Osiedli Mieszkaniowych од Лублин, Direction од Варшава; Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид; архитектонско студио Proxy од Скопје и архитектонскиот колектив Архрид од Охрид. Официјални спонзори на овогодинешната сесија се Тиквеш, Рио Компани, Винербергер, Кнауф, Инет, МЗТ Битола и Бекамент.

Во продолжение може да ги прочитате согледувањата и заклучоците од сесијата напишани од Куба Снопек, главниот тутор на 11-та Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид за иднината на модернистичкиот хотел „Палас“.

 

Модернистичката палата на Охрид

 

Единаесеттата меѓународна летна школа за архитектура и дизајн во Охрид се фокусираше на спасување на хотелот „Палас“, модернистичко обележје во Македонија кое со години е затворено. Како обожавател на модернистичкото наследство ја водев летната школа со цел да се пронајдат нови начини за оживување на хотелот и справување со пошироките предизвици за зачувување на модернистичките згради. Следниот текст ги истражува овие предизвици и сознанијата од нашата работа на летната школа.

Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн во Охрид е годишен настан кој се одржува во Охрид, Македонија од 2006 година. Студенти и странски професори се собираат во античкиот град покрај прекрасното езеро за да истражуваат архитектонски предизвици. Овогодинешната 11-та летна школа се фокусираше на хотелот „Палас“- модернистичко ремек дело кое е затворено веќе една деценија. Целта беше да се преиспитаат вредностите на хотелот „Палас“ и да се концептуализираат начини за негово оживување.

 

 Студенти учесници на меѓународната летна школа во Охрид во хотелот „Палас“. Фотографија: Стефан Жупан

 

Бев поканет да ја водам меѓународната летна школа поради мојот долгогодишен интерес за модернистичкото наследство. Пред повеќе од една деценија напишав книга за зачувување на модернистичкото наследство. Оттогаш, постојано се соочувам со истите нерешени предизвици во мојата професионална пракса. Како да ја убедиме јавноста дека модернизмот е наследство? Како да го засноваме зачувувањето на автентичноста кога оригиналните материјали не траат? Како да ја зачуваме социјалната перспектива на модернизмот во свет кој повеќе не споделува прогресивни вредности?

Современите хотели се особено ранливи. Бидејќи се стари половина век, тие спаѓаат во концептуална слепа точка: премногу стари за да ги задоволат модерните хотелски стандарди, но не доволно стари за да бидат сфатени како наследство кое вреди за големи реставраторски инвестиции. Дополнително, нивната едноставна сопственичка структура ги прави лесни за замена. За секој модерен хотел што е зачуван, десетина други се изгубени.

 

Како да го засноваме зачувувањето на автентичноста кога оригиналните материјали не траат?

 

Оние хотели што останаа се држат на нишка носталгија. Таков е примерот со хотелот „Узбекистан“ во Ташкент. Неговата елегантна бетонска brise-soleil фасада сега е најпрепознатливата слика на главниот град на Узбекистан. Меѓутоа, со доаѓањето на клима-уредите таа ја изгуби својата функција станувајќи само скапа декорација. Со супстандардни хотелски соби, неквалитетни градежни материјали и структура која не е доволно флексибилна за глобална реконструкција, кое е оправдувањето да се зачува хотелот освен неговата иконска фасада?

Уште еден пример е хотелот „Краковија“ во Краков. Затворен пред околу една деценија, не може повторно да се отвори како хотел без голема реконструкција на структурата. Сепак, ова е невозможно бидејќи структурата нема флексибилност. Резултатите од минатогодишниот конкурс за пренамена на хотелот „Краковија“ во Музеј на дизајн и архитектура јасно покажаа дека ваквата драстична промена на функцијата неминовно би довела до уривање на зградата и изградба на реплика.

Хотелот „Палас“ ги илустрира сите овие предизвици. Изнаоѓањето решение за оваа зграда би можело да поттикне слични дискусии за други слични објекти. За да се справиме со ова, составивме интердисциплинарен полско-македонски тим. Паулина Пага, антрополог, е позната по концептуализирање на стратегии за зачувување на доцномодернистичкото наследство како директорка на Музејот на станбени населби (МОМ) во Лублин. Павел Вељаноски и Максим Наумовски, партнери во македонското архитектонско студио k87a и асистенти на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, придонесоа со длабоки сознанија за наследството на Охрид и македонската култура. Магда Заворска, визуелен уметник и пејзажен архитект, го даде многу потребниот увид во природниот контекст на Палас.

Контекст

Хотелот „Палас“ е изграден од Едо Михевц во 1950-тите, во екот на модерната архитектура. Сместен помеѓу брегот на Охридското езеро и Стариот град тој претставуваше скок во модернизмот. Во неговиот главен дел од пет ката покриен со едноставна бел мермерна фасада се сместени хотелските соби. Околу него се наоѓаа пониски делови со фоајеа, сали за бал и други погодности. Хотелот „Палас“ се протегаше кон езерото со градини и јавно пристаниште.

 

Поглед на Охрид во средината на XX век со хотел Палас во преден план.

 

Со текот на годините хотелот „Палас“ претрпе неколку трансформации. Додаден е ресторан од стакло-алуминиум. Оригиналната тераса на покривот беше заменета со повеќе соби. Во 1980-тите, ентериерите на фоајето добија ексцентрично преуредување. Пристаништето периодично ја менуваше својата форма и функција. Сепак, најголемата промена не беше архитектонска. Првично управуван и одржуван од државата, во 1999 година хотелот „Палас“ беше приватизиран. Во 2010 хотелот се затвори и сега е во состојба на неизвесност.

Новиот сопственик го смета хотелот „Палас“ за морално застарен. Собите се премали, хотелот нема модерни погодности, висините на таваните спречуваат инсталација на климатизација, а фасадите не обезбедуваат соодветна изолација. Поправката на овие проблеми бара длабоки структурни промени што би претставувало предизвик. „Палас“ не е во согласност со современите сеизмички норми. Изграден непосредно пред разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година, структурата на хотелот не ги исполнува ажурираните безбедносни прописи што следеа. Обновувањето за усогласување со овие норми би било многу скапо.

Меѓутоа, властите за заштита го сметаат хотелот „Палас“ за наследство. Еден од клучните аргументи за неговото зачувување е автентичноста на неговата структура и фасада, со извонредно висок процент од оригиналниот материјал од 1950-тите сè уште недопрен – за разлика од многу други згради од тоа време. Иронично, оваа иста структура не е во согласност со сеизмичките норми и го оневозможува исполнувањето на современите хотелски стандарди.

Оваа контрадикција е сржта на проблемот со хотелот „Палас“. Морално и структурно застарен, хотелот не може да функционира, а заведен како наследство поради неговата автентичност, не може да се обнови како што посакува сопственикот. Летната школа имаше за цел да најде концептуално решение од оваа безизлезност преку предизвикување на стандардот за пет ѕвезди, нормите за зачувување или и двете.

Согледувања од летната школа

Главниот дел од летната школа беше фокусиран на преоценување на вредноста на хотелот „Палас“. Студентите го посетија хотелот, анализирајќи ја неговата архитектура, урбана средина, уредување на пејзажот и внатрешниот дизајн. Тие ги разгледаа оригиналните проекти и промените кои ги претрпе хотелот, спроведоа интервјуа со луѓе кои го посетиле во златните времиња и проучуваа весници и филмови од тоа време.

Вториот дел вклучуваше развој на нови алатки и пристапи за репроектирање, надминувајќи ги претходно достапните опции. Некои студенти ги истражуваа постоечките стратегии за зачувување и стандардот за пет ѕвезди, додека други го истражуваа архитектонскиот јазик на хотелот „Палас“ и можностите за модернизирање на неговите градини, ентериери и пристаниште.

Создавањето целосна стратегија за зачувување очигледно беше надвор од опсегот на летната школа. Таквата работа би барала тим од професионалци со месеци или години ангажман. Сепак, од истражувањето произлегоа три главни сознанија кои нудат свежа перспектива на познатите проблеми и имаат моќ да инспирираат понатамошна дискусија.

  1. Универзумот Палас

Првото големо согледување го предизвикува нашиот пристап кон вреднувањето и зачувувањето на хотелот „Палас“. Тој не е само уште една историска зграда што треба да се зачува поради нејзините волумени и фасади. Наместо тоа, тој е уникатен и целосен проектантски универзум сам по себе – тотално уметничко дело кое ги спојува архитектурата, уметничките елементи, внатрешното уредување, графичкиот дизајн и уредувањето на пејзажот. Оваа богата комплексност е токму она што е уникатно за архитектурата на „Палас“. Тоа е исто така она што создава искуство слично на палата кое генерира спомени кои предизвикуваат носталгија и поддршка за зачувување на хотелот.

 

Величествените ентериери на хотел Палас. Фотографии: Стефан Жупан

 

Зачувувањето на овој „Палас“ универзум е од национално значење. Студентите открија дека „Палас“ е поврзан со поширок контекст. Материјалите користени во неговата изградба доаѓаат од цела Македонија. Боите и текстурите се инспирирани од локалната природа, особено од фауната. Карактеристиките како играта на светлината, просторите со двојна висина и терасите во форма на чардак ги рефлектираат локалните градителски традиции. Хотелот „Палас“ ја опфаќа суштината на градот Охрид, Охридското езеро и Македонија.

Хотел „Палас“ ја опфаќа суштината на Охрид, Охридското Езеро и Македонија.

Ова откритие има неколку импликации за стратегијата на зачувување:

Прво, универзумот „Палас“ е најживописно изразен преку неговите ентериери и градини, а не само преку фасадите. Автентичните ентериери на приземјето треба да се зачуваат, вклучувајќи што е можно повеќе оригинални декоративни елементи. Слично, старите камени елементи на градините и непречената врска помеѓу внатрешните и надворешните простори – како големите прозорци, терасите и перголите – треба да бидат заштитени.

 

Ентериерите на хотел „Палас“. Фотографии: Куба Снопек

 

Второ, зачувувањето треба да се фокусира на моменталната состојба на хотелот „Палас“, а не само на оригиналните елементи на дизајнот. Ентериерот сега содржи најмалку два архитектонски стила: воздржаниот модернизам од 1950-тите и ексцентричниот постмодернизам од 1980-тите. И двата стила придонесуваат за богатата палета на бои, текстури и материјали, подеднакво се важни за одржување на универзумот „Палас“ и треба да бидат заштитени.

Трето, овој пристап не значи дека зградата треба да остане статична. Напротив, тој поттикнува додавање на нови слоеви во иднина кои ќе се вклопат во постојното тотално уметничко дело. Ова бара кодификација на „Палас“ универзумот во палети, каталози и упатства, но истовремено овозможува хотелот „Палас“ да еволуира и да стане покомплексен и пософистициран со текот на времето.

Конечно, истражувањето на студентите откри помалку траги од универзумот „Палас“ над приземјето. Во споредба со карактеристичното приземје, горните делови на хотелот изгледаат генерички и предвидливи. Уникатните карактеристики како Корбизје терасата на покривот и големите прозорци се изгубени низ различни реконструкции. Овде се поставува суштинско прашање: дали фокусот треба да биде ставен на зачувување на автентичниот бетон и челик на горните катови или на оригиналното интелектуално наследство на приземјето?

 

Студии за бои, текстури и материјали на хотел „Палас“. Фотографии: Стефан Жупан

 

  1. Охридското пристаниште

Второто согледување открива дека зачувувањето на дел од јавниот карактер на „Палас“ е клучно. Во спротивно неговата вредност за заедницата и за сегашниот сопственик ќе биде изгубена. Како и повеќето модернистички згради од својата ера, хотелот „Палас“ е создаден од држава со социјалистичка агенда. Како резултат на тоа, прогресивните идеи на зградата се вкоренети во нејзината архитектура и не можат да се одделат од неа.

 

Јавното пристаниште на хотел „Палас“ во средината на XX век.

 

Од своето основање, хотелот „Палас“ беше центар на јавниот живот во Охрид. Хотелот беше намерно поместен од Охридското езеро, создавајќи комплексен отворен простор што ги поврзува терасите и градините на хотелот со брегот и градскиот парк. Оваа врска беше дополнително засилена со големото јавно пристаниште кое се протегаше во езерото.

Овој урбан проект, составен од градини, брег и пристаниште, беше внимателно поделен на повеќе јавни и приватни зони, истовремено овозможувајќи интеграција и раздвојување на луѓето. Според собраните спомени и историски материјали, оваа обмислена интеграција на хотелот со урбаната средина им служеше и на гостите и на жителите. Таа создаде уникатен спој на урбани искуства и искуства за одмор што современите хотели не можат да ги реплицираат.

Интеграцијата на хотелот со градот создаде уникатен спој на урбани искуства и искуства за одмор што современите хотели не можат да ги реплицираат.

Начинот на кој функционирал овој простор еволуирал со текот на времето. Пристаништето, оската хотел-езеро и границите помеѓу јавните и приватните простори постојано се прилагодувале. Она што останува јасно е дека јавните простори околу хотелот се од суштинско значење за неговата вредност. Оригиналниот дизајн вешто ја балансира интеграцијата и одвојувањето. Добро испланираните отворени простори го прават хотелот урбана дестинација, додека истовремено им ја овозможувааѕ на гостите потребната приватност. Пристаништето е централната точка на овој дизајн, овозможувајќи им на гостите директен пристап до Охридското езеро – главната причина за нивната посета.

 

Остатоци од пристаништето. Фотографија: Павел Вељаноски

 

Доколку оваа нијансирана транзиција од јавни во полујавни и приватни простори се замени со едноставна ограда и новиот сопственик и охриѓани ќе изгубат нешто значајно. Ова води до клучно сознание: секоја стратегија за зачувување на хотелот „Палас“ мора да вклучува заедничка визија за ревитализација на околните отворени простори, јавни и приватни. Остварувањето на оваа цел бара активна улога од страна на општината во процесот на реконструкција.

III. Подобро да поседувате Палата отколку хотел со 5 ѕвезди

Третото сознание се фокусира на она што навистина носи вредност во хотелите со пет ѕвезди. Иако основните работи како пространи соби, висококвалитетен мебел, широк спектар на погодности и врвни услуги се неопходни за удобност и одржување на конкурентноста, вистинскиот двигателот на вредноста е уникатното искуство. Тоа е она што ќе привлече посетители кои плаќаат висока цена и ќе го издвои хотелот од конкуренцијата во места како Италија, Хрватска или Турција.

Интересно е што хотелот „Палас“ веќе има таква уникатна карактеристика. Неговото име не е само метафора – зградата е буквално палата, иако модернистичка. Од висококвалитетните материјали и величествените сали за бал до градините и лустерите, архитектонскиот стил јасно го пренесува карактерот на палата.

 

Ентериер на хотелот налик на палата. Фотографии: Куба Снопек

 

Овој дизајн беше намерен. Зградата е создадена за да одрази социјален договор каде хотелот „Палас“ ќе ги облагороди своите гости, дури и само за краток одмор. Како дел од нивниот пакет за одмор, гостите ќе уживаат во дотерување, дружење во мермерни ентериери, слушање рафинирана музика и пиење елегантни коктели.

Овој квалитет налик на палата, кој се рефлектира во фоајето, терасите и градините на зградата, е она што создаде трајни спомени. Нема причина зошто овие елементи да не го имаат истиот ефект и денес. Затоа, создавањето на прецизна и нијансирана стратегија за зачувување сопственикот треба да го гледа како можност за максимизирање на вредноста на зградата.

Реновирањето на хотелот со поголеми соби и повеќе погодности е важно за да се исполнат сегашните стандарди. Сепак, уште поважно е јавноста да ја гледа зградата како вистинска модернистичка палата, а не само како хотел. Ова уникатно позиционирање ќе направи зградата да се истакне како единствено искуство, без оглед на погодностите или големината на собите.

Поседувањето на вистинска палата, дури и модернистичка, е повредно од едноставно поседување хотел.

Во архитектонска смисла, ова значи истакнување на елементи кои сугерираат престиж и статус. Ова може да вклучува зачувување на величествени стари дрвја, изложување на автентични стари камења и зачувување на старите перголи кои постепено се обраснати со зеленило, претворајќи се во налик на антички урнатини. Вниманието на овие детали при повторниот развој ќе биде во најдобар интерес на сопственикот.

Модернистичка палата е интригантен парадокс. Модерната архитектура се појави приближно во исто време кога европските монархии почнаа да слабеат. Затоа јавната перцепција сè уште ги поврзува палатите со историските стилови. Сепак, ова не е сосема точно. Некои социјалистички земји изградија палати за народот: отворени за јавноста од првиот ден, дизајнирани во модерен стил, но вкоренети во долгата традиција на европските палати. Овој факт не е широко препознаен и ја ограничува перципираната вредност на хотелот „Палас“.

Промената на погрешното верување дека модернистичка зграда не може да биде палата или дека палатата не може да биде модернистичка, може значително да ја зголеми вредноста на хотелот „Палас“. Конечно, поседувањето вистинска палата, дури и модернистичка, очигледно е повредно од едноставно поседување хотел.

Заклучок

Целта на летната школа беше да се преиспитаат клучните претпоставки кои ја забавуваат обновата на хотелот „Палас“. Разгледувајќи го со свежи очи, ослободени од комерцијални интереси или југоносталгија, студентите открија потенцијални патишта за решавање на застојот.

Прво, нивната работа сугерира пренасочување на фокусот на зачувување од екстериерите кон ентериерот и од буквално разбирање на автентичноста кон вреднување на уникатноста што произлегува од оригиналноста на дизајнот.

Второ, го оспорува заедничкото верување дека она што се случува на приватно земјиште не е грижа на општината. Охрид значително би загубил доколку територијата на „Палас“ биде оградена од јавните површини. Интересно, поради својот дизајн, хотелот би изгубил уште повеќе од таквото одвојување.

Трето, зградата отсекогаш била и продолжува да биде многу повеќе од само хотел. Менувањето на јавната перцепција за таа да стане извор на гордост и престиж и за сопственикот и за граѓаните на Охрид е клучен дел од секоја стратегија.

 

Bottom of Form

Поговор

Поминав една недела во Охрид, разговарајќи со архитекти, активисти, студенти, новинари и други професионалци. Сите со кои разговарав за зачувувањето на хотелот „Палас“ беа скептични. Повеќето не веруваа дека може да се реконструира без да ја изгуби својата душа или, во најлош случај, да биде уништен. Го разбирам скептицизмот, шансите за успех мали.

Пред повеќе од една деценија, помогнав да се иницира дебатата за зачувување на модернизмот. Мојот глас беше еден од многуте кои тврдеа дека модернизмот треба да се смета за наследство, нудејќи идеи како да се постигне тоа. Овие идеи од раните 2010-ти не го запреа, ниту забавија бришењето на модернизмот. И покрај овие напори, мојот град, Варшава, оттогаш ја изгуби речиси секоја модернистичка зграда што ја ценев. Тие беа урнати, привремено демонтирани и никогаш не беа обновени или беа реконструирани на начин што ги прави да изгледаат како пародии. Ситуацијата е слично мрачна и во другите градови.

Фундаменталната причина за овој широко распространет неуспех е што ваквите проекти бараат и јавните и приватните чинители да работат заедно. Модернизмот беше инхерентно јавен, додека денешната архитектура е претежно приватна. Реконструкцијата мора да биде јавно-приватен напор за зачувување на вредноста додека се обезбедува профит. Создавањето платформа за таква соработка и градење доверба е тешко. Наоѓањето на бизнис модел кој поддржува ваков проект е уште потешко. Пронаоѓањето фер договор кој ги задоволува потребите на сите и ги неутрализира ризиците е најтешко од се.

Но, тоа не е невозможно. Во 2023 година, хотелот „Лас Салинас“ во Ланзароте, дизајниран од шпанскиот архитект Фернандо Игуерас и изграден помеѓу 1973 и 1977 година, претрпе значително реновирање и ребрендирање. Реновирањето вклучуваше целосно преуредување на сите простори и реновирање на погодностите со задржување на оригиналната архитектура.

Реконструкцијата го зачува модернизмот со причина: тоа беше дел од стратегијата на сопственикот за изградба на уникатен бренд. Со реновирањето беше задржана бетонската конструкција на Игуерас. Исто така беа зачувани базенот, тропските градини, фреските и скулптурите на Цезар Манрике, познат уметник роден во Ланзароте. Со други зборови, внесувањето на зградата во листата на уметничко и културно наследство и нејзината врска со локалната култура станаа дел од бизнис стратегијата.

 

Хотел „Лас Салинас“ во Ланзароте, реновиран во 2023 година. Фотографии: Куба Снопек

 

Ситуацијата со хотелот „Лас Салинас“ е единствена. Таа вклучуваше усогласување помеѓу јавните цели – зачувување на хотелот – и деловните цели – создавање на препознатливо архитектонско искуство. Најверојатно овој конкретен бизнис модел нема да функционира за хотелот во Охрид.

Но други бизнис модели може да функионираат. Не верувам во враќањето на „Палас“ (или модернизмот воопшто) во неговата 100% првобитна состојба. За тоа би била потребна јавна сопственост и управување, што повеќе не е изводливо. Наместо тоа, поддржувам хибридна стратегија за зачувување каде модернистичките компоненти се пренаменуваат за нови комерцијални намени додека остануваат достапни за јавноста. Иако овие стратегии тешко се развиваат, може да дадат неверојатни резултати.

Куба Снопек е урбанистички дизајнер и автор на книги за уметност, архитектура и наследство. Тој е Фулбрајт стипендист со дипломи за просторно планирање од Технолошкиот универзитет во Вроцлав, Развој и дизајн на недвижности од УЦ Беркли и Заштита од Институтот Стрелка. Од 2018 до 2021 година, Куба беше програмски директор на Архитектонскиот факултет во Харков. Тој ја основа Direction, консултантска фирма која создава брендови, дизајнира дестинации и развива стратегии и концепти. Куба работи со јавни, приватни и организации од третиот сектор, поврзувајќи ги овие сектори во понудата на нови решенија.